Се гордеам!

09.05.2016 17:00
Се гордеам!

Се гордеам со своите студенти Марко, Дамјан, Стефана, Јоана, Ангелина... и Трена, кои од првите студентски протести до денес, мрзнат, накиснуваат, пропешачија круг околу земјата, организираат настапи, перформанси, држат транспаренти и стојат во првите редови пред полицијата.

Се гордеам со мојот професор Томислав Зографски кој единствен јавно ме поддржа во 1999 година кога го откажав изведувањето на мојот ораториум Радомировиот псалтир на отворањето на фестивалот Охридско лето и функцијата претседател на Советот за култура заради несогласување со културната политика на Министерството за култура.

Се гордеам што во 2004 година ме избркаа од Министерството за култура како претседател на Комисијата за музичка дејност, бидејќи барав сите подносители на барања за средства јавно да презентираат за што ги бараат и колку бараат, и јавно да дадат отчет како ги потрошиле средствата добиени во претходната година.

Се гордеам што во 2011 година Министерството на култура не им даде средства за пишување на Двоен концерт за виолина и пијано и симфониски оркестар на Љубиша и Маја Кировски, кој и без тоа го напишав и беше изведен во 2012 година.

Се гордеам што во последните десет години напишав 3 концерти, увертира, 4 сонати, кантатата „Т’га за југ“, и уште неколку дела, сите без денар, без нарачка од СОКОМ, без пари од конкурсите на Министерството и од ниту една институција во земјава и во странство, и што тие се изведуваа и сè уште се изведуваат надвор од земјава без никаков хонорар, освен вообичаените тантиеми што по автоматизам ги собира ЗАМП.

Се гордеам што мојот Ретроспективен концерт 2012, по повод мојот 60-ти роденден, си го подготвив и изведов сам како мултимедијален проект, бидејќи со бруто 50.000 денари (трошка спрема парите што ги добиваат македонските музички величини) кои СОКОМ ги побара од Министерството (без да ме праша), едвај се покриваат трошоците за сала, плакат, програм (на кој, разбирливо, од СОКОМ е ставено Министерството), проектор, штимање итн.

Се гордеам со архивот BuzAr и неговите 14 дигитализирани колекции, 120 снимени концерти, огромен број снимени документарни видеа и филмови, што во последните десет години, а и пред тоа, поддржуван од ентузијазмот на моите студенти, без денар се одржува на најстариот сајт во Македонија за музика (основан 1997) и ја чува и ја слави македонската музичка култура.

Се гордеам што напишав 4 книги („Истражувачки методологии“, „Историја на естетиката на музиката“, „Музикономија“ и „Сонологија“) кои се објавија во Србија.

Се гордеам што во Министерството за култура во последните 10 години не поднесов лично ниту едно барање за средства, и само двапати се појавува моето име во нивните годишни програми за финансирање, еднаш со бруто 50.000 денари за Ретроспективниот концерт во 2012 година и еднаш со патни трошоци за конференција во Марибор во 2012 година, од вкупно бруто 25.376 денари. Се гордеам што во 2011 година замолен од мојот пријател Данило Коцевски, без никаков хонорар ја напишав и ја диригирав кантата „Т’га за југ“ на 50-годишнината на Струшките вечери на поезијата.

Се гордеам што после 6 години битки со Министерството за култура во 2013 година си поднесов оставка на функцијата претседател на Собранието на ЗАМП заради несогласувањето со политиката на Министерството за култура и катастрофалните промени во Законот за авторски и сродни права во која никој не ме следеше.

Се гордеам што не сум дел од претседателството на СОКОМ – Сони, Марко, Јана, Валентина, Бранка, Кокан, што на отворен демант дека лажат немаат што да напишат освен да вртат едно старо писмо во кое поучуваат дека се еснафско здружение и дека имаат контрапротестанти во членството (баш би сакал да знам кои се).

Се гордеам што СОКОМ уште пред 10 години не ја поддржа кандидатурата за МАНУ која ја поднесе ФМУ, ниту следните 3 кандидатури поднесени од Одделението за уметности во состав на МАНУ, во кои во сите славно пропаднав (на мое големо задоволство, бидејќи јас сам ниту се предлагав, ниту лобирав да ме предложат, а последните пати воопшто не ни стапнав во МАНУ, посебно да однесам дела за нивната изложба на предложените кандидати).

Се гордеам што 10 години паралелно предавам на Универзитетот во Ниш, како и со Почесниот докторат од Универзитетот од Ниш, посебно што беше единствен во годината во која прославуваа 50 години.

Се гордеам што немам ниту една македонска државна и локална награда и што особено во последниве 10 години не седам во ниту една државна комисија и одбор. Многу се гордеам со моето семејство, Елени, Румена и Стефан, кои дури се и пред мене во борбата против неправдата, дискриминацијата и уништувањето на културните и човековите вредности.

И на крајот, најмногу се гордеам со сите оние храбри, чесни и достоинствени луѓе кои првпат во современата историја на Македонија, 10 години, и најмногу последниве две години, без интереси да си ги сместат во иднина задниците на топлите фотелји, без да релативизираат дека сите се исти и да седат во моментов малку ваму, малку таму, безимени, шпартаат по скопските улици, верувајќи во доброто и иднината на Македонија.

Димитрије Бужаровски

9 мај 2016 година

Извор: buzar.mk

ОкоБоли главаВицФото