1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Длабок рез во ткивото на нашето општество се прави сега, за да се одвои здравото од болното ткиво. Рез во културолошка смисла! Острата болка ни го враќа чувството дека сме живи.
Не смееме да ги заборавиме пречките кои нè блокираа на патот кон промените, значи, да ù прогледаме низ прсти на потчинетоста кон лажните вредности и авторитети. „Се работи за моќта и продавањето на моќта, додворување на диктатурата и секако за пари, многу пари...“ (Љ.Фрчкоски, Гуслари на екуменизмот). Ако тежнееме кон нов почеток, тоа тапо живеење и продавање на својот идентитет и интегритет за ситни, (па богами и за крупни) пари добиени од Министерството за култура (за откуп на дела, субвенции за хитови на „ѕвезди“, финансирање на мали и големи проекти, да не зборувам за нарачките за СК014, со противуслуга: 1. Молк, 2. Индиферентен став „Сите се исти“ 3. Или, просто себичен однос и незаинтересираност за општото добро на заедницата и слично) не смее да помине.
Зошто е битен овој момент? Битен е затоа што ни станува јасно дека во уметноста, ако не се стремиме кон Идеал, во
морална и етичка смисла, што веќе се изедначува и со естетската смисла, нема уметност. Во самата суштина на УМЕТНОСТА е ИДЕАЛОТ (мојата дефиниција за уметност).
ИДЕАЛ е ПОВИСОКА, ВОЗВИШЕНА СОСТОЈБА, нешто што е суштина на СЕБСТВОТО, ИДЕНТИТЕТОТ. Кај Идеалот нема компромиси. Ако ние, човечките суштества, сакаме да влеземе во повисок статус, во тој премин ние полагаме тест, кој се состои од жртвување на пониската природа за повисока. Сакам да кажам дека во таа точка нема трета опција: или се влегува во повисок статус, со победа над лажните вредности (на пониската природа која се крие зад кариера, слава, амбиција, кои во овие услови добиваат форма на опуртунизам, клиентелизам итн.) или следува морална деградација. Бидејќи статус кво нема, статус кво е илузија, барем во таа точка на прекршување!
„Се работи за тоа дека продавајќи се на диктатурата на сите нас другите колку и да сме, а многу народ сме, ни ја отежнуваат борбата бидејќи ја легитимираат диктатурата. НЕЈЗИНАТА ТВОРЕЧКА ЈАЛОВОСТ ЈА ОРНАМЕНТИРААТ СО СВОИТЕ ПРОДАЖБИ, ТИЕ СЕ НИВНИТЕ СВАРОВСКИ КРИСТАЛИ. Го прават 'човечкиот лик на диктатурата', прават таа да не остане само на своите битанги туку да добие превез на нормална, прифатлива, меинстрим културна продукција.“ (Љ.Фрчкоски)
Таа појава ни ја отежнува борбата бидејќи креира негативна енергија, негативно вртење, која колку и да се трансформира, на чудовишен начин се самообновува (за што пишував во текстот „Што се крие(ше) зад ирационалниот страв“).
Ова мораме да го потенцираме за да разбереме зошто професорот Фрчкоски, новинарот Тричковски и други јавни личности жестоко го осудуваа поведението на некои уметници, писатели или јавни личности. А во овој момент уште побескомпромисно правејќи го тоа, небаре е прашање за живот или смрт. Бидејќи навистина ни се поставува прашањето за Живот или Смрт. Мотивот на жестоката критика треба да се сфати во тоа светло, не како израз на егоизам, суета или злопамтење. Баш затоа што некои наши интелектуалци се ослободени од егоизам и злопамтење ја преземаат најнеблагодарната улога на СОВЕСТ, која во клучен момент треба да направи рез и да разграничи што е здраво, а што нездраво, што е битно, а што небитно. За среќа.
Мора остро да се повлече длабок рез меѓу здравото и болното ткиво, рез со кој ќе се одвои претходното несовесно, патолошко, декадентно, или просто игнорантско, индиферентно постоење од новото постоење. Мора јавно, јасно и гласно да се откажеме од некои негативности, за да не се провлечат, за да не преживеат и сета оваа наша борба да не го постигне саканиот ефект –преобразба на општеството и прогрес. Акутна болка чувствува нашето општество во оваа преодна фаза, сè до конечното заздравување. На таа линија е преобразбата. А само вистинското заздравување болката природно постепено ќе ја трансформира во радост. Така ќе знаеме и ќе ни биде сосема јасно дека сме постигнале квалитативна промена.
„Потребата од морална дистанца од нивниот став кон моќта и нивната алчност е елементарно прашање на правда на новиот почеток.“ (Фрчкоски)
Новиот однос, новата поставеност кон моќта и алчноста, е линијата на која се трупаат сите светски ломови за влез во повисок статус. Значи, не само кај нас!
Слики: Татјана Миљовска