Автентичниот антифашизам може да биде само социјалистички

10.05.2016 15:35
Автентичниот антифашизам може да биде само социјалистички

Подрачјето на поранешна Југославија, како европска периферија, но и како регион кој во буквална смисла проаѓа низ бирократски и технички процес на интеграција во заедницата на европските народи, по автоматизам го држи погледот насочен кон Европа како бастион на прогресивните вредности. Во светлото на сеприсутната политизација на антифашизмот, политиката на симболиките во контекст на геополитиката и политиката на рехабилитација, мора од критичка дистанца да се погледне токму кон Европа и кон видот на нејзиното антифашистичко наследство.

Die Hilfsgemeinschaft auf Gegenseitigkeit der ehemaligen Angehörigen der Waffen-СС (HIAG) било таканаречено традиционално здружение кое 1951 година го основале поранешните офицери на СС. Нивната цел била целосна рехабилитација на војниците и офицерите припадници на Вафен СС, како на нивниот углед во општеството така и во форма на правно изедначување со војниците од Вермахтот, што подразбира и пензиски привилегии. Значењето им било толкаво што во рамки на здружението за заштита на ветераните и регуларната германска војска имало пресудно влијание. Ако воопшто постои повчудоневидувачки факт од самото постоење на таква организација, за која повеќето историчари и не знаат, тогаш тоа е нивната глорификација на таканаречените Тотенкоф единици, како подоцнежни елитни формации кои од самиот почеток на владеењето на нацистите биле најбрутални и одговорни за управување и организација на нацистичките логори на смртта. Во повоена Германија дури и децении подоцна одржувани се собири и церемонии на ветераните под знамиња и униформи со ноторни мртовечки глави.

Склоноста на десниот центар кон кокетирање со нацистичките сентименти – Конрад Аденауер не само што ги рехабилитирал поранешните нацисти, туку ги поставил на најодговорните места во својата администрација, или подоцна Курт Георг Кизингер, уште еден поранешен нацист кој стигнал до местото канцелар – е политички очекувана, но што се случувало во тој период со левиот центар? Хелмут Шмит, подоцна канцелар, омилен кај целиот народ, ветеран на Вермахтот, од почетокот на својата кариера од редовите на СПД бил задолжен за контактите со HIAG. На еден нивен собир истапил како говорник, истакнувајќи дека во борбата „секогаш имал посебна самодоверба кога пред него се бореле СС-овците“.

Германски генерали заробени во Словенија, мај 1945

Она што е интересно за разбирање на политичките процеси и политизацијата на историјата, а релевантно за поранешна Југославија, е блискоста на HIAG и сличните организации со најголемите партии од повоена Германија. СПД, како партија со наводно лева, антифашистичка ориентација, не флертувала политички помалку од конзервативните ЦДУ и ЦСУ и не правела помали отстапки за ветераните на СС, сметајќи на политичката поддршка на нивното членство. Тоа е уште една приказна за лицемерието и опортунизмот на политиката и за видот на германскиот антифашизам. Но, уште поважно, за тоа колкави размери имала јавната наклонетост кон СС, е тоа што со децении успевале да ги уценуваат политичките партии. Најпосле, ветераните на СС, значи организацијата која во Нирнберг беше прогласена за злосторничка, од самиот почеток биле правно изедначени со регуларната војска, Вермахтот.

Партиите од таканаречениот лев центар во Европа, кои важат за антифашистички, всушност опортунистички најмногу придонеле за прифатливоста и нормализацијата на фашизмот. Тоа не зачудува, знаејќи за првобитното предавство на социјалдемократијата, која достигнува до почетокот на 20 век и Првата светска војна, односно до спојот меѓу национализмот и империјализмот. Во Германија веќе постои континуитет – споменатиот Хелмут Шмит кој го имал прекарот „Војнички Социјалист“ е само еден во низата – која почнува од ревизионистите од почетокот на 20 век и Фридрих Еберт, продолжува преку Вили Брант кој се пресметал со шеесетосмашите, единственото движење кое искрено сакаше да расчисти со фашизмот, сè до Шредер, Јошка Фишер и денешниот лев центар предводен од Тил Саразин, кој прв го разби табуто за демографската загрозеност на германското етничко битие од странците.

Сето ова се случува во Германија, која би требало да биде морално-историска авангарда на развиениот свет и парадигма на сопственото соочување со грдото минато, односно во земјата која има најригорозни закони против говорот на омраза и негирањето или релативизацијата на холокаустот. Денацификацијата беше запрена заради студената војна и тука повторно се согледува опортунистичкиот пристап. Меѓу другото, односот кон злосторствата може да се види и во фактот дека повеќето Германци по процесите од Нирнберг имале став дека се работи за победничка правда и децении потоа барале таканаречен SchluSSstrich, односно дефинитивен биланс и раскинување со своето нацистичко минато, не посветувајќи внимание на големиот број неосудени злосторства.

Ова е повторно релевантно за односот кон соочувањето со војната на просторот на поранешна Југославија и хашките судења, каде токму Европа и нејзините правни институции бараа од малите завојувани „балкански племиња“ бескомпромисно и неодложно процесирање. Коментаторите, хроничарите и историчарите не сакаат да кажат дека неподготвеноста на германската јавност за денацификација била толкава што таканаречените процеси за Аушвиц се случиле дури во шеесеттите и седумдесеттите години, а фамозниот Historikerstreit, односно јавната полемика на германските историчари, од кои некои оделе толку далеку што тврделе дека холокаустот е последица на гулазите на Сталин, се случувала во средината на осумдесеттите и претставува најеклатантен познат пример за европскиот ревизионизам. Токму во времето кога Хелмут Кол и Роналд Реган во Битбург заедно положија цвеќе на гробот на СС-овците, каде рехабилитацијата на крајно перверзен начин доби дури меѓународна димензија.

Диверзија на словенечки партизански единици на пругата Љубљана-Трст, 1941

Како изгледа тоа во Франција, како уште една земја која е дел од темелот на модерна Европа и нејзините вредности и која заедно со Германија се смета себеси за создавач на Европа каква што денес ја познаваме?

Франсоа Митеран, кој остана запаметен како загрижениот „социјалист“, а не како министер за колонијални работи и еден од косоздавачите на ноторната француска доктрина, дури и кога би носел цвеќе на гробот на Петен тоа никогаш не би било доволно голем мотив за детабуизација на француското минато. Заедно со Де Гол, Митеран ги одликуваше поранешните вишиевски полицајци кои се одговорни за депортацијата на Евреите, Пол Тувие, Рене Буске или Морис Папон. Значи, не ги задржувала само повоена Германија поранешните нацистички функционери на државни места, во политиката, економијата или пак систематски ги премолчувала биографиите на одредени луѓе. Повоената, колонијалистичка Франција и заради својот антиатлантизам на толку глорификуваниот Де Гол, имала политичка практика слична на онаа во Западна Германија.

Поранешните службеници од воените и безбедносните структури на нацистичкиот апарат на смртта првенствено завршувале во тајните служби на западните сили, додека научниците кои му служеле на нацизмот и создавањето оружје за масовно уништување, биле ангажирани во проектите главно на американската воена индустрија. Поранешните истакнати нацисти добивале азил во земјите од западниот блок, дури и кога не биле потенцијално политички корисни. Фактот дека многумина од нив умирале во длабока старост или не можело да им се суди заради годините, повторно укажува на вистинската природа на антифашизмот во демократските земји. Примерите на Германија и Франција се најиндикативни и покажуваат, покрај политичкиот опортунизам, каква е природата на декларативниот антифашизам. А, можевме да споменеме и која било друга земја од таканаречената стара Европа: Франциско Франко во Шпанија и Салазар во Португалија за огромен број луѓе и денес имаат статус на херои и патриотски државници.

Во почетокот на деведесеттите, со распадот на СССР, доаѓа до отворено изразување на нацистичките сентименти во некогашните земји членки на тој сојуз. Балтичките републики, интегрирани во европската политичка, економска и културна орбита, непречено го слават своето нацистичко минато и гордо го истакнуваат служењето во СС. Во Естонија веќе постои традиционален собир на ветераните на СС од Шведска, Норвешка, Австрија, Германија и другите прибалтички земји. Не треба да се заборави дека во тие единици служеле главно доброволци, значи оние кои идеолошки помалку или повеќе биле определени за нацизмот, без разлика колку тој и да имал и локални карактеристики на антисоветизам.

Борци на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, 1944

Сето тоа се одвива под покровителство на државите, како што е во естонскиот случај, или со премолчено одобрување. Естонскиот парламент веќе долго подготвува закон кој треба да ги прогласи СС единиците за „борци за слобода“. Украинската Слобода, која го сврте меѓународното внимание кон себе со војната во Украина и нацистичката иконографија, исто така е една од перјаниците на неонацизмот и рехабилитацијата на поразените нацисти. Уште пред украинската криза и војната, на западот од Украина се одржуваа маршови во слава на галициските дивизии Вафен СС. Еден страшен куриозитет кој се однесува на балтичките земји е тоа што не осудија ниеден нацистички злосторник.

Оживувањето и рехабилитацијата на фашизмот добија ветар во грбот со одлуката на Парламентот на ЕУ со која се изедначуваат злосторствата од нацизмот, односно холокаустот, и оние комунистичките. На тој начин појавувањето на нацистичките сентименти и нивната мобилизација во земјите на границата со Русија немаат фашистички карактер, туку антикомунистички, антисоветски, односно антируски. Ова, во контекстот на новите империјални игри околу Русија, добива посебно значење и заради тоа Западот е подготвен дополнително да ги толерира изливите на јасниот неонацизам.

Истиот тој 8 односно 9 мај 1945 година, кога е потпишана капитулацијата на нацистичка Германија, што денес се слави како Денот на Европа, на северот од Африка, во алжирскиот Сетифу, се случи погром на востаниците кој го изврши колонијалната власт. Колонијалните колежи исто така ја покажуваат вистинската природа на односот кон фашизмот, ако фашизмот го прифатиме колоквијално конотиран или онака како што перфидно семантички го поставуваат интелектуалците, односно како синоним за сите облици на угнетување. Освртите на европскиот антифашизам се толку тесни и научно незрели што често се сведуваат на феноменолошки анализи, сегментирано сведување во рамки на националното ниво или на англофони псевдоисториски прикази во продукција на каналот History и сличните.

Дали е можно да се бориме за слободата и против универзалното насилство и угнетувањето, а истовремено тоа да го правиме на другиот крај од светот? Тоа покажува колку антифашизмот на големите сили бил партикуларен и колку имал карактер на конфликт на големите европски империи за својот простор и сферата на влијанието. Тој бил само една војна против одреден тоталитарен уништувачки систем, додека силите победнички сакаат да го прикажат како победа против универзалното Зло. Со други зборови, „антифашизмот“ историски и семантички е поставен на начин за големите сили да се исчистат од своите недела на другите краишта од светот, кои траеле со децении по војната, а траат и до денес.

Заради недостаток од простор не можеме да се занимаваме со механизмите со кои се создава ревизионистичката свест, но фактот дека Европејците не знаат дали Советскиот сојуз во несразмерен обем и со стравотно несразмерен број жртви придонел за ослободување од нацифашизмот, зборува повеќе од доволно. Меѓутоа, кога денацификацијата и тоталното ослободување од стожерните фашистички елементи не се извршени, тогаш не останува ништо да се рехабилитира. За нешто да се рехабилитира, според самата дефиниција мора да биде осудено, правно и морално, значи процесирано, и на крајот, што е најважно, како посочено да заживее во самиот дух на народите. Правно-филозофската дискусија за техниките на рехабилитацијата, дали таа е таканаречено законска, правосудна, или поништување на одлуките на вонсудските или нелегално-судските одлуки, станува депласирана во светлото на фактот дека процесите за рехабилитација се случуваат во сите сфери на една заедница: во образовниот систем, популарната култура, медиумите, публицистиката, литературата, семејните и кафеанските преданија итн. Во тоа спаѓаат и псевдоспонтаните симболички чинови на државниците, кои ја користат својата експонираност за да ја сугерираат својата позиција, главно популистичка.

Партизани во Сараево, пред вагон кој сообраќа на линијата Сараево-Берлин, 1945

Сè на сè, кога ќе се погледнат фактите кои укажуваат колку антифашизмот на развиените земји е политички компромисен, неодреден и контроверзен и како таков одржуван со поддршка на левиот центар, кој никогаш не расчистил ни со колонијализмот а камо ли со фашизмот, повеќе од јасно е дека автентичниот антифашизам може да биде само социјалистички. А, да бидеме искрени докрај, автентичен, прогресивен, еманципаторски социјализам не постоел никаде, па ни во поранешна Југославија.

Деполитизацијата на културната сфера, а тоа значи и историјата и историското сеќавање, е невозможна сè додека постојат историчари со изразени политички склоности и академска заедница на која професионалната етика и вистинољубивоста не ѝ се на прво место. Покрај тоа, различните видови рехабилитации, пред сè, се политички чинови кои се реализираат со едноставно кревање на рацете во собранието или со потег на перото. Такви беа неодамнешните закони во Јапонија кои ги попишуваат содржините во учебниците, првенствено ревизионистички и апологетски кон империјализмот, или ноторниот француски закон за „позитивните вредности на колонијализмот“.

Либерално ориентираните историчари не сакаат да зборуваат за вистинската состојба на антифашистичкиот дух во Европа, делумно затоа што некритички се однесуваат кон доминантните научни трендови и интерпретациите, делумно заради хроничниот недостаток на интелектуална чесност, или едноставно заради страв од конзервативните и традиционално антимодернистичките струења кај балканските национализми. Заради тоа Европа се разбира како идеал и како интеграциски фактор кој може да ги апсорбира сите видови екстремизми, па и како рамка во која може демократски да се наследува наследството на антифашизмот, кое е загрозено. Меѓутоа, антифашизмот во Европа и таканаречениот демократски свет е протоколарна и моралистичка лага, а со патронизирачкото и патерналистичко посочување со прстот кон нашите ревизионистички застранувања добива дополнително лицемерие. Народите од поранешна Југославија се ослободија од европскиот империјализам, но и од европскиот фашизам, пред сè со, сопствените, автохтони сили и движења. Заради тоа, јужнословенските народи не треба да учат од Европа што е антифашизам; за промена, Европа би требало да учи од нив. Но, за да се случи тоа, треба секогаш одново да се избориме за зачувување на автентичното антифашистичко наследство во поранешна Југославија, кое постојано ќе биде загрозено од локалните ревизионизми.

Роса Качар, партизанка, Сремски фронт, 17.03.1945

Фотографии:Југославија во Втората светска војна

Извор на текстот:www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото