И по една година владее молк кој пукаше во Диво Насеље

10.05.2016 23:38
И по една година владее молк кој пукаше во Диво Насеље

Во речиси непрекинатата 28-часовна акција, лани на 9-ти и на 10 мај во оружена пресметка во кумановската населба Диво насеље“ животот го загубија осум припадници на МВР, а беа повредени дури 37 други полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба во Куманово.

Една година од престрелките, вчера денот беше одбележан со активности и церемонии во нивна чест, а неколку дена претходно и претседателот Ѓорге Иванов, постхумно ги одликува осумте загинати „тигри“.

Пред точно една година, на кобниот 9 мај во кумановската населба Диво Насеље згаснаа животите на Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ.

На рочиштата отворени за јавноста сведочеа полициските службеници нападнати во караулата Гошинце, роднини и пријатели на обвинетите и локалното население. Полицајците во детали го опишаа настанот што им претходел на случувањата во Диво Насеље – нападот на полициската станица во Гошинце и крадењето големо количество оружје и стационирањето на групата во Кумановско. Роднините и локалното население, пак, тврдеа дека утрото се разбудиле од пукањето, дека не биле запознаени со присуството на вооружената група и дека полицијата барала дрога.

Деталите за тоа што се случувало пред точно една година во кумановско Диво Насеље, викендот на 9 и 10 мај 2015 година, ќе останат затворени за јавноста, која е исклучена од судењето на 29 обвинети поради сослушување заштитени сведоци.

И по една година, сè уште не е јасно како и зошто почна престрелката и што требаше со тоа да се постигне. За преживеаните се води судска постапка, во која одговараат за припадност на терористичка организација и за тероризам.

Никој од оние на кои им се суди за случувањата од ланскиот 9 мај, не прифаќа да биде квалификуван како терорист. Околу случувањата во Диво Насеље се појавија многу сомнежи и шпекулации, поради што беше побарано спроведување меѓународна истрага.

Во јавноста се шпекулираше дека во Куманово намерно беше организирана мала војна за да се тргне фокусот на јавноста од прислушуваните разговори што ги објавуваше опозицијата.

Случајот резултираше со оставка од министерката Гордана Јанкуловска, како и од првиот човек на УБК, Сашо Мијалков.

„Тигрите“ возеа во чест на загинатите колеги

Во неделата „тигри“ од посебната единица на полицијата на велосипеди возеа од Куманово преку Скопје до Тетовско. Но овој пат не беа на редовна вежба. Возеа во чест на загинатите колеги лани, во кумановската населба Диво Насеље. Ги посетија гробовите и запалија свеќи.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото