Владата распиша тендер за набавка на „Кирби“ машини

11.05.2016 00:08
Владата распиша тендер за набавка на „Кирби“ машини

Шарената револуција со своите активности во месец април и мај, драстично придонесе за намалување на невработеноста во Р. Македонија, изјави привремениот премиер Емил Димитриев од привремениот премиерски кабинет сместен (привремено) во чајното кујниче при кабинетот за ауденција на царот Николај.

Ова се должи на тоа што во последните дваесетина дена трае хулиганското мавање со мошне ризичните и опасни разнобојни неидентификувани (полутечни) материи кои нанесуваат разорувачки штети по материјалните и човечки добра на Р. Македонија. Воедно, овие ИСИС-оидни вандали нанесуваат трајни и ненадоместливи штети на кичот, невкусот, архитектонската дисиметрија, како и на квази-историјата на овие споменици на културата (култури и традиција на сите соседни земји, па и пошироко, освен на нашата земја - оти истите имаат мошне мала или никаква врска со нашето историско наследство.). Така е пројавена потреба преку „Македонски шуми“ веднаш се вработат уште најмалку 66.666 горди носители на книшка на ВМРО-ДПМНЕ, кои, бидејќи во странство (поточно на семинар во Бања Банско ) беа обучени за современо ракување со четки, метли, шмиргли, крпи, џогери и слични антидемонстрантски реквизити, како и неколку специјализанти од Украина, за експресна промена на искршени излози и санација и репарација на владин мебел.

Како што веќе споменавме, поради истите причини се вработени и десетина шестгодишни деца, кои се покажаа како најуспешни во процесот на заокружување на соросоидни и комуњарски сурати на фотографиите од пара-службите на пара-Чавков... На оваа импозантна бројка треба да се додаде бројот на 130 чудотворци, што прокрварените води во фонтаните во Скопје повторно крвта ја претвораат во вода, а тука се вбројуваат и саботерите на бои и дупнувачите на балони, кои според информации предвреме добиени од УБК, одат во продавниците каде хулиганите ги набавуваат боите и им ги разблажуваат и воедно анатемисуваат со света вода добиена од Г.Г. Стефан, а другите одат кај откриените „змиски гнезда“ (однапред искодошено од незадоволниците и противниците на ваквиот вандализам, во нивни редови ) и таму со игли (фондација од ГДОМ и Ацо Рембрант) ги дупчат балоните и таквите балони при употреба експлодираат во предавничките раце на овие платеници на странски служби.

За потребите за борба против хулиганите на Шарената револуција, и посредно за контра-протестите на ДПМНЕ-ГДОМ-ГРОМ (кои колку и да не сакаат - мораат реципроцитетно да се собираат, поточно да ги имитираат хулиганите во сè - притоа следејќи ја максимата на нивното Николче-Диктаторче (која, пак, тој ја чул некаде од некој друг, ама ја кажува како своја и со неа ги куражи поддржувачите на неговиот лик, дело и од.) која вели: „И МАЈМУН РАДИ ШТО МАЈМУН ВИДИ!“ се вработија многу наши граѓани!

А ако се земе предвид дека Шарената револуција несомнено е странска инвестиција во Македонија, покажавме дека и покрај кризата создадена од СДСМ, странските инвестиции не запираат. А во последните две недели Шарената Револуција не успеа да предизвика економски крах во Македонија. Напротив, во овие две недели се бележи раст на вработеноста, со повеќе од 100.000 илјади нови варосувачи, шмирглачи, прочистувачи на фонтански води, стаклоресци... па потоа спинувачи, неекспертски експерти, џубокс „пејачки без гаќички“ и „актерчичиња без мадиња“ и сл. кастрати на Мијалков, објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Покрај зголемената стапка на невработеност, СИТЕ РАБОТАТ, ЗА СИТЕ ИМА РАБОТА! НЕ РАБОТАТ САМО ОНИЕ КОИ НЕ СЕ НАШИ И НЕ САКААТ ДА БИДАТ НАШИ!“, велат од македонската влада.

Треба да се нагласи дека по инцидентот на плоштадот, Владата реши да распише тендер за сто и тринаесет машини „Ченто гради“ и триста „Кирби“ паро-чистачи“.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото