Од спин кон говор на омраза

11.05.2016 01:27
Од спин кон говор на омраза

Спинот по дефиниција е посебен поглед на нештата, перцепција или интерпретација, која се повторува во одреден временски период за влијание врз јавното мислење. Спинот е дел од пропагандата и претставува омилена алатка на политичарите (политикантите) и медиумите кои поддржуваат одредени политики што се базираат на спинување, сесрдно го прифаќаат и го користат.

Веќе спомнавме дека не секој спин треба да се деспинува.

„Имено, има незначајни спинови кои немаат суштинско влијание врз јавното мнение. Меѓутоа, има спинови кои претставуваат дел од поширока кампања и кои создаваат многу погрешен став кај голема група луѓе. Овие спинови мора да бидат деспинувани од страна на медиумите, кои ќе го идентификуваат спинот.“

Особено е важно да се деспинува комплексен (повеќеслоен) спин, кој опфаќа неколку параметри со еден заеднички именител, кој поттикнува на насилство, односно кој смислено се пласира во ситуација на акутен конфликт. Ваквите спинови преминуваат во говор на омраза или ја пречекоруваат црвената линија на свесно поттикнување да се стори кривично дело.

Таков спин е пласиран од дел од медиумите во врска со протестите на граѓаните кои се изведуваат под називот „Протестирам“, односно под називот „Шарена револуција“.

 

Спинот е составен од три базични слоја: едни создаваат – други уриваат

-„За СДСМ полесно е да се рушат државните институции, отколку да се признае сопствената некадарност“,
-„Граѓаните бараат казна за хулиганите: Оние кои уништуваа споменици, да си ја платат штетата“,
-„СДСМ и СОРОС удрија по македонската државност- осквернавено спомен обележјето на АСНОМ“;

граѓани кои се за избори и такви кои се против избори

-„Двојно повеќе охриѓани за избори, наспроти оние против избори“,
-„ГДОМ и 20.000 граѓани за избори, СДСМ и 2-3000 граѓани против избори“,
-„Крај за деструкцијата, одиме на избори, отстапување нема“,
-„На власт се доаѓа преку избори со програма, преку легален и легитимен пат“;

и тие што демонстрираат против власта сакаат да ја избришат Македонија и да го уништат македонскиот идентитет

-„Одбрана на македонската независност, име, идентитет“,
-„Македонија се крева да ја одбрани државата и мирот на граѓаните загрозен од СДСМ и соросовите платеници“.

Сите три слоја се базираат на логичкиот конструкт софизам, кој подразбира дека минимум една од премисите е лажна. Веќе не станува збор за една перцепција (која е истакната и повторувана) туку за свесно конструирана, отворена лага.

Постојаното повторување на флоскулата дека едни градат, а други уриваат, всушност, е насочено кон свртување на вниманието на јавноста од фактот дека со парите на граѓаните се градат објекти за кои граѓаните воопшто не се прашани (не кажале дека им се потребни, дека ги сакаат), односно свртување на вниманието на јавноста од податокот дека протестантите ги маркираат токму овие објекти и бараат одговорност за нетранспарентно потрошените пари на истите тие граѓани. Спинот треба да создаде перцепција на сопственост врз објектите што се атакувани и чувство на загрозеност на сопственоста која треба да се брани.

Вториот слој на спинот е насочен кон создавање перцепција дека има граѓани кои се против избори (како основна придобивка на демократијата и како базично човеково право). Во јавноста не пробива сознанието дека луѓето кои протестираат на улиците не се против избори или, пак, за доаѓање на власт без избори, туку за создавање услови за фер и демократски избори. Со спинот се мобилизира јавноста во заштита на едно од основните права, без тоа воопшто да е атакувано или загрозено.

Третиот слој на спинот е најопасен и е директно насочен кон градење негативни емоции кај јавноста. Постојаното повторување дека треба да се одбрани идентитетот на Македонците, да се спречи промена на името и да се заштити државата од исчезнување, кај јавноста создаваат впечаток дека во рамките на демонстрациите се поставени барања кои се насочени кон бришење на идентитетот на Македонците, промена на името и кон претопување на државата во некоја друга структура. Ова се засилува со тврдењето дека се уништуваат културни и историски споменици (што е апсолутна лага). Мобилизацијата за одбрана се врши независно од тоа дека нема напад, односно се подгрева чувството на загрозеност на елементарното егзистирање на нацијата.

Ова овозможува концентрирање на негативните емоции и градење привид дека станува збор за збир од факти кои ја отсликуваат реалната ситуација. Имено, може да се искаже сомнеж за еден од слоевите, можеби и за два, меѓутоа многу неверојатно е јавноста да се посомнева во невистинитост на сите три слоја.

Заеднички именител на трите слоја на комплексниот спин се граѓаните кои протестираат против актуелната владејачка структура. Како резултат на спинот, јавноста не го перципира протестот како акт на манифестација на незадоволството од работата на актуелната владејачка структура и државните институции под нејзино раководство, туку како акт на загрозување одредени вредности кои излегуваат надвор од рамките на владејачката структура (идентитет, постоење, базични права…).

Ваквото мултиплицирано спинување кое не се базира на никакви факти, меѓутоа за основа има еден заеднички именител, во одреден момент прераснува во хајка, односно поттик за насилство (како спрема групи граѓани, така и спрема поединци кои се именувани или, пак, за кои постојат инсинуации дека се дел од групата која „загрозува“).

Медиумите не може да не се свесни за можните последици од ваков вид спинување и за сопствената одговорност за последиците кои можат да настапат (независно од тоа дали се отворено посакувани или, пак, настанале како резултат на голема небрежност). Меѓутоа, одговорноста на медиумите кои не се дел од спинувањето е исто така голема. Тие мора да најдат начин за деспинување и за отворено адресирање на лагите кои го градат повеќеслојниот спин.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Фотографии: Ванчо Џамбаски