Лекувањето на деца епилептичари со канабиноид покажало одлични резултати

11.05.2016 07:54
Лекувањето на деца епилептичари со канабиноид покажало одлични резултати

Програмата спроведена на педијатриската клиниката за детски болести во Љубљана за едногодишно лекување на 23 деца кои имаат епилепсија, со редовни дози на синтетички канабиноиди, покажала одлични резултати. Според таквите резултати е одлучено програмата да продолжи да се спроведува на сметка на јавното здравство, а се размислува и за можноста да биде достапна и за другите, пишуваат љубљанските медиуми.

Во Словенија епилепсија имаат околу 2.500 деца и малолетни личности, а кај некои, како епилептичарите кои биле вклучени во експерименталната програма, вообичаените противепилептични лекови не биле делотворни. „Со примена на доза од синтетички канабидол (CBD), кој е присутен во природниот канабис, епилептичните напади кај седум деца вклучени во програмата целосно исчезнаа, кај четири беше забелжано 90 процентно подобрување на здравствената состојба, кај четири 50 процентно подобрување. За другите четири млади пациенти сè уште нема дефинитивни резултати, додека само три немаа реакции на третманот и не беше забележано подобрување“ – вели д-р за Дејвид Небауер од клиничкиот оддел за неврологија на млади луѓе во споменатата клиника.

Студијата направена врз основа на програмата покажала дека негативни споредни ефекти во таквото лекување воопшто не биле забележани. Затоа, од националниот завод за здравство се согласиле времето во кое младите пациенти ќе примаат дози од канабоноидот да биде продолжено за уште две години и ги прифатиле трошоците за таквиот третман. Врз основа на студијата ваквото лекување ќе им биде дозволено и на други епилептичари меѓу младата популација, кај кои конвенционалните фармацевтски лекови не делуваат.

Паралелно со споменатата програма била спроведена и програма за други млади пациенти, на која инсистирале нивните родители, и во која било применето лекување со природни лекови од медицински канабис. Во оваа програма биле вклучени 14 деца, а епилептичните напади престанале кај повеќе од половина, пишува водечкиот словенечки дневен весник, но додава дека за популаризацијата и пошироката примена на такви методи постојат проблеми кои не се решени.

Едномесечната терапија со канабоноиди чини од 600 до 800 евра, а големиот отпор кон примената на канабиноиди во лекувањето на епилепсијата и некои други болести постои токму во струката, односно кај специјалистите невролози, наведува весникот.

Илустрација: Kate Ampersand

Извор: www.oslobodjenje.ba