1018 hPa
68 %

16 °C
Скопје - Вто, 17.06.2025 02:59
Прв пат да ми падне драго што сме различни од Европа: никаде на континентот општественото шаренило од етнички, верски, културни, социјални, генерациски различности не се излева на улиците во битка за слобода; тие демонстрираат против мигрантите, против муслиманите мигранти или во протестите градат нагласена социјална димензија, но ваква реафирмација на големите теми на цивилизацијата како во Македонија, одамна немало меѓу Нормандија и Урал!
Ние сме последните револуционери на Европа.
Тоа е така романтично и епски, истовремено.
Неверојатен микс.
Некои аспекти на шарената револуција влечат на шеесет и осма, некои допираат до уште подлабоки општествени контракции на континентот и по тоа ја форматираат Македонија како посебен, навистина специфичен феномен, во многу нешта дури и супериорен.
Не се сомневам дека во многу центри на европската моќ веќе нè посматраат како такви и од тој нивен бриселски или берлински видиковец се прашуваат дали да ѝ се препуштат на неизвесноста и на љубопитството околу тоа како овој феномен ќе се развива и што ќе роди или треба да се обидат да го насочат односно да го менаџираат на некој поинтензивен начин. Не сум сигурен каква, во смисла на оваа дилема, ќе биде мисијата на специјалниот германски посредник, но не се сомневам дека ќе биде вмроцидна и ослободителна.
Европа беше против вакви конвулзии, таа, како и САД, се трудеше општествените конфликти да ги насочува во институциите на системите и тогаш кога тие институции и правнополитички системи целите беа очигледно корумпирани и узурпирани од некоја тесна елита. Европјаните беа против промените, но мислам дека тој модел на тврд конзервативизам полека се исцрпува и Старата дама и САД се соочуваат со многу сериозни последици од тој пристап.
Во таа смисла мислам дека нема да пропуштат да видат може ли и каква синтеза да понуди Шарената револуција во една шарена земја каква што е Македонија, со контролибилни ризици што произлегуваат просто од нашите физички димензии.
Тоа што се случува во Македонија не е без снажни европски влијанија, не само на симболичко ниво, туку и на реално, политичко рамниште. Се поклонувам пред напорите на Фуере и Ванхауте. Европа и САД се обидуваа да го спречат излевањето на реката на незадоволството во Македонија и во тоа настојување, независно од благородноста на мотивите, направија бројни грешки, со некои постапки дури и се компромитираа, но верувам дека сега се љубопитни да видат што ќе се роди на наводнетите површини и како тие да учествуваат во мелиорацијата на политичкиот простор.
Режимот на Никола Груевски и на вмро/дуи е означен со црвена боја, не само на плоштадот во Скопје и не само врз портретите на главните злотвори, туку и во меѓународните центри на моќта кои тука имаат свои интереси и за многу работи се прашуваат. Нивното паѓање е прашање на техника и на контрола на ризиците, а не на односите на моќ на политичките сили и во Македонија и во нашите комуникации со светот.
Можно е, дури мислам дека е реално, на некој начин и пожелно, детронизацијата на злосторничкото здружување на власта да повлече и сериозни промени во политичкиот, дури и во уставниот систем и, конечно, целата епопеја да допре до културните основи на постоењето на заедницата.
Форматот на четирите партии и четирите лидери е неповратно компромитиран. Мислам дека и меѓународната заедница треба да престане да се компромитира со тоа што решенијата или своето учество во решенијата, ќе ги бара во контактите со тие субјекти.
Не мислам дека сите треба поединечно да се отфрлат, но како формат кој го дефинира политичкиот систем и иднината на луѓето и на државата - да, тие како такви не постојат, мртви се, луѓето од улиците нема да ги прифатат и тоа е крај.
Темите за избирачкиот список, за изборите и за медиумите се аут!
За што би можел да преговара Заев со Груевски или Груевски со Заев, кого го интересира што мисли Ахмети за изборите или за новата реколта марули.
Некој треба да им каже дека нивната претстава е завршена.
На сцената е нова пиеса, со нова поделба.
Заев би требало тоа подобро да го разбере, би било добро ако тоа подобро го разбере.
Се сомневам, нормално!
Тоа што Европа согледа дека не се исполнети елементарните услови за фер и демократски избори односно дека не е прочистен избирачкиот список, не се реформирани медиумите и не е одвоена државата од владејачката партија - тоа не се технички прашања, прашања на нечии пропусти и грешки, туку прашања на тешката деструкција на државата, на нејзините институции и на општеството. Тој што систематски работел тоа да се случи, тој мора да се исклучи од политичкиот процес и за него да се организира специјален судски процес!
Не сум сигурен кои нови форми се можни: во прв момент, веројатно некоја техничка влада, но не влада која ќе го прочистува избирачкиот список и ќе се занимава со технички аспекти, туку влада која ќе обезбеди услови за комплетно рекомпонирање на Македонија, со уставотворно собрание, нови политички субјекти, нови таканаречени политички елити, која ќе обезбеди правни и медиумски услови за гонење на злото што ја разори Македонија, не како партиски реваншизам туку, токму како и шарената револуција, ориентирајќи се единствено од принципите на правдата, правичноста и слободата!
Амбициите на промените мора да бидат максимизирани, а не минимизирани, мора да бидат над тоа што ни се чини дека можеме да го оствариме, мораме да го бараме невозможното и по тоа да бидеме реални, не смееме да дозволиме каков и да е опортунизам да нè поклопи.
Никој не може да нè уценува со ништо.
Со Македонија - не!
Со препораката - не!
Со Европската унија - не!
Со нашата драма и со нашите животи - не!
Ние сме по тоа слободни и нашата борба нема граници!
Нашите хоризонти се далеку!
Во вмровската деструкција има една добра работа: тие се легитимираа како зло и за најнеуките и така ѝ помогнаа на Македонија да се ослободи и од нив и од себе, од своите комплекси и митови, од лагите за себе. И што ни пружија шанса да се рехабилитираме себе си, во себе, пред себе и пред светот низ оваа борба што среќно ја нарековме Шарена револуција!
Грандиозната манифестација на слободата што се случи завчера во Скопје, ги фиксира главните скотови во шарени црнила на општествениот имагинариум: во басните тие ќе бидат шкорпии и змии, во фолклорот ќе бидат чуми, во верско-суеверните науци по манастирите и црквите ќе бидат луцифери. Можеме да претпоставиме како ќе се одвиваат и како ќе завршат политичките и правните процеси во врска со нивната детронизација, но во новата културна матрица на луѓето тие ќе бидат во фрескописот на злото.
Груевски, Јанкуловска, Мијалков, Протуѓер, Трајко, Коце и останатата бандитска менажерија!
Фотографии: Ванчо Џамбаски
Извор: Слободен печат