Се к’ти ноќта црна

12.05.2016 01:28
Се к’ти ноќта црна

Група скоевци во Мостар, 1941

 

Та не сме саде ние / та не сме саде тука - / ние сме по цел свет / безбројни / милиони, / на трудот црн - / народ!

Да биде честит денот / и првата ни стапка / у првиот ни век! / Ќе мине силен ек / ќе блсне слнце златно - / по секаде на светот / ќе згине срамно гнетот - / ќе л’сне живот нов!
Кочо Рацин, стихови од песната „Копачите“


Сто години по раѓањето, Кочо Рацин делува како еден од ретките Македонци што има некаква врска со 21 век. Среде неверојатното фундаменталистичко лудило на кое е изложена нашата земја човек мора макар во минатото да ги побара своите современици, за колку-толку да го заштити својот ментален и физички простор пред безумноста која зема голем замав, која во голема мера е диригирана од власта и од разноразните барабански медуми под нејзина контрола (до кај оди лудилото - кое, меѓу другото, во ударни и масовни медиумски дози повикува сите да изгинеме за името - најдобар пример е сосема излезената од шините на разумот емисија „Гасот (т.е. гнасот) на народот“ во која некни, на пример, јавно се предлагаше полициски прогон за сите оние граѓани кои мислат дека на Република Македонија ѝ е потребен компромис со Грција).

Храбро, ама со голем талент и со срце - тоа беше Кочо Рацин. „Храброста“ на политичкиве идиоти што се борат за идејата македонското име да се шири низ вселената како космички гас (т.е. глас), ама без живи Македонци, е комбинација од фундаменталистичка некрофилија, традиционално натртување пред големиот фалус на власта и лично профитерство (Велија Рамковски, на пример, кој телевизијата А1 ја претвори во најмизерна лична пиљара, и на демократијата, до вчера, гледаше онака како што денес гледа на „светите национални каузи“ - како на смрзнати копани за тргување; политичките и идеолошките карикатури од тој тип не би заслужувале ни спомнување - освен на жолтите страници или во црните хроники - да не беа токму симболи на она, до вчера, како СДСМ ја разбираше демократијата во Македонија - како смрзнати пилешки копани - и како денес ВМРО ги сфаќа националните интереси - како смрзнати пилешки копани).

Германски знамиња извалкани со мастило, Белград, 1941

Зошто мислам дека Кочо Рацин е еден од ретките современи Македонци? Заради односот кон капитализмот и кон борбата (лична и општествена), заради регионалната вмреженост и космополитскиот дух. Освен на македонски јазик, Рацин пишувал на српски и бугарски, без поради тоа да биде помал Македонец. И сонувал за Македонија, каква што ја сонуваа речиси сите попросветени Македонци од 19 и 20 век, како дел од поголеми политички целини кои ќе донесат слобода и братство за сите луѓе.

Освен тоа, фасцинантно е кај таа предвоена генерација македонски револуционери што националното ослободување и самоосвестување неразделно било поврзано со пошироки еманципаторски идеали. Ем немале нација и држава - ем ја делеле! Исто како што го делеле лебот што го немаат! (Денешниве Македонци времето го поминуваат колнејќи и пцуејќи дека некој им го зема „идентитетот“, ни повеќе ни помалку, како тој да е чекмеџе од под душек или џанкерски телевизор со синџир очајнички врзан за радијаторот како последна одбрана пред немилосрдниот дилер што чека исплата; таа стисната, „анална“ капиталистичка логика го тресе светот надолж и попречно, па следствено и јадниот и исплашен современ Македонец кого неговите пиљарски политичко-културно-стопански газдичиња го научиле дека нацијата е голем „замрзивач“ во кој го чуваме нашиот „генетски пул“, т.е. стариот легитимирачки „леш од шифоњерот“ од кој сме произлезени како црви. Има Рацин совет и за нарко зависниците од телевизија: „Пробудете се морни / копачки и копачи - / на трудот / црн / народ!“)

Националистичкиот фундаментализам, значи, меѓу другото, е последица на предаторскиот капитализам кој ги присилува луѓето на немилосрдна борба. Стравот за името и идентитетот во современа Македонија делумно ги камуфлира сите други големи егзистенцијални стравови на граѓаните. А власта наместо да го намалува стравот (особено таму каде што е најодговорна: да им понуди на луѓето работа, стандард и заштита), уште дополнително го ирационализира тој страв и го шета навака-натака како со курзор (при што граѓанинот се чувствува збунет во потрагата по „изгубениот ковчег на идентитетот“, слично на оној очаен татко што ги брка коските на сопствениот син низ скопските „поместувачки“ гробишта во славниот расказ на Димитар Солев, „Кружно патување на сенката“).

Партизанска болница во Кавадарци, 1944

Фундаментализмот (па и оној на древното име, на 63-ите генерации Македонци, на Александар Македонски итн.) е површен и конструиран, но затоа не е помалку опасен. Актуелниот фундаменталист многу често е обичен мафијаш исповрзан со структурите на државата. Примерите на Хрватска и Србија доволно се речити: речиси целата тамошна мошне снажна мафија беше и сеуште е исповрзана со разузнавачките структури, од една страна, и со екстремното великосрпство и великохрватство, од друга страна. Нешто слично се инсталира и во Македонија: како технологија на владеење (но и како лична издишка на идиотизмот) национализмот го користат највулгарните медиумски и полициски структури. Тоа е причина повеќе снажно да им се спротиставиме на здружените идиоти&мафијаши кои се обидуваат да нè замајуваат - исто како во Хрватска, Србија или Грција - со приказната за „најстариот народ на светот“ (додека за луѓето долу, со магарешки уши, горе летаат трансцендентните национални магариња, долу, под масата, летаат вреќичките со исто толку древна фосилна или минерална материја од типот на дијаманти, да речеме).

Се к’ти, значи, ноќта црна. Но, и зората се зори и темнината ја пие некој иден силно светнат ден!

 

Фотографии: Југославија во Втората светска војна

Извор: Утрински весник, 27.10.2008.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото