Најчевска и Пировска: Во „Идризово“ има политички затвореници, пренатрупаност, нечовечки третман, корупција…

12.05.2016 14:26
Најчевска и Пировска: Во „Идризово“ има политички затвореници, пренатрупаност, нечовечки третман, корупција…

Според експертката за човекови права Мирјана Најчевска, иако во извештаите на Советот на Европа за „Идризово“ се тврди дека има насилство, корупција, уценување и закани и нечовечки услови за живот, никој за ништо не одговара, а во затворот продолжува изживувањето со судбините на луѓето:

„Затворите се слика на едно општество. Луѓето кои ќе влезат во затворот не ги губат правата, тие дури имаат и право на глас и рамноправно учествуваат на сите избори, меѓутоа тие лесно можат да бидат изложени на тортура, на притисок, што ни го покажува и бомбата за разговорот меѓу Јанакиески и директорот на затворот од Идризово. Лесно може да биде манипулирана и судбината на овие луѓе. Последниот случај со непуштањето на Љубе Бошкоски, потоа случајот со Вранишковски и уште многу други случаи пред тоа покажуваат дека се некој изживува со судбините на луѓето кои се во затвор.“

Најчевска смета дека самиот акт на помилување на директорот на затворот Идризово е основа Живко Пејковски да биде веднаш суспендиран, а фактот дека во овој затвор има и политички затвореници, го прави суспендирањето неодложно.

И Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, се повика на извештаите на Советот на Европа според кои во затворот „Идризово“ не владее правната држава туку затвореничкото општество, и укажа на нехуманиот третман како последица од пренатрупаноста:

„Кога зборуваме за нехуман и понижувачки третман на луѓето кои ја издржуваат казната затвор, не зборуваме само за употреба на физичка сила. Во затворот „Идризово“ официјалните податоци говорат дека има капацитет за 900 лица. Во моментов, казната ја издржуваат 1.800 осуденици.

Она што ние го добиваме како информација од затворениците и нивните семејства се дека не само што не им се обезбедува храна од затворот, туку приборот за јадење мора да им го обезбедуваат нивните семејства. Притоа, има и ќелии во кои што казната затвор ја издржуваат 35 луѓе со само еден тоалет.

Секогаш кога сме барале податоци за здравствената состојба на осудениците се провлекува податокот дека голем број од нив имаат хепатит Б, хепатит Ц, голем број од нив се зависници, притоа не добиваат соодветна терапија, ниту пак исхрана.“

И Уранија Пировска смета дека посебно нехумано се постапува со политичките затвореници:

„Политичките затвореници особено ги трпат казнените политики од страна на затворската установа. Типичен пример за тоа е Љубе Бошкоски, кој за 20 дена треба да излезе од затворот. Одлежа веќе 5 години затворска казна, ниту еднаш не користел викенд.“

Иако Бошкоски имал одлично поведение додека ја отслужувал казната затвор, директорот на затворот не го искористил правото да го пушти порано.

Извор: Слободна Македонија