Садик Кан - новиот градоначалник на Лондон

13.05.2016 13:14
Садик Кан - новиот градоначалник на Лондон

East London street art, фотографија на Миљана Радивојевиќ

Какво олеснување! Во последно време беше навистина мачно да се гледат вести. Ова е тешка година за британските муслимани. Во документарецот„Што британските муслимани навистина мислат?“, Канал 4 нè опишуваше како полигамни, сексистички хомофоби. Доналд Трамп ни порача дека ќе ни го забрани влезот во САД и извојува убедлива победа на прелиминарните избори во Републиканската партија. Сето тоа беше придружено со отровната кампања на кандидатот на конзервативците за градоначалникот на Лондон, Зек Голдсмит. Така, веста дека Лондон го доби првиот градоначалник муслиман и првиот градоначалник припадник на етничкото малцинство, дојде во вистинско време.

Станува збор за бајка поголема од оние на Дик Витингтон: приказна за син на возач на автобус и шивачка кој израснал во социјални станови, и кој стана градоначалник на главниот град. Ова, за малцинските заедници во Лондон, кои сочинуваат 44% од жителите на овој град, е особено важна порака: без оглед на расата, религија или класата, може да стане најмоќниот директно избран политичар во Британија. Овој настан е одлучен одговор на минатогодишните анкети кои навестуваа дека на третина од населението во Лондон му беше „непријатно“ да има градоначалник муслиман.

Минатата година ја гледав Мишел Обама во Малбери, училиштето за девојчиња во источен Лондон, еден од најсиромашните делови во Велика Британија, која зборуваше за своето детство и период на растење во Чикаго. Воодушевените лица во публиката беа доказ за тоа колку се важни и ретки таквите примери. Кан можеби не е ѕвезда како првата дама на САД, но на неговата приказна можат да бидат горди сите лондончани, независно од нивното потекло.

Штетата е само тоа што и оваа бајка мораше да има свој негативец. Високиот, згоден и богат Зек Голдсмит (се чинеше дека цел Лондон е луд по Голдсмит), омилениот локален политичар со импресивна биографија, борец за заштита на животната средина и семејството кое, иако неверојатно богато, ја одразува разновидноста на Лондон со христијански и еврејски корени, а не може да се заборави и на гламурозниот поранешен зет муслиман, Имран Кан. Но, наместо да испраќа позитивни пораки, штабот на Голдсмит посака да го провери прагот на толеранција на исламофобијата во британската политика.

Почнаа со инсинуации, беа дистрибуирани летоци кои Садик Кан го опишуваа како „радикал“, што можеше да се протолкува како скриена навреда упатена кон верата на Кан. Потоа сето тоа тргна во насока на поврзување со други сомнителни лица. Медиумите тврдеа дека зетот на Кан посетува екстремистички собири и дека имамот на џамијата во Титинг, општината во која Кан беше избран за пратеник на минатогодишните парламентарните избори, го поддржува Исис. Дури и како адвокат за човекови права беше обвинет поради тоа што ги бранеше терористите, како тоа само по себе да е сомнителна работа.

Зарем истите бесмислени обвинувања не можеа да бидат изснесени и на сметка на Голдсмит? Неговиот поранешен зет, сега пакистански политичар, има прекар „талибанец“, додека имамот, кој Дејвид Камерун го обвини за поддршка на ИСИС и го поврзуваше со Садик Кан, кој во суштина е гласач за конзервативците, беше снимен како се среќава со Голдсмит и ги регрутира муслиманите за да гласаат за конзервативците. Но, тимот на Голдсмит сметаше дека овие клевети полесно се лепат за потемна кожа.

Набљудувано од страна, пораката е јасна: за муслиманите важат други, поинакви правила. Тоа дополнително придонесе за атмосферата во општеството на која муслиманите се навикнати: сензационалистички наслови за бројот на британските муслимани кои ја поддржуваат ИСИС, споменување на нашите заедници во контекст на радикализацијата и неизбежниот пораст на криминалот од омраза. Не е чудно што на Тулип Сидик ѝ рекоа дека никој не сака да одбере политичарка која има такво презиме.

На крајот и конзервативците беа згрозени. Бароницата Варси твиташе: „Ако Садик Кан не е доволно прифатлив за градоначалник на Лондон, јас навистина не знам кој е?“ Поради тонот на оваа кампања, изборот на тринаесет муслимани за пратеници на минатогодишните парламентарни избори одеднаш стана неверојатно достигнување.

За разлика од Голдсмит, кампањата на Кан беше позитивна и инклузивна, заснована на ветувањето дека ќе биде градоначалник на „сите лондончани“. Кан можеби не е политичар кој ќе ве освои со својата харизма, тој не е Обама од 2008 година, но неговото мирно и достоинствено соочување со нападите на Голдсмит беше навистина воодушевувачко. Тој постапуваше спротивно на стереотипите за муслиманите, ги поддржа хомосексуалните бракови и доби пофалница од еврејските заедници во време во кое лабуристите обвинуваат за антисемитизам. Кога Кен Ливингстон застана во одбрана на партијата тролајќи за Хитлер, Кан тоа без двоумење го осуди. Тој е човек кој знае дека моќта на Лондон е во неговата разновидност и дека малцинските заедници треба да се почитуваат, а не да се искористуваат и игнорираат. Муслиманот на позицијата градоначалник на Лондон нема да ја искорени исламофобијата во британската политика, како што ни Обама не ги излечи САД од расизмот, но таквиот градоначалник ни дава голема надеж дека тоа е можно.

Извор: The Guardian

Слични содржини

Општество / Свет / Историја
Општество / Свет
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото