ГДОМ ги повика покојните граѓани да излезат на избори на 5 јуни

14.05.2016 11:25
ГДОМ ги повика покојните граѓани да излезат на избори на 5 јуни

14 мај 2016

Граѓанското движење за одбрана на Македонија на мирниот собир на гробиштата Бутел денес ги повика покојните граѓани да не подлегнуваат на црните сценарија на Зоран Заев, Соросоидите, Канвас, ЕУ, НАТО, темпларите, масоните, харе кришна, скиентолозите и амишкото лоби, и на 5 јуни масовно да излезат на избори.

„Само на тој начин можеме да ја одбраниме Македонија, со масовна излезност на изборите на 5 јуни. Во оваа земја одлучува народот, граѓаните. Нема да дозволиме да се оствари мрачното сценарио на опозицијата, која сака да направи жив со мртов Македонец да се тепа“, изјави Александар Пандов, истакнат член на ГДОМ.

На собирот се обрати Тони Михајловски, актер и уметнички директор на МНТ:

„На Македонија ѝ треба човек кој знае како се брани земјата, како се сака, и како да направи посветла иднина, господинот Љубе Бошкоски!“, а потоа додаде:

„Извинете, грешка, се збунив во патриотскиот занес, ова беше говор од пред неколку години. Да живее Никола Груевски! Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Да живее Каспер Македонецот!“

Во разговор за Пара вести, Братислав Димитров, уште еден театарски директор од редовите на ГДОМ, изјави дека очекува излезноста на покојните да го задржи нивото од претходните години.

Слики: Странски служби