Десет и пол причини зошто „Скопје 2014“ треба ДА СЕ СРУШИ

14.05.2016 12:24
10 и пол причини зошто „Скопје 2014“ треба ДА СЕ СРУШИ

„Скопје 2014“ треба да се сруши. И тоа не зашто е лаичко и кичерајско оправдување за архитектура, и визуелен производ на исфрустрираните и неедуцирани фантазии на едно диктаторче. Да, „Скопје 2014“ е сè освен архитектура, и со своето темелно неразбирање и непочитување на историското градско јадро, како и на современите и историските архитектонски стилови, ни го претвори градот во глобална тема за подсмев и престолнина на архитектонскиот кич. Но, не е тоа главната причина зошто објектите и спомениците од „Скопје 2014“ треба да се срушат - бидејќи овој аргумент лесно се сведува на (на ВМРО омиленото) „за вкусови не се расправа“ и на „некому се допаѓа, а некому не, сите имаме право на мислење“. Овој проект не заслужува да се дискутира неговата (не)естетика бидејќи причините поради кои треба да се сруши се многу подлабоки. Имено:


1. Голем дел од „Скопје 2014“ директно уништи цела низа објекти - највредното македонско архитектонско културно наследство. Објектот на Владата на Петар Муличковски, НАМА на Славко Брезовски, Метропол на Милан Злоковиќ, ЕВН на Бранко Петричиќ... всушност, целото централно градско подрачје, како урбана целина, беше заштитено како споменик на културата. Оваа заштита беше поништена од страна на ВМРО-вските квази патриоти и нивните слуги, за да се овозможи културното наследство да се замени со неоисториски метастази. Културното архитектонско наследство треба да се реставрира и конзервира, и затоа кичерајската фасадна лушпа на „Скопје 2014“ треба да се сруши. 

2. Поголемиот дел од спомениците од „Скопје 2014“ се дивоградби, изградени спротивно на Законот за споменици и спомен обележја, според кој за личности од национално значење (како Александар, Филип, Питу, Гоце....) одлука се носи на Собрание (и тоа со мнозинство гласови и од пратениците од малцинските заедници) а не во Општина Центар или Град Скопје, како што беше направено за сите споменици од „Скопје 2014“. Со ова е прекршен законот и му се одземени надлежностите на Собранието, што е противуставно. И поради ова сите споменици се дивоградби и треба да се срушат. 

3. Голем дел од „Скопје 2014“ е изграден според ДУП-ови овозможени со противуставни измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање - со тоа, поголемиот дел од проектот е дивоградба и треба да се сруши. 

4. Целото строго централно градско подрачје е изградено според незаконски ДУП Мал Ринг, спротивен на ГУП на Град Скопје, според кој за промени од поголем обем во зоната на ДУП Мал Ринг мора да се распише државен или интернационален јавен анонимен конкурс за идеи. Бидејќи конкурс не се напиша - напротив, проектот се смисли зад затворени врати - ДУП Мал Ринг и сите негови десет измени се незаконски, и со тоа сè што е изградено во овој простор е дивоградба и треба да се сруши. 

5. Уште од земјотресот 1963 г. експертите за сеизмологија заклучија дека е небезбедно и ризично да се гради на кејот на Вардар. Како дел од „Скопје 2014“ се изградија шест масивни згради и три брода на кејот и во самото речно корито. Дополнително, голем дел од новите згради и фасади се обложени со запаливи, неогноотпорни материјали. Овие згради се екстремно ризични и го загрозуваат животот на многу граѓани, и затоа треба да се срушат. 

6. „Скопје 2014“ се гради спротивно на волјата на граѓаните, без тие да бидат вклучени во процесот на одлучување, а се гради со нивни пари. Непочитувањето на волјата на граѓаните се демонстрира, меѓу останатото, со контра-протести на протестите против проектот, и со измени на Законот за градење за одлуки за фасадни измени да може да носи советот на Град Скопје, без консултација со граѓаните (оваа измена беше мотивирана од група граѓани кои не дозволуваа промени на нивните згради). Овој проект и неговите творци ја погазија волјата на народот, и затоа треба да се сруши. 

7. Преку „Скопје 2014“ ВМРО го приватизираше јавниот простор, и ги украде и присвои јавните, зелените и отворени простори од граѓаните, придонесувајќи кон загрозување на животната средина во веќе ризично загаденото Скопје, што е спротивно на Член 43 од Уставот според кој „Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“. И затоа објектите кои придонесоа за ова кршење на Уставот треба да се срушат. 

8. „Скопје 2014“ ги погази, поништи и фалсификуваше македонскиот национален идентитет и историја, и затоа треба да се сруши. 

9. „Скопје 2014“ воопшто не е проект, туку огромна и болно очебијна перална на пари. За овој „проект“ не беше одлучено ниту на собраниски седници, ниту на градски совети, не постои како официјален проект ниту во еден стратешки документ, ниту во еден урбанистички план, ниту во еден буџет - што му дава можност бесконечно да расте. Единствената вистинска цел на овој т.н. проект е можноста за бескрајно крадење – досега се одлеаја над 600 милиони евра народни пари, во услови на висока невработеност, слаба социјална грижа, голема сиромаштија, слаба и несоодветна градска инфраструктура итн.

10.  „Скопје 2014“ е симбол на оваа диктатура, на сè што украдоа од народот, на сите погазени права и слободи и на уништената правна држава. За вистинско ослободување од диктатурата треба да се ослободиме и од нејзините симболи, и затоа „Скопје 2014“ треба да се сруши. 

И конечно, еве ги одговорите на некои од аргументите за нерушење на „Скопје 2014“ што често ги слушаме дури и меѓу неговите неподдржувачи и демонстранти.

-„Тие се вандали, ние треба да сме цивилизирани, по тоа се разликуваме од нив.“

Нема ништо цивилизирано во прифаќањето, со наведната глава, на уништувањето на нашето културно наследство, градски и национален идентитет. Рушењето е неопходна алатка за одбрана на градскиот простор, човековите права, културното наследство, професионалното достоинство и националниот идентитет. 

-„Не треба дополнително да трошиме народни пари на рушење; штом се дале парите, нека останат објектите.“
Експертите беа маргинализирани во сите стадиуми на „Скопје 2014“. Никој не ги праша архитектите, урбанистите, екологистите, градежниците или сеизмолозите однапред. ВМРО нè заразија со вмровскиот менталитет дека одлуки се носат со „миле ми текна“, без експертски проценки. Така и ова мислење се базира на неоснованата претпоставка дека рушењето на објектите ќе чини повеќе од нивното одржување. Меѓутоа, како резултат на масовната кражба и системот на одржлива перална на пари (нискиот квалитет на зградите значи чести проблеми, и со тоа чести обнови и дополнителни анекси со дополнителни милиони), само претходниве неколку години покажаа дека одржувањето на објектите, константните поправки на поплавените подруми, пожарите на леснозапаливите фасади, ѕидовите кои се распаѓаат - веќе чинат огромни суми пари. Верувам дека неопходната експертска проценка ќе утврди дека рушење на објектите ќе биде економски многу поисплатливо од нивното одржување во период од над пет години. 

...И затоа, „Скопје 2014“ треба да се сруши. 


СМРТ НА ФАШИЗМОТ, СЛОБОДА НА НАРОДОТ!

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото