Грција и новиот колонијализам

11.05.2010 11:01
Безредија во Атина

Како ќе реагираат Грците на европското настојување за промени? Сега-засега, пазарите се смирија. Безредијата во Атина ја изгубија силата. Само „стотици“ демонстранти преку викендот излегоа на улиците, за разлика од илјадниците кои дури убија тројца кога запалија банка.

Но ова привремено примирје во Грција беше скапо платено – и ова не се однесува само на парите.

Пред мене се наоѓа нацрт-верзијата на последната одлука на Советот на Европа во врска со Грција. Тоа е доверлив документ. Делови од него се најдоа во весниците; грчкиот парламент гласаше за да усвои некои обврски кои произлегуваа од него. Но иако не е тајна, никој сè уште не почнал да зборува за неговото политичко значење. Бидејќи ова не е обичен документ на Еврократите: ова е нешто налик на она кое генералот што претрпел пораз го потпишува во вагон, кој се наоѓа во шума, на крајот од крвавата војна.

ЕУ и ММФ ќе ја спасат Грција, трошејќи милијарди евра за тоа. За возврат, Грција ќе се согласи делумно да го намали јавниот долг и до јуни 2010 да усвои 17 законски и буџетски промени. Меѓу другото, СЕ изјави дека Грција „ќе“ ги намали бонусите за „Велигден, Божиќ и летните одмори“ на администрацијата и пензионерите, „ќе“ ги зголеми даноците за горивата, тутунот и алкохолот, „ќе“ ги намали трошоците за локалните власти и „ќе“ усвои закони со кои се поедноставуваат правилата за започнување нови бизниси.

Штом веќе се обврза, Грција до септември 2010 „ќе мора“ да исполни девет други обврски, меѓу кои и реформа на пензискиот систем, каде што границата на пензионирање ќе се покачи на 65 години, наместо сегашната 61. До декември 2010 Грција „ќе“ усвои уште 12 други мерки, меѓу кои се наоѓа една која ја става под управување употребата на лекови во здравствениот систем кои не подлежат на тестовите за безбедност по пациентите. Постојат и понатамошни крајни рокови во март 2011, јуни 2011 и септември 2011. Доколку грчката влада сака да продолжи да добива финансии потребни за нејзино функционирање, ќе мора да ги усвои сите овие закони, дел по дел.

Нема сомнеж дека меркиве се неопходни, иако малку задоцнети. Најверојатно не постоеше друг начин да се убеди грчкиот парламент да ги усвои. Насилните протести станаа прифатлив начин на изразување на политичкото мислење во Грција, а горчливите теснопартиски интереси значат оцрнување на работата на секоја претходна влада од страна на сегашната. Ова не претставува политичката култура неопходна за владата да може лесно да ја зголеми старосната граница за пензионирање или да ги поништи бонусите за Божиќ на администрацијата.

Сепак, оваа одлука не претставува нешто ново. Иако ЕУ отсекогаш барала делумно откажување од суверенитетот од своите земји-членки, Грција повеќе нема никаква сувереност. Договорите со ММФ исто така наметнуваат услови, но овде јазикот е поинаков: задолжената земја бара помош, ММФ помага. Во случајов, ЕУ веќе реши што „треба“ да прави Грција. Не верувам дека некој знаеше дека ЕУ има толкава моќ над своите земји-членки, а најмалку Грците.

Одржувањето на ритамот на усвојувањето на овие закони нема да биде едноставно, без разлика какви ветувања се дадени. Современа Грција има историја на странски окупации – од Отоманската империја, од нацистичка Германија – и некои Грци веќе повикуваат на отпор кон новата окупација од силите на ЕУ и ММФ.

Отпорот може да има посуптилни облици од обичните безредија и протести.

Сепак, Атина е град во кој само 364 жители кај даночните власти пријавиле дека имаат базени, но сателитските снимки го открија постоењето на 16 974 базени. Ако даноците или законските реформи се сфаќаат како странски диктат, дали Грците ќе им се покорат?

Иако никој не вели не, ова видливо наметнување на силата на ЕУ врз Грција може да послужи како предупредување за сите оние кои во иднина сакаат да влезат во Еврозоната. Да, ако играте според правилата, да се биде дел од Европската унија значи да се биде дел од најголемата и најнапредната економија во светот. Но ако не играте според правилата, ризикувате да потпаднете под странска финансиска окупација. Можеби сè уште немаме назив за оваа појава – нов-Евро-колонијализам? – но, без да забележи некој, тој веќе пристигна.


Извор: slate.com

колонијализам

 Интересна статија. За разлика од останатите на оваа тема, пооптимистичка и попозитивна во однос на еврото и неговата улога.
Ја спомнува историјата на „колонијализмот“ на Грција под Турција и Германија (поточно окупацијата), го навестува и обликот на колонијализам на ЕУ и ММФ, но намерно или не, го пропушта колонијализмот под Британија и САД. Но имајќи предвид од каде е статијата, разбирливо е.

ОкоБоли главаВицФото