Палењето книги е апсолутно неспоредливо со боењето на спомениците

16.05.2016 00:07
Реакција на текстот „По спомениците, ’Шарената револуција’ ќе се сврти кон библиотеките и книгите“ од Блаже Миневски

Испратив еден текст во Дневник што е реакција на текстот на Блаже Миневски, објавен на 07.05.2016 година во Дневник. Многу ме интересира дали ќе го објават или ќе цензурираат различно мислење. Бидејќи не сум сигурна дали ќе го објават, го споделувам со вас во продолжение.

 

 

Сите тези во гореспоменатиот текст на Блаже Миневски почиваат на ситуации кои авторот или воопшто не ги разбира или намерно ги извртува. Првата е постојаната употреба на поимот „уништува“ (споменици) место точниот и прецизен збор „бои (или варијантите: „обојува“, „фрла бои врз“)“, што е, всушност, она што се случува последниов месец во Македонија. Едно од најголемите извртувања претставува фактот што целиот текст сее страв врз основа на настан во Македонија што воопшто не се случил: уништување на книги – нешто што е дури и ставено во насловот, во кој оградувањето со прашалник малку помага. При крајот на вториот пасус, авторот вели дека „веќе следната недела, кога ќе заврши уништувањето на главните белези на македонската држава и државност, би можеле на ред да дојдат книгите, како еден од најважните преостанати темели на еден народ!“ Со тоа, авторот, од една страна, се обидува да се огради од она што го тврди, бидејќи не тврди дека веќе почнало уништување на книги, туку го дава само како претпоставка, а од друга страна не нуди ниту еден аргумент за тоа од каде го црпи оправдувањето да ја изнесе оваа претпоставка, којашто е целосно неаргументирана, и, што е уште пострашно, најголем дел од натамошниот текст се темели на потсетување на фашистичкото уништување на книги како споредба со она што, според авторот, можеби ќе се случи во Македонија од страна на демонстрантите во „Шарената револуција“.

Палењето книги во 1933 година во Германија е апсолутно неспоредливо со боењето на спомениците во 2016 година во Македонија од огромен број причини. Првата е секако тоа што палењето го изведувале, како што вели авторот, студенти, „заборавајќи“ да истакне дека тие биле поддржани и охрабрени од оние кои ја имале власта во свои раце, кај кои се наоѓала државната апаратура, односно сите средства на моќ (така вели историјата што сме ја учеле изминативе децении, како и новите документарни емисии) – а во којшто случај, станува збор за терор и деспотизам. Ситуацијата би можела да биде споредлива само доколку властите во Македонија вршат уништување на споменици и цензура и уништување на книги, а не кога луѓето, кои немаат никакви средства на државна контрола во свои раце, протестираат против неправда и корупција. Воведување диктатура со палење книги, од една страна (Германија 1933 година), и протест против корупција со фрлање боја на споменици што се симбол на таа корупција, од друга страна (Македонија 2016 година) се две целосно спротивни, а не слични ситуации. Игнорирањето на овие факти укажува на еден капитален пропуст во, или намерно извртување на, логиката на гореспоменатиот текст. Уништувањето книги премногу потсетува на фашизмот, што е токму идеологијата против која се протестира во „Шарената револуција“, така што од она што досега го видовме, нема основа да се случи такво апокалиптично сценарио со уништување книги. И јас лично сум и секогаш ќе бидам најголем противник на иницијатива за уништување книги, доколку некој поединец и потегне таква иницијатива, без разлика од кого потекнува или кон кои книги биде насочена.

Понатаму, авторот прави целосно извртување на фактите кога селективно го употребува зборот „метафорички“. Во текстот се вели дека сквернавењето на Порта Македонија „метафорички претставува уништување на трајните белези на државноста“. Од друга страна, „заборава“ да објасни дека, метафорички, фрлањето боја на Порта Македонија и другите споменици и институции, всушност, претставува револт против неправдата која, меѓу другото, се состои од следново: да не смее дури ни да се покрене судска постапка против лица осомничени за тешки кривични дела. Овој факт е целосно прикриен во текстот, што претставува тешко извртување на вистината за тоа што е мотивацијата за фрлање боја врз спомениците и институциите. Со други зборови, и во овој текст, но и во многу други, целосно изостанува контекстот што довел до протести, а тоа е: содржината на прислушкуваните разговори и аболицијата. Целосното игнорирање на овој контекст и развивање тези за протестите без да се објасни тој контекст претставуваат (намерна или ненамерна, сеедно) манипулација со фактите, и ги прави целосно бесмислени и исполнети со празни зборови изјавите како „уништување на трајните белези на државноста“ или „антимакедонска револуција“, чија неаргументирантираност и апсурдност доаѓа до израз кога таквите изјави ќе се соочат со фактичкиот општествен контекст.

Ова се само мал дел од апсурдностите на овој и на слични текстови, со цел форматот да биде соодветен за весник, а за многу други нелогичности испишани во текот на последниве месеци од различни автори ќе има место во некој научен текст што ќе се бави со лингвистички манипулации и недостиг на логика.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: ШкАрт