Многу шарање не е на арно

16.05.2016 01:30
Многу шарање не е на арно

Нашите Мефистофелеси, тие конвертити кои сè уште немаат храброст, или образ можеби, да го раскинат пактот со ѓаволот што им носи привилегии, безбедност и олимписки мир, продолжуваат со нивниот лицемерен обид да резервираат место во ложата на Шарената револуција, позиција од која може лежерно да се биде присутен, повремено да се просере нешто што нивните медиумски шамани ќе го протолкуваат како „значајна поддршка“ за „каузата“, а сепак да се биде неекспониран, за секој случај, имено за случај револуцијата да пропадне.

Всушност, не сум сосема сигурен колку целата таа постановка е нивна изворна идеја (склон сум кон помислата дека тие немаат храброст ни за еден таков получекор кон барикадите), а колку е потфат на нивните апологети, на луѓе кои во последниве неколку години некако успеаја да ги променат дресовите и да фатат чекор со новото време, во очекување на новото „заслужено“ место во историјата што се раѓа. Додека Мефистофелесите мудро молчат и глумат „изненаѓени и увреѓени“ од критиките во кои беа потсетени на нивниот долгогодишен кукавички молк и на колаборационизмот со режимот (за што треба јавно да се извинат, најмалку тоа), овие вториве, шаманите, агресивно ја форсираат приказната дека на фронтот за слобода и демократија се потребни сите (и вистинските борци и тие што ја преспаа деценијата под јорган планина) и дека критиките за конвертитството ѝ штетеле на каузата.

Пред некој ден ме посети еден скопски бизнисмен. Ми кажа дека „активистите“ кои биле под негова „контрола“ (сите од ред „јаки момци“ демек) биле незадоволни од моите „препукувања“ со Мефистофелесите и со нивните апологети и дека биле со намера да преземат нешто. Се загрижиле неговите „интелектуалци“ со кратки вратови. Па тој дошол со мене да „поразговара“. Нормално, „пријателски“. Ова е најблагата верзија на заканата што ја добив на маса и која, ако евентуално продолжи, ќе ме принуди јавно да го соопштам името на заканувачот, инаку познат по тоа што правеше „успешни“ зделки и трупаше пари и со груевци, баш како и во времето на СДСМ.

Освен тоа, покрај неколку ебиветровци на Фејсбук и од лумпен-порталите, на кои не вреди да им се придава значење, двајца мои колеги, новинари, еден повозрасен и еден релативно помлад, деновиве се обидоа да ги земат во заштита нашите Мефистофелеси и да ја убедат јавноста дека немало невини (?), дека сепак сите сме биле исти и дека затоа сега сите треба заедно да си се гушкаме и да бидеме дел од Шарената револуција.

Интересно е дека повозрасниот колега своевремено беше најблизок соработник на Панде Колемишевски и еден од најголемите борци против плурализацијата на македонскиот печат, додека вториот е познат голуб превртач, шарен да пошарен не може да биде, со сомнителни врски кај џандарите, до пред неколку години дел од најелитната пропагандистичка дивизија на Груевски (тогаш главен уредник на неговото водечко печатено гласило), а освен тоа и промотор и заштитник на еден од најбруталните пропагандисти на режимот, инаку негов близок роднина.

На сите нив гласно им порачувам – јас Шарената револуција не ја разбирам како обединување со вакви превртливци. Извинете, за мојот вкус, тоа е премногу шарање!

И им велам дека нема да ме интересираат ни опозицијата, ни СДСМ, ни граѓанскиот сектор, ни „каузата“, ако поради неа, „каузата“ пуста како што тие ја разбираат, треба да се придржувам кон некакви директиви да се заборават зделките поради кои спомнатиот бизнисмен не е ништо поразличен од сите оние негови колеги за кои денес вревиме дека треба да се доведат на трупчето под сабјата на Катица, ако „каузата“ треба да значи дека треба да примам совети од еден подопашник на Колемишевски кој цела една деценија зема плата од мафијашки фондови, ако „каузата“ значи дека банка на маса ќе држи еден познат полициски жбир, чија историја на бесчестието во новинарството им е позната на многу негови колеги.

Ало дечки, ако е тоа „каузата“, да ви се мочам јас во неа! Јасно?!

Велите, да не се правело штета... Да не отворале полемики... Да глумиме дека сите сме по малку виновни, за вие да се чувствувате полесно, за да се наредите во редицата за првоборечки привилегии, што самите ја измисливте. Што се однесува до мене, нема проблем, нека ви биде – слободно прекрстете се, пресоблечете ги дресовите, одглумете ја вашата нова ролја, побарајте ги и добијте ги вашите привилегии, какви што секогаш сте имале и пак ќе имате. Јас не сум дел од тоа ваше ебено друштво и не сакам ни да бидам. Терајте си, ама внимавајте, многу внимавајте!

Ако сакате мир, има да престанете со овие лајнарии! Има бре да престанете да се курчите! И да ви биде јасно – додека власта со години за мене и на неколку слични на мене, ни бара црно под ноктите, ни се заканува, нè навредува, нè клевети, до мера што веќе и самата се измори и веќе нема што да најде и да смисли а да не е смислено и кажано, вие бевте главно поштедени. Можеби случајно, можеби намерно, но бевте засолнети и дебело платени со пари од фамилијата. Вие имате обврски кон фамилијата и тие обврски не се престанати. Јас тоа го знам, а ако е неопходно, ќе се потрудам тоа да го разберат и да го видат сите што сега превртуваат со очите и мантраат – ама да не се караме, ама ова ни штети, ама може за тоа и утре…

Добро, може и утре. Сега сакате резервирано столче на барикадите? Веќе го имате. Сакате да не се прават штети? Па не ги правете тогаш, идиоти едни! Затнете си ги муцките! Има бре да престанете да предизвикувате, оти во спротивно, на предизвикот ќе ви се одговори. Јас лично ќе ви одговорам. Најжестоко! Има пичвајз да биде! Има да боли! И да знаете, не зборувам јас во ничие име, како вие (па на тој во чие име јадете лајна да му биде непријатно), јас зборувам само во свое име. И ви порачувам уште еднаш – има бре пичвајз да биде!

Патем, треба да ви биде јасно дека јас сум само еден од многуте на кои фитиљот им е краток (така е тоа со фитиљите, се кратат пустите со годините), еден од оние на кои им се гади од вашето бедно позирање, еден од оние на кои малку им недостасува за да експлодираат. Колку сме такви? Не знам… Колку сме, толку сме, токму сме.

Затоа, внимавајте добро!

Извор: Плусинфо, 15.05.2016
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото