Претседател со најмногу епитети

16.05.2016 02:09
Претседател со најмногу епитети

Македонскиот претседател наместен на (не)демократски и (не)регуларни избори со големо мнозинство на (уценети) гласачи, испадна дека е сосема изместен. Веднаш по самиот избор се прослави со своите дефиниции за космодискот и толкувањето дека разумен компромис е разумен компромис! Со неговите несмасни изјави и постапки веднаш го доби кодното име Хорхе, а според својата неактивност и потчинување на партијата што го намести на тоа место, пред сè во декоративни цели, и го идентификуваа како украсно растение, фикус. Во многу настани кои се случуваа во државата не се огласуваше со свој став и кога според уставните ингеренции мораше да го стори тоа, па затоа често беше прекоруван во јавноста дека не сака да се меша во своите работи. Меѓутоа, неговата недоветност доживеа кулминација кога неодамна ја прогласи општата аболиција на еден куп виновници за тешки дела против државата. Овој негов акт многумина го нарекоа „планетарна глупост“. Со овој акт со кој сакаше, како што рече во неговото образложение, да ја смири зовриената внатрешно-политичка ситуација, да се создаде поволен амбиент за претстојните избори и сите да влезат во изборната трка неоптоварени и олеснети од кривичните постапки или предистражни дејствија кои се водат против голем број лица од владејачката партија. Со овој акт и со дополнителното објаснување што го даде на една од него свикана конференција за печат, не само што не ја смири ситуацијата, туку ја разгоре до точка на вриење. Нормално, народот ја проѕре оваа негова намера и излезе на масовни протести, барајќи негова неотповиклива оставка и поништување на аболицијата. Покрај масовните протести, скоро во сите градови на републиката, во печатот и социјалните мрежи тргна лавина од критики и етикетирање со многу погрдни епитети. Веројатно ќе биде забележан во историјата и како претседател, кој за многу кратко време, добил најмногу епитети. Тој веќе не е претседател на Македонија, туку дрво од Водно, гробар на државата, павлиха, на словенечки дворски шут (Тодор Пендаров), кукла (најобична), безбоен политичар, македонски генералисимус (Б.Н), кловн президент (Д. Митревски), жаллна, сирота, збунета, патетична и дезориентирана фигура (С.О.), служи како крпа за бришење чевли (С.О.), восочна фигура (Градимир Јовановиќ), навредлива долност (М.Грчев), марионета (ТВ Нова), смотанко (Т.Груевски), ни марионета ни монарх (ДОМ), ќорава кокошка (Б.Н.), државен пироман (Б.Н.), долно суб-човечко битие (Р. Бужаровска), Бик кој молчи (според индијанската терминологија), расходувана восочна фигура ( К.Б.). Ова е само мал дел од погрдните изрази досега употребени како епитети, за да го опишат претседателовото однесување, а има и доста вулгарности, кои се упатени на човекот што треба да биде претседател на држвата.

Актот на аболиција е навистина бесмислен и не само што ја разбранува домашната јавност, туку дојде до запрепастување и осуда од многу надворешни фактори, ЕУ, Соединетите Американски Држави и други јавни и стручни личности. Сите со големо чудење го примија фактот дека се дава аболиција на лица кои очигледно извршиле кривични дела и за кои уште не е започната дури ни судската постапка. Ако оваа формула за национално помирување ја прифатат во Колумбија, каде државата води повеќедецениска вистинска војна со нарко картелите, тогаш, според Хорхе, ако бидат тие амнестирани, има шанси да завладее мир во таа држава.

Личност која треба да извршува така висока функција во една држава, со вакви бесмислени одлуки, со кои покажува елементарно незнаење при донесувањето на своите одлуки и последиците кои ќе ги предизвикаат во општеството, треба да има доблест и минимум достоинство да си признае пред себе дека не е способен за извршување на дадената функција. Колку порано ќе се повлече, толку помали ќе бидат последиците. Од настанатата ситуација во државата по непромислената аболиција, се гледа дека состојбите од ден на ден се влошуваат и сè уште не се појавил некој јасновидец кој може да претскаже како сето ова ќе се заврши. Меѓутоа, во игра се и најцрни сценарија.

Вообичаено е да се каже дека претседателот на некоја држава е „татко на нацијата“. Меѓутоа, тоа не важи за нашиов претседател. Тој со досегашното делување и неисполнување на функцијата на која беше наместен, се покажа како очув на нацијата. Толку штети ѝ нанесе на државата, што не може да се спореди и со најлошите очуви од детските бајки. Затоа е крајно време мирно да се повлече од функцијата.

Слики: Свирачиња