Зошто Груевски сака избори на 5-ти јуни по секоја цена?

16.05.2016 13:21
Зошто Груевски сака избори на 5-ти јуни по секоја цена?

1. Затоа што само на еднопартиски избори Груевски може да формира влада.

Груевски е свесен дека на повеќепартиски избори, кои би биле фер и слободни, има минимални шанси да формира влада. Веќе нема три пратеници од дијаспората („три од карти“), затоа што дијаспората не пројави доволно интерес за избори. Неколку партии ја напуштија неговата коалиција (ДС, ДОМ, НДМ и уште неколку помали), па Груевски е принуден да симулира широка коалиција со дури шест ромски партии во неа. Довербата во Груевски е сериозно разнишана по „општата амнестија“ на злосторничкото здружение за изборен криминал, па сè потешко и поскапо функционира системот на „обезбедување доверба“ со притисоци врз администрацијата, заплашување на гласачи и купување на гласови на големо и мало. Груевски знае дека тешко ќе може да најде партнери во Владата откако буквално ги „потроши“ ДПА и ДУИ кои загубија голем дел од довербата кај нивните гласачи поради коалицирањето со Груевски.

2. Затоа што на Груевски му е многу полесно да ги лажира еднопартиските избори за да прикаже народна поддршка.

Груевски се надева дека со еднопартиските избори ќе прикаже масовна народна поддршка за неговата партија, бидејќи ќе отсуствува строг мониторинг од страна на другите партии кои нема да учествуваат на изборите. Повеќепартиски избори, кои би биле фер и слободни и на кои би учествувале сите партии е многу тешко да ги лажира, особено по обелоденетите методи со кои „обезбедуваше поддршка“ на претходните избори.

3. Затоа што доколку „општата амнестија“ за изборен и друг криминал се поништи, тогаш седум пати „аболицираниот“ Груевски ќе се соочи со низа обвиненија за сериозни кривични дела, што ќе доведе до уште поголемо намалување на опаѓачката доверба. Вака, со непоништена аболиција и избори на 5 јуни, Груевски се надева дека ќе обезбеди каква-таква политичка поддршка за неговото не(о)судено злосторничко здружение, на кое му се заканува отстранување од изборниот процес поради изборен криминал и корупција.

4. Затоа што на Груевски воопшто не му е гајле дали изборите на 5-ти јуни ќе бидат меѓународно признаени или не, како што не му е гајле ниту за Уставот, законите и за државните институции кои се киднапирани од неговата партија. Груевски е соочен со изборот – сигурен пораз на повеќепартиски фер и слободни избори или сигурна победа на еднопартиски избори кои ќе прикажат лажна поддршка од страна на гласачите, корумпираните медиуми и киднапираните државни институции. Нормално, Груевски бира сигурна победа, наместо сигурен пораз кој автоматски ќе значи и изведување пред суд и соочување со правдата.

5. Затоа што по изборите на 5 јуни, Груевски и поголем дел од осомниченото злосторничко здружение ќе добијат пратенички имунитет. По криминалните еднопартиски избори, Груевски може дури и да си дозволи да остане како пратеник и да формира квази-експертска влада од „експерти“ кои се појавуваат на контра-протестите на ГДОМ. Само со апсолутна контрола врз владата, врз органите на прогонот (МВР) и правдата (ЈО, судовите и Уставниот суд), Груевски може да се надева дека ќе остане на слобода. Груевски е свесен дека ако само за неколку дена ја изгуби реалната контрола врз МВР и судовите, ќе биде уапсен и ќе му биде определен притвор за изборни криминали и корупција.

Накусо, Груевски нема друга „добитничка“ опција освен лажирање на изборите на 5-јуни, добивање пратенички имунитет, и формирање Влада која ќе му овозможи натамошна контрола врз МВР(О), тефтер-судиите и сега – 120 пратеници!

Со 120 пратеници, Груевски ќе може не само да го укине законот за СЈО, туку и да го промени Уставот, со цел да ја продолжи „конечната пресметка“ против неговите „непријатели“ кои се множат како печурки после мајски дождови.

Затоа, противуставните еднопартиски избори на 5-ти јуни треба да бидат спречени по секоја цена.

Смрт на фашизмот, слобода на народот!

Извор: Слободна Македонија
Слики: Александар Ковачевски