1007 hPa
94 %
17 °C
Скопје - Вто, 10.09.2024 21:59
Скопје, 17 мај 2016
Група незадоволни споменици кои не беа ишарани на протестите на Шарената револуција вечерва одржа мирен протест пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи нивните активистки да ги искапат и нив.
„Иако демонстрантите не нè испрскаа со вода, заслужуваме партијата која нè постави да се грижи за нашата хигиена. Сакаме редовно капење, а не да бидеме споменици од втор ред“, рече еден од незадоволните споменици.
Еден од нашите бронзени соговорници кој сакаше да остане анонимен како Воинот на коњ, рече дека спомениците спонтано се собрале пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, очекувајќи спонтано да се појават жените што ја чистеа Порта Македонија.
„Доколку нашето барање за капење не биде исполнето, ќе бидеме принудени да го радикализираме протестот и да ѝ се придружиме на Шарената револуција така што ќе ги напуштиме нашите места“, рече нашиот соговорник.
По завршувањето на протестот, на кој не се појави спонтаниот хигиенски одред на ВМРО-ДПМНЕ, спомениците мирно се разотидоа и се вратија на своите постаменти.
Слика: Александар Дојранлиев