1008 hPa
48 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 13:59
На почетокот од 2012 година се сретнав со Ахмет Давутоглу, тогашен министер за надворешни работи на Турција, во хотелот Вилард во Вашингтон. Се сретнавме на вториот спрат во приватната соба која вообичаено е резервирана за дипломати кои патуваат, во вашингтонскиот жаргон позната како „гнездото“. Давутоглу ме дочека топло, ме повика да седнам на каучот и ми понуди чај. Средбата почна добро, но интервјуто заврши катастрофално.
Во тоа време работев на статија за Њујоркер за сè поавторитарниот стил на владеењето на шефот на Давутоглу, тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган. Давутоглу очигледно мислел дека ќе разговараме за турската надворешна политика. Кога го прашав за повеќе од седумдесетте новинари во турските затвори, занеме и се вкочани во својата фотелја. Откако се созема, побрза да го одбрани Ердоган. „Луѓето кои ја обвинуваат нашата влада за автократски тенденции не се во право“, рече. Веднаш потоа стана, и тоа беше крајот на интервјуто. Мојот чај сè уште беше топол.
Давутоглу, кој 2014 и самиот стана премиер, поднесе оставка минатиот четврток, наводно заради несогласувања со Ердоган, сегашниот претседател на Турција. На конференцијата за печатот, Давутоглу му изрази безрезервна лојалност на поранешниот шеф, но не успеа да ги сокрие знаците на разочарување на лицето – можеби и вчудоневиденоста што и тој дојде на ред. Тоа е стара приказна: лојален сатрап кој гради кариера напаѓајќи ги противниците на господарот, за на крајот и самиот да биде отфрлен.
Нема потреба да се пролеваат солзи за Давутоглу кој со години подготвено маршираше до Ердоган во походот против турските демократски институции и така ја доведе земјата до раб на диктатура. Ако некого треба да жалиме, тоа е турската демократија која со овој чин остана без еден од последните механизми за зауздување на моќта на Ердоган. И, навистина, можеби оставката на Давутоглу ќе остане запаметена во историјата како моментот кога се сруши турската демократија.
Тој момент долго се подготвуваше. Ердоган стана премиер 2003 година, кога неговата партија АКП го освои парламентарното мнозинство на општите избори. Во тоа време, Ердоган во Турција и во странство беше славен како новото лице на исламската демократија и како мост помеѓу истокот и западот. Турција веќе беше членка на НАТО и претендираше кон членство во ЕУ. Американските претседатели – прво Буш, а потоа и Обама – за него имаа само пофални зборови; беа презадоволни што најпосле имаат пријател во инаку непријателскиот дел од светот.
За волја на вистината, Ердоган од самиот почеток покажуваше загрижувачки антидемократски склоности, но неговите пријатели, вклучувајќи ги и оние во Белата куќа, беа подготвени да му прогледаат низ прсти. Познат пример е серијата истраги за нешто што Ердоган и неговите соработници го нарекуваа „длабока држава“: наводно огромна тајна мрежа воени и разузнавачки офицери кои работеле на неутрализирање на турската демократска влада. Со тој изговор беа уапсени стотици непријатели на Ердоган, вклучувајќи многу универзитетски професори, новинари, воени офицери и припадници на хуманитарни организации – вкупно, повеќе од 700 луѓе – кои беа дел од јадрото на политичката опозиција. Како што констатирав во статијата од 2012 година, доказите против многумина, ако не и за повеќето уапсени биле недоволни, исфабрикувани или едноставно смешни. Заканата од „длабоката држава“ е искористена како оправдување за гушењето на поинаквото мислење. (Во надворешната политика Ердоган правеше прекршоци и често застапуваше анти западни ставови, вклучувајќи го и давањето загрижувачки изјави за Евреите и еврејскиот заговор и отворањето на границите за слободен премин на најрадикалните странски џихадисти во Сирија.)
Ердоган продолжи по свое, затоа што изостануваа критиките од Западот. По три мандати на местото премиер, во 2014 се кандидираше за претседател и објави дека има намера да го промени уставот така што на претседателот – односно, себеси – ќе му пружи многу пошироки овластувања. Истовремено се погрижи на местото премиер да дојде Давутоглу. Се претпоставуваше дека Давутоглу само ќе одобрува и ќе потпишува сè што ќе му наложи Ердоган, како и во минатото. Турските гласачи го одбија референдумот на Ердоган за промена на уставот и за момент изгледаше дека сè уште е можно да ѝ се застане на патот на консолидацијата на моќта на Ердоган. Но, сега е очигледно дека Ердоган нема да се откаже додека не го добие она што го сака. Додека известував од Турција во 2012 година, многу опозициски лидери ми зборуваа дека моделот на владеење на Ердоган не е преземен од истокот, туку од Русија, каде Владимир Путин успешно ги користеше изборите и другите демократски структури за да ја зацврсти својата власт, со конечна цел да ја укине демократијата како таква.
Кога ќе се осврнам на изминатите настани, ми изгледа дека пресвртница за Турција беше 2013 година. Таа година беше завшрена изградбата на новата претседателска палата со илјада соби (и пет постојано вработени прехранбени технолози кои проверуваат дали храната на претседателот е затруена) која чинеше 600 милиони долари. Истата година, Ердоган ја испрати полицијата на демонстрантите во паркот Гези во Истанбул, каде тие протестираа заради автократските испади на Ердоган; неколку демонстранти беа убиени, а илјадници повредени или уапсени.
Според новинарските извештаи, Давутоглу поднесе оставка заради упорните обиди на Ердоган да ги прошири овластувањата на претседателската функција која ја извршува. Ако новинарските извештаи се точни, тоа значи дека Ердоган веќе не сака да го трпи дури ни најблагиот отпор кој можеби му го пружал Давутоглу. Тоа значи дека Ердоган сега сам ја држи целата власт, засега без никаква контрола. Да се надеваме дека оставката на Давутоглу ќе ги разбуди турските гласачи. Затоа што, времето за спас на турската демократија истекува.
06.05.2016
Извор: http://www.newyorker.com/