Гланцањето споменици за две години ќе „исчисти“ 730.000 евра?!

18.05.2016 03:51
Гланцањето споменици за две години ќе „исчисти“ 730.000 евра?!

Градежната компанија „Бетон“ и во наредните 24 месеци ќе ги одржува фонтаните и спомен-обележјата. Проценетата вредност на договорот е 730.000 за една година, објави Бирото за јавни набавки. Засега „Бетон“ понудил цена од 320.000 евра, но упатените објаснуваат дека тоа веројатно е сума за дел од услугите.

Минатогодишниот договор, исто така со „Бетон“ беше склучен на крајот од мај.

Минатата недела, пак, Град Скопје објави дека ангажирана фирма ќе ги чисти спомениците во паркот „Жена борец“, но и други споменици што се во нивна надлежност. Оваа информација предизвика реакции на социјалните мрежи. Граѓаните коментираа дека Шарената револуција уште повеќе треба да го обои Скопје, за да има зошто да се плаќаат по стотици илјади евра годишно за чистење на спомениците.

Архитектката Даница Павловска, пак, објаснува дека Порта Македонија и Воинот на коњ мора да имаат посебен третман на одржување и дека за таа намена се одвојуваат дополнително пари во централната државна каса.

- Во „Службен весник“ е објавена листата на споменици што се ставени под заштита како културно наследство и тука се најголем дел од градбите на „Скопје 2014“, меѓу кои и Порта Македонија и Воинот на коњ. Спомениците што се културно наследство, во зависност од категоријата, се под заштита на надлежните институции, како Министерството за култура или Конзерваторскиот центар на Град Скопје и за нив има предвидено посебно пари во Буџетот. Тие што се под заштита, според закон, мора да се третираат на посебен начин, тоа мора да го прави стручна екипа. За секој материјал, па тоа и да е гипс, има посебна постапка на одржување. Во никој случај, според закон, не може да се ангажира некоја фирма и таа да биде препуштена сама на себе во врска со чистењето - објаснува Павловска.
Таа вели дека новите градби од „Скопје 2014“, всушност ги истиснаа старите културни наследства.

- ГТЦ се избриша од оваа листа за да дојдат некои нови споменици за кои ќе се црпат пари од државната каса. Тоа е апсурд! - вели Павловска.

Проектот „Скопје 2014“, според осуммесечното истражување на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), чини 560 милиони евра.

Истражувањето, објавено во форма на интерактивна база на податоци „Скопје 2014 под лупа“, опфати повеќе од 130 објекти, сите финансирани со јавни пари, каде што како инвеститори се јавуваат Министерството за култура, Службата за општи и заеднички работи на Владата, општината Центар, Градот Скопје, како и неколку општини и акционерски друштва со државен капитал.

Во огласот што го објави Град Скопје, компаниите што биле заинтересирани за чистење на спомениците и фонтаните, можеле да отидат на увид за да видат точно за кои споменици станува збор. Притоа, компанијата треба да има минимум една машина за чистење на мермер и една за чистење на бронза. Исто така, компанијата треба да има вработено или ангажирано со договор минимум 14 вработени, од кои по еден електроинженер, градежен инженер, архитект и машински инженер и 10 работници.

Ќе седиме на барокни клупи од 275 евра

За изработка на 100 клупи од иглесто масивно дрво, со посебни орнаменти и други наведени елементи, Град Скопје ќе плати околу 27.500 евра. Договорот е склучен со Занаетчија леарница Панко Мрчковиќ, објавено е на Бирото за јавни набавки.

За исто толку пари, со истиот занаетчија, е склучен договор и за набавка на два вида корпи. Вкупниот број канти за отпадоци е 350.

Цените, како што објави Бирото за јавни набавки, се без ДДВ. Клупите и кантите за отпадоци ќе се поставуваат сукцесивно во период од една година.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото