Дали Џони Штулиќ е Македонец?

18.05.2016 09:51
Дали Џони Штулиќ е Македонец?

Да бидеме цинични на почетокот и да го поставиме прашањето: „Кога ќе се сруши или барем ќе се намали митот за Џони Штулиќ?“ Можниот одговор на циничните би бил: „Кога некогашниот фронтмен на Азра ќе прифати собирање на бендот и повратничка турнеја како онаа на Бело Дугме од 2005 година.“ Во тие прилики секогаш ќе има онакви алхемичари кои бараат тајни состојки за новооткриената љубов и ќе заклучат дека во целата таа реприза има многу повеќе проценти отколку страсти. А, митовите се засноваат главно на љубовта, и според правилото се наплатуваат со пари.

Тоа добро го знае Горан Бреговиќ, па овогодинешната прослава на јубилејот на Бело Дугме е заснована само на двајца членови – Бреговиќ плус Ален Исламовиќ. Затоа што, тоа делува многу поискрено отколку повторното дружење и сликање со Бебек и Тифа по сите овие години и тешки зборови. И Џони Штулиќ знае колку лизгави се тие обнови на старите љубови иако во неговиот случај сигурно нема ни мисла за собирање на Азра, и покрај тоа што во сите престолнини на постјугословенските држави има публика во бројка барем како што овие денови ќе биде во Лестер на прославата на шампионската титула.

Но, никогаш нема да има повратнички концерти на Џони Штулиќ, така што неговиот мит ќе го има сиот потребен конзерванс за долгорочно траење. Тоа долгорочно траење на секои неколку месеци или години се освежува со ненадејни појавувања на самиот Бранимир Џ. Ш. кој ќе се огласи со некаков повод кој го предизвикал или новинарите успеале телефонски да го добијат за нешто што тој го сфаќа како неформален разговор, а медиумските душкала како „ексклузивно интервју, и тоа прво по толку години“. Минатата недела Џони беше испровоциран од изјавата на Синиша Шкарица, долгогодишен уредник на дискографските куќи Југотон и Кроација Рекордс, и тоа токму за една од неговите најголеми златни кокошки – Азра и плаќањето на авторските права.

„Јас сум Азра! Единствено јас плаќам членарина и немам ниедно хрватско крвно зрнце, ниту сум дете од хрватско-српски брак. Значи, Азра не е хрватски бенд, како што ни „левис“ фармерките не се од Вараждин, иако ги произведуваа во осумдесеттите“, изјави Штулиќ тврдејќи дека никогаш не му ги продал сопственичките права на Југотон.

Пред да влеземе во „крвната“ слика на оваа изјава, треба да се каже дека Џони редовно се јавуваше во врска со тие авторски права, но постои друга приказна која го ослободува од етикетата на алчноста затоа што не само што не го интересираа повратничките турнеи, тој често не се грижеше за парите од истите тие авторски права.

Неговото тврдење дека нема ниту едно хрватско крвно зрнце беше доволен повод „ние“ едноставно да го прогласиме за Србин. Дали тоа е една од последните епизоди на српско-хрватската дискусија за наследството?

Се разбира, како и сè друго со Џони, вистината е покомплексна и како таква е недостапна за оние што сè сфаќаат буквално. Кога го кажува тоа за „крвните зрнца“, веројатно мисли на некоја од своите интересни, настрана колку и научно втемелени, теории за потеклото на овие народи. Џони често себеси различно се нарекувал по тоа прашање – но, сите тие називи „богомил“, „Илир“, или како и да е, всушност се метафора за одбивање на припадноста во овој несреќен круг на два народи кои едниот на другиот постојано му наштетува. Особено затоа што тој, со авторската моќ и страшното согледување, изгледа претчувствувал дека браќата ќе се закрват додека повеќето од нас тоа не го ни сонувале. Тоа е тешко бреме и човекот единствено може да се обиде да се спаси така што ќе го отфрли претесното палто во кое се обидуваат да нè пикнат веќе четвртина век“, ја анализира последната изјава на Џони, Ѓорѓе Матиќ, кој, како и Штулиќ, речиси истовремено, го заменил загребскиот дом со оној холандскиот.

Авторот на овој текст, во осумдесеттите, го слушал радио интервјуто во кое Штулиќ се изјаснил како „Босанец“, „сопственик на нехрватски крвни зрнца“... сето тоа беше ист став и ист одговор, всушност, одбивање да се определи особено во периодот од неколку години пред крвните зрнца посветено да почнат да се бројат побрзо и поизвесно од ДНК.

Поциничните Срби ја коментираа последната изјава и како: „Еве, сега кога ‘откачил’, и тој станал Србин?“ Како, секој во конфликтот со својата „поранешна татковина“ да се определи на овој или оној начин да биде Србин? Што е Џони Штулиќ по националност, ако тоа воопшто е важно во ова негово присвојување во целата поранешна Југославија?

Ѓорѓе Матиќ смета дека овие поделби се страшно тесни и на човекот му е тешко да се одбрани од тоа.

Мислам дека би можело да се каже дека тој „по националност“ е – провокатор. Оној што сака да оди во чекор со воспоставените и редуцирани начини на гледање на нештата во секој поглед на животот овде, па така и по ова прашање. „Кажи што си, па мирна Босна.“ Тешко на оној кој не сака да се согласи со таквите поделби. Во еден есеј го нареков „Хамлет на нашиот рокенрол“, а оној што сака да размислува, може да тргне по оваа метафора, па веднаш ќе се измести од баналноста со која се обидуваат да го претстават овдешните медиокритети“, вели Матиќ.

Во тие брзоплети докази за новосрпството на Штулиќ спаѓа и неговиот последен опус во кој ги обработи „Таму далеку“ и „Маршот на Дрина“ кои брзоплетите повторно ќе ги прогласат за единствен доказ, но, оние подобрите познавачи на дискографијата ќе се сетат на неговото поигрување со рокенролот и фолк традицијата и одамнешното калемење на Загорје и Боб Дилан во „Клинчек“, како и хитот „Мито, бекријо“.

Ѓорѓе Матиќ вели дека Штулиќ е личност со чуден, особен „синкретизам“и обиди за спојување на најразлични и често спротивни поими од културата и повеќе култури, а сите минуваат низ една многу динамична личност, низ него самиот, и како мислител и како интерпретатор.

„Како крлежијанец, препознавам друг крлежијанец, а тоа секако е Џони – оттука, неговиот начин за поврзување на нештата е на иста линија, а таа линија исто така секогаш и единствено го подразбира целиот и комплетен јужнословенски комплекс. Понекогаш и пошироко – како што се гледа во опсесиите на Џони како што е античка Грција, па сè до Индија. Тој во тоа гледа една црта која дели нешто“, вели Матиќ, кој одговара и на прашањето дали во националното присвојување на Штулиќ се кријат сите тие наши фрустрации заради кои сето тоа водеше кон распадот и војната.

„Ова што го кажуваш навистина е така и е многу прецизно: во присвојувањето на Штулиќ навистина се кријат и сите наши фрустрации, фрустрациите на малите, исклучиви и понижени на кои не им остана многу освен да ја удрат таа „црта на разграничувањата“, па некако да им биде полесно. На овие народи нема да им биде полесно заради тоа, исто како што Џони нема да биде даден на посвојување, ниту тоа, меѓу другото, е можно“, зборува за последната точка на „раздвојувањето“ на поранешните Југословени токму за она што можеби и најмногу ги поврзува – музиката, па се разбира и онаа на Џони.

Тој не се сложува дека митот барем малку би се соголил кога би бил објавен календар со концерти за повратничка турнеја низ поранешна Југославија.

„Би било многу нечесно да се сведе митот за Џони во отсуствуво – демек „го нема, па затоа го сакаат“. Тоа е типичен овдешен, потценувачки начин. Човекот направи циклус авторски песни кои со својата јачина, проникливост и чудна, невешто скроена убавина, се самообновуваат веќе толку години. Во тоа е клучот. Покрај тоа, неговата оддалеченост и неприсутност не е неутрална, туку таа е израз на ставот на авторот, таа е морален чин. Џони одбива да учествува во сè што сс случило и што се случува сè уште, и тоа го кажува постојано. Неговата доследност, ако се погледне во ретките искази од деведесеттите до денес – е импресивна. Не зачудува што фрлачите на палтото, претставниците на културите на овие нации, не го сакаат и го негираат, почнувајќи од неговата бранша“, Матиќ ја сумира последната епизода од „случајот Џони“.

Како и да е, постои едно нешто во кое сите поранешни Југословени се доследни, а тоа е прогонувањето на човекот кој одлучи да исчезне во моментот на врвот од славата и да ја замени за анонимноста на талентираниот фудбалер во пониските холандски лиги и човекот кој ја адаптира „Илијада“. За некои, митовите се тука за да се рушат, но многу е тешко да се уништи легендата за човекот кој прв се откажа од нашите балкански глупости.

Извор: Nedeljnik, 13.05.2016

Слични содржини

Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Свет / Музика
Балкан / Музика / Историја
Музика
Култура / Уметност / Музика

ОкоБоли главаВицФото