Носталгија

19.05.2016 09:39
Носталгија

Носталгија

Јазикот не го знам
на оваа студена земја,
ниту знам да одам со нејзиниот чекор.

Ни облаците што горе се влечат
да ги толкувам не знам.

Ноќта вистинска кралица не е.

Постојано морам на фараонски шуми да мислам
и ги бакнувам сликите на моите ѕвезди.

Усните мои веќе светат
и за далечното зборат,

и книга сум со шарени слики
на твојот скут.

Но твоето лице ткае
од плачење еден превез.

На моите светнати птици
избодени се нивните корали,

во градините врз оградите живи
се скаменуваат нивните меки гнезда.

Кој ги премачкува со миро моите мртви палати –
носеа тие круни на татковците мои,
потонаа молитвите нивни во светата река.

 

Крај на светот

Во светот се плаче, се стенка,
Небаре умрел драгиот бог,
А надолу паѓа оловна сенка
Тешка како надгробен каменен блок.

Дојди, ќе се скриеме поблиско ние...
Во сите срца животот е вгнезден,
Чиниш во мртовечки сандаци се крие.

Ти! Бакнежот наш длабоко ќе се впие –
Копнежот чука на светот везден
До кој ќе мора да умреме ние.


Мојот модар клавир

Дома имам еден клавир модар
Но не знам да свирам на ноти.

Во визбата стои зад врата ко одар
Зашто грубоста светот не ја скроти.

Четири ѕвездини раце свират
-Месечевата жена в чамец пее –
А стаорци ора во чкрипот шират.

Клавијатурата е скршена и крива...
По модриот мртовец јас плачам.

Ах, ангелот драг, уште жива
-Јадејќи горчлив леб се мачам –
Ми ги отвори веќе небеските врати
И против забраната таму ме прати.

 

Разделба

Но ти никогаш не дојде со вечерта –
Во ѕвездена наметка седев јас

...Кога ќе се чукнеше на вратата моја
тоа беше срцето мое.

Тоа виси на секоја врата,
и на твојата исто;

меѓу јунците огнена ружа гасне
во венци со кафејава боја.

Го обоив небото со капинова боја
од крвта на моето срце.

Но ти никогаш не дојде со вечерта –
... јас стоев во златни чевли.

 

Препев: Душан Томовски
Фотографии: Луиза Каркавале

Елзе Ласкер-Шилер (Else Lasker-Schüler; 1876 – 1945), германска лиричарка, раскажувачка, есеистка, драматург.Таа се смета за една од првенците на експресионизмот чие што спонтано воопштување на индивидуалното чувство води кон глобално прикажување на светот. Нејзината лирика извира од најдлабоката самосвест на една бездомна Еврејка која во својот живот знае само за порази, било на сентиментален, било на општествен план. Најубавите нејзини збирки се застапени во збирките: „Хебрејски балади“ и „Мојот син клавир“. Останатите нејзини прозни дела се: „Ноќите на Тино од Багдад“ и „Принцот од Теба“.

ОкоБоли главаВицФото