Демократски избори ‒ само без ВМРО-Злосторничка!

19.05.2016 15:59
Демократски избори ‒ само без ВМРО-Злосторничка!

Анализирајќи ги политичките настани во Македоња Вечна, со мала филозофическа дистанца неопходна за чистата мисла, човек не може да не забележи како во секоја постапка на ВМРО‒Злосторничка Глупоста и Злото меѓусебно се надополнуваат, и ‒ весели и подвижни како верверички во игра ‒ ја вртложат несреќната историја на библиската земја...

Оваа дијалектичка комплементарност на Глупоста и Злото, отелотворена во партиската држава на ВМРО-Злосторничка, сосем сигурно ѝ ги обезбеди иницијативата и ефикасноста со кои така успешно ја уништуваше македонската државна и културна посебност овие црни десет години. Злото во ова единство ја обезбедува мотивацијата што го „рационализира“ перформансот на Глупоста (се работи, секако, за клептократските мотиви), додека Глупоста му ја овозможува непресушната иницијатива и непредвидливоста на Злото. А, оваа инхерентна непредвидливост на Глупоста, всушност, и не доаѓа само од нејзината неспознатлива „креативност“ и комплексност, туку уште повеќе од слабоста на рационалниот ум: нормалните луѓе никогаш не се подготвени да ги прифатат Глупоста и Злото како реални факти. Поради тоа, разумот секогаш доцни зад Глупоста, а истото се случува и со Злото: тоа е секогаш пред Доброто, зашто злосторот по природата на нештата ѝ претходи на правдата.

Оптимизмот во оваа мрачна дијалектика произлегува од фактот што истата иницијатива што на сите јавачи на Злото во историјата им ја испорачуваше непредвидливата Глупост, истата таа е суштинска причина и за нивната сопствена пропаст. Непрекинатата и налудничава, несопирлива и ирационална, малоумна и сеуништувачка иницијатива на Глупоста е искажана и во омилената изрека на Мусолини, во познатиот цитат што Плутарх го наведува како повик на Помпеј до морнарите: „Да се плови се мора, но да се живее не е неопходно“ (Navigare necesse est, vivere non est necesse). Во исказот е вткаена самата суштина на фашизмот: неговата секогаш затрчана и забревтана иницијатива со бесмислена и сеуништувачка акција да се велича органската целина на водачот, партијата, државата и народот. Иницијатива што по дефиниција се остварува исклучиво преку жртвување на поединечниот живот. Оваа нехумана суштина на фашизмот, неговата инхерентна и перформативна нечовечност, секогаш на крајот го обезбедува и неговото сопствено уништување. Така заврши Мусолини, а така ќе заврши и вмровската преродба.

Овој траорен излет во дијалектиката на Глупоста и Злото беше потребен само за да го истакнам преочигледниот факт дека истата таа несопирлива иницијатива што Глупоста му ја даваше на режимот на Груевски ‒ што со силата на воздушен вител или сеуништувачки културоциден торнадо, му ги донесе сите победи над македонската демократија и култура – истата воздушеста иницијатива сега се претвори во густ каллив вир што вртложи и надолу, во сопственото уништување, несопирливо ги влече и Груевски и неговата ВМРО-Злосторничка. Се работи за историска неумитност, зашто Диктатурата на Глупоста во својата параболична патека на Злото го мина својот зенит, и го замени со забрзано паѓање во сè пострмното надолниште на сопствената пропаст. Тоа значи дека силите на Доброто не треба да ги вложуваат сите напори во одлагањето на изборите на 5 јуни, зашто тие се производ на таа иста иницијатива на Глупоста – тие се тресокот од тврдото дно и експлозијата на Партијата на Злото. Еднопартиските избори мора да се крајна реализација на серијата интергалактички глупости на режимот и логичен крај на режимот и неговата партија! Тука би можел да се сложам со Груевски дека еднопартиските избори ќе бидат сигурен спас од „политичката криза“!

Спасот би се одвивал отприлика вака. Еднопартиските вмровски избори на 5 јуни ќе бидат вистинска разврска на кризата, зашто тие ќе ја комплетираат политичката делегитимација на ВМРО-Злосторничка: сите домашни партии и граѓанското општество тоа веќе го направија, а меѓународната заедница нема да може а да не им се придружи прогласувајќи ги изборите за нелегитимни. Потоа, останува да се конституира Уставотворно, или подобро речено, Уставовратно собрание составено од делегати од сите политички партии и од претставници на граѓанскиот сектор, сите освен ВМРО‒Злосторничка! Уставовратното собрание ќе има за цел да избере експертска влада, да ја започне корекцијата на криминализираното и тотализирано законодавство, да ја изврши функционалната дегруевизација на државните институции, судството и медиумите. И, најважното: да овозможи судско процесуирање на сите виновници од ВМРО-Злосторничка за најголемиот злочин извршен против македонската држава – кражбата на македонската демократија, култура и иднина. Паралелно со ова, ќе се изврши историскиот попис на населението и конечно ќе се состави вистинскиот ажуриран и кредибилен избирачки список. На криминалните приватни медиуми што служеа за пропаганда и озлогласување на неистомислениците на режимот, ќе им се одземат фреквенциите што ги злоупотребуваа спротивно на законите и по судски пат ќе им се побара поврат на средствата украдени од Буџетот на РМ.

Во истиот период ВМРО-ДПМНЕ ќе се избрише од Судскиот регистар на политички партии затоа што ги прекршила најважните одредби од Законот за политичките партии: во членот 3 од законот е забрането „програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии да бидат насочени кон уривање на уставниот поредок на РМ, и разгорување на национална, расна и верска омраза или нетрпеливост“, што ВМРО‒Злосторничка го прекршуваше секоја секунда од своето владеење. Потоа, во членот 5 „се забранува секаква дискриминација врз основа на членување или нечленување во политичка партија“, што ова злосторничко здружување го претвори токму во обратна тоталитарна пракса – во универзална дискриминација на сите што немаат вмровска партиска книшка. И, уште, во членот 7 став 2 „се забранува дејствувањето на партиите во органите на државната власт (законодавна, извршна и судска), како и во јавните претпријатија, јавни установи и други организации основани од Република Македонија, општините и градот Скопје“ ‒ принцип што ВМРО‒Злосторничка не само што го крши, туку кршењето го престори во правило: таа дејствува исклучиво во и преку органите на државната власт. И, да не спомнувам уште стотина членови од кривичниот законик и неколку десетици илјади кривични дела што оваа злосторничка политичка партија ги извршила преку своите тела и членови во органите на државната власт во текот на своето криминално владеење. Елем, откога ќе се избрише од Судскиот регистар, членовите и симпатизерите на партијата што не ги окрвавиле рацете и на криминален начин не се омрсиле од буџетот на Републиката, може наново да ја основаат и регистрираат својата темелно реформирана партија, која нема да смее да го содржи акронимот ВМРО – кој со закон ќе им биде предаден на националната историја и на науката. Доколку јас се прашувам, реформираната Поранешна Злосторничка Партија нема да смее да го содржи ниту акронимот ДПМНЕ , зашто повикувањето на национално единство на една повеќеетничка, повеќеконфесионална и политички плурална нација, е исто така противуставно.

На крајот од опишаната права фаза од ослободувањето на Македонија од фашистичката Диктатура на ВМРО-ДПМНЕ и консолидирањето на државните, јавните и судските институции, ќе биде можно да се пристапи кон организирање на првите слободни, фер и демократски избори по 2006 година. Зашто, вистинските слободни, фер и демократски избори се можни само и единствено без ВМРО-Злосторничка и нејзините партиско‒државни инсталации. Затоа, ги молам Груевски и Високорангираните Злосторници на ВМРО-Злосторничка, да додржат и по секоја цена да ги одржат еднопартиските избори на 5 јуни!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат