Баравте - ќе гледате!

20.05.2016 02:33
Баравте - ќе гледате!

Изборите се одложија. Опозициските министри се исфрлени од Владата. Има најави дека Груевски повторно ќе се врати на премиерската функција. Договорот од Пржино е мртов. Аболицијата селективно ќе се укинува според теркот на ДПМНЕ и ДУИ. Уставниот суд ја прифати иницијативата на Талат Џафери за преиспитување на уставноста за самораспуштање на Собранието. Пред три месеци, за истата таква иницијатива поднесена од Павле Трајанов, Уставниот суд се прогласи за ненадлежен. Претседателката Елена Гошева тоа го одбрани со политичко образложение. Директорката на театар Комедија и кандидат за пратеник на листата на ДПМНЕ, Јелена Жугиќ, на својот ФБ профил побара од полицијата да употреби гумени куршуми за демонстрантите. Владините медиуми бараат да се укине СЈО. Македонија е вратена пред состојбата од Договорот од Пржино. Чавков повторно ја презеде контролата врз полицијата и нејзините сниматели. Институциите на државата се претворени во карикатура. Сите граѓани се поделени пред изборот меѓу Груевски и Македонија.

Во оваа и ваква ситуација, ние, граѓаните од Шарената револуција, сме последниот бастион на слободата, правдата и демократија. И затоа, дами и господа, другари и другарки, браќа и сестри, камаради и соборци од автентичното македонско движење Протестирам, односно од нашата Шарена револуција:

Врзете ги патиките за долго марширање,

подгответе ги боите во најшарените нијанси,

наштелувајте ги свирчињата и вувузелите на највисоки тонови,

повикајте ги вашите блиски да ви се придружат,

охрабрете ги колебливите да ве поддржат

и, како што му доликува на секој достоинствен човек кој држи до себе, до сопствените права, принципи и стремежи, излезете на барикадите.

Немаме друг избор освен да се бориме, затоа што правдата ни е поважна од Зврлевски, слободата ни е поважна од Чавков, Уставот ни е поважен од Гошева, Парламентот ни е поважен од Вељаноски, Владата ни е поважна од Димитриев, а Македонија ни е поважна од Груевски.

Рубикон преку Рубикон.

Бараа отпор, ќе добијат отпор.

Бараа затвор, ќе добијат затвор.

 

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографија: Ванчо Џамбаски