Млака вода

21.05.2016 12:30
Млака вода

Некни слушав нешто на БиБиСи, не знам што ми стана, не ме мрзеше, седнав на лаптоп, отворив Гугл и вчукав (на англиски, де): „Како да се свари јајце?“... За нецела една секунда (да бидам прецизен, за 0.71 секунда) добив 14 милиони и шестотини илјади можни одговори! Мајката! Хммм... Ме заинтригира. Продолжив: „Како да се сруши диктатор?“ Резултат: само 3 милиони и триста илјади можности, понудени за 0.73 секунди.

Си мислам, како е можно варење јајце да е речиси пет пати поконтроверзна работа од рушење недемократски режим?! Односно, ако рушењето диктатори (според Гугл) е толку поедноставна работа од обично варење јајце, зошто нам ни треба толку време за да се ослободиме од Фамилијата?

А можеби е тајната во силината на огнот на кој врие водата, како кај варењето јајца? Или е можеби важно да имате јајца, пред воопшто да се зафатите да варите што било?!

БЕЗ ЗАКАНИ, МОЛАМ!

Официјално, сто пати повторена, определбата на здружената опозиција и на граѓанската Шарена револуција е расправата со режимот да се одвива без примена на насилства, па дури ни закани за тоа. Се работи за еден многу фин, цивилизиран, демократски пристап, за секоја пофалба. Диктаторите многу ценат такви пристапи од страна на своите опоненти. Тоа е еден страшно субверзивен начин за спротивставување на режим чијашто дебелина на образ одговара на ѓонот на чизмите со кои газат врз сè што претставува цивилизирано, демократско општество: правда, законитост, слобода, солидарност, толеранција... Има во тој наш „миротворски“ граѓанско-опозициски пристап и доза на мазохизам, кукавичлак, страв и нерешителност, кои и пошироката домашна јавност (онаа што, исплашена повеќе од нас, „сè уште ќути“!) и онаа, меѓународната, ги толкуваат како калкулантство и, всушност, покажување помала решеност да се сруши режимот, одошто е желбата на самиот режим да опстане на власт. На ставот на Фамилијата дека ќе гризе со заби и ќе гребе со нокти – а ќе пука и со гумени и вистински куршуми, ако треба – за да си ги заштити позициите и интересите, од другата страна се одговара со, по малку, зарипнатото, но несомнено воспитаното „Ееее, срам да ви е!“ и со катапултиран поликолор во живописни бои. Како вистински хулигани го бојосавме асфалтот пред театарот на некаква режимска куртизана која бараше на протестантите полицијата да пука со гумени куршуми – ете, така ѝ е, да види како ѝ е сега, нека ѝ е! А и малку пцовки имаше, низ заби. Мора да е многу погодена.

Всушност, треба да се признае дека сите ние сме воспитани да се плашиме, дека така ги воспитуваме и своите деца, така да размислуваат, да избегнуваат конфликт, иако знаеме дека промените доаѓаат само преку разбивање на отстојаното секојдневие. Ние сме воспитувани и воспитуваме да се припаѓа кон молчеливото мнозинство, зашто тоа носи сигурност, неизложеност, желба за долговечност низ одбегнување на ризици. Турците ги издржавме пет века, па немало овој режим да го преживееме уште триесетина години!

Во македонската историја нема многу јунаштва, бидејќи преживувањето најчесто ни било поважно од слободата. Тоа е еден рационален, паметен пристап кој, историски, резултирал со задоцнето стекнување со национален и државен идентитет и самостојност. За идеали гинат будали, а Македонците се една нација составена од паметен свет. Додуша, никогаш не сме измислиле ништо важно, ниту сме направиле нешто релевантно; повеќе сме, што би се рекло, паметни од општ, драмосерски смер, но независна држава, важно, имаме, и тоа без многу да се помачиме или да се жртвуваме. Нас така нè задеси; геополитика, брат, кој им е виновен на Курдите.

Па, сега, дошол Грујо на власт со дружината и ја опљачкал државата! Туф, туф, туф, голема работа! Мислам дека треба само уште малку луто и строго да го гледаме и тој самиот, засрамен, ќе си замине од власт. Еве, само што не е... Што би рекла една моја пријателка, меѓу две клетви со кои ги проколнува: „Цуци, алал да им е, пет пари не даваат!“.

Добро, знам, ги чини ова многу повеќе од „пет пари“, со нивниот живот секако не би се менувал, но ни нашиот не е многу за фалење!

ПУДЛИЦИ НА ПРОТЕСТИ

Значи, разбирате што сакам да кажам: Дали е време за промена на методите? Односно, можеби поточното прашање е дали сме подготвени и понатаму да прифаќаме ние да бидеме интелигентните, а тие да си бидат на власт? Односно, не е ли попаметно да престанеме со употреба на вувузели на протестите, бидејќи ги вознемируваат десетиците пудлици и малите цуци-буци деца во колички во чие друштво, жестоко, секоја вечер протестираме за рушење на режимот?

Од минатава недела работите, де факто, се променија. Со повторна примена на политичко насилство од страна на власта – примената на насилството овдека секогаш било прерогатив на власта – вратени сме во претпржинска состојба: никакви реформи во департизација на институциите на се направени, напротив; никакво подобрување во медиумската сфера не се случи, напротив; состојбите за спроведување фер и демократски избори се полоши од кога и да е; а аболицијата, со која се поништи работата на СЈО, се разбира, нема абер да биде укината. И Гордана Јанкуловска е видена на фризер како се подготвува за враќање во ВМРО-МВРО, преправена во Чавков, кој забрзано пушта мустаќи.

Зградите на власта, коишто подолг период беа простории на техничкото пржинско владеење испразнети од моќ, повторно се „омоќија“, се вратија во својата „природна состојба“, си ја добија старата диктаторска содржина. И пржинскиот технички премиер Ноубади се јавил, заборавен, од Пробиштип, да праша дали е потребно да допатува во Скопје за, и формално, да излезе од Кабинетот, за да овозможи физичко враќање на Груевски во Шампитата крај Вардар? Му било одговорено: „Не, уште некое време седи си ти таму, а кога доаѓаш во Скопје редовно бриши џамови и вежбај со правосмукалката и не чепкај ништо по фиоките и низ хартиите на масата. Инструкции ќе следат!“

А СЕГА – „СТРАНЦИТЕ“!

Во недостиг на лична храброст – еве, признавам, кога одам на протести, често сум со велосипед, ако треба побрзо да се бега! – сите мои очекувања „за спас“, по соросоиден обичај, повторно ги насочувам кон „меѓународната заедница“ во која, засега, превладаа гледиштата на Јоханес Хан за консолидирање на режимот на Грујо и Али. Германците предоцна се вклучија, а пристапот им е туристички, за наново запознавање на природните, гастрономските и човечките убавини на нашата прекрасна земја. Во таа смисла би сакал да протестирам и кај американскиот заменик асистент помошник за асистенција државен секретар Хојт – Брус Ли – Ји зашто при последната посета на Скопје не се сретна и со Бранко Јаневски, лидерот на Социјал-демократската партија на Македонија, за да поразговараат за исклучително важниот проблем во разрешувањето на нашата политичка криза за тоа како да се пополни петтото слободно место во автомобилот на Јаневски кога одат на партиски митинзи за поддршка на власта? Слушнавме, дури и генералниот секретар на НАТО (!) побара укинување на аболицијата – мислам дека Грујо, објективно, многу го заболе за НАТО, веројатно му ја дуплираа терапијата за смирување.

Добро. Тоа значи дека против локалнава мафија ќе следува воведување санкции и црни листи. Колку задоцнето – па, секој ќе одбере меѓународни санкции наспроти одење во затвор! Да ги воведеа само пред десетина дена (а не пред десет месеци, кога навистина беше време за тоа!), па така подготвени Ји и Хајндл да дојдеа на нова тура посредување во Скопје, Македонија веројатно ќе се поштедеше од уште подлабоко пропаѓање во мочуриштето на Фамилијата што ни го приредија и минатава недела, а преговорите ќе се водеа околу условите за укинувањето на санкциите, а не за милоста на Груевски да ретерира од новата реалност што режимот повторно успешно ја генерира со враќањето на земјата во претпржинската состојба.

Патем, после една важна изгубена година („стратегија Хан“) во преговори со мафијата за тоа дали сака самата доброволно да демисионира, со својата конструктивност СДСМ станува сè поневажен фактор за уривањето на Фамилијата од власт. Мислам дека следува фаза во која балансот на моќта ќе се префрла од „зелената маса“ кон улицата, што значи дека возачите на багери ќе треба да станат побаран политички кадар од опозиционите самоумислени идни министри кои, три-четвртини, никој не ги препознава на улица. Дополнителна иронија е тоа што, со вака усвоениот циничен модел на „самопослужување“ во повлекувањето на аболицијата, се создава реална можност само Заев да заврши во затвор, бидејќи само нему и ќе му се суди, по одлука на претседателот Иванов да ја укине неговата аболиција. Но, Заев е конструктивен, верувам дека ќе ја прифати барем таквата, важна, разрешница на оваа политичка криза.

***

Брееј, чудна работа кон какви сè размисли може да те одведе едно пребарување на Гугл за тоа како се варат јајца! Всушност, сфаќаш дека, и кога вариш јајце, изборот е секогаш твој за која варијанта ќе се определиш: некои ги сакаат поживи, некои потврди, ама јасно е дека во млака вода никогаш нема ни да почнат да се варат.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото