Продал само еден орган за матурската прослава на детето

21.05.2016 13:06
Продал само еден орган за матурската прослава на детето

Скопје, 21 мај 2016

Мирко Голтарџиев, 50-годишен скопјанец кој има син матурант, продал само еден бубрег за да ја плати матурската прослава на својот 18-годишен син кој годинава го завршува средното училиште.

Голтарџиев е еден од ретките разумни луѓе кои не се расфрлаат со пари, па така, тој за прославата не потрошил повеќе од 5.000 евра и поминал само со продавање на еден свој бубрег, коментираат неговите соседи.

„Ова што го прават со матурите нема смисла. Си ги продаваат нивите, викендичките, по 2-3 органи, само за да ги платат оние прескапи прослави и веселби. Среќа што Мирко е разумен човек, па организираше мала веселба, само за најтесниот круг пријатели и роднини“, вели Спасе, сосед и пријател на Мирко, кој го продал својот стан во Охрид за да ја прослави полуматурата на својот син.

„Горд сум што син ми го заврши задолжителното средно образование, но се радувам и што поминавме релативно евтино за прославата. Навистина се претерува со сите тие трошоци“, вели Мирко, и додава дека со остатокот од парите од продадениот бубрег ќе си купи нов телевизор, кој ќе го смести во една од собите во неговата куќа каде покривот не прокиснува.