1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
1.
Онаа концентрат идиотштина наречена „Канго музика“ и платена со девет илјади евра буџетски, што ќе рече пари што можеле да се потрошат (барем) за нешто покултурно, дополнително дотури, и дотура, бензин на огнот на народниот гнев. А покажа и колку е пораснат интересот на јавноста за малоумните „вложувања“ на културниот денар во секакви полуписмени партиски пиони кои сега испорачуваат високи сметки за нивните услуги. А „госпожа“ Канческа – плаќа! Око не ѝ трепнува и продолжува околу себе да ја шири реата на кичот и тоталното обесмислување на поимот култура!
Но, кога ова би бил некаков преседан или инцидентен пример. За жал, ваквите скандали станаа пракса односно систем низ годиниве што поминаа, само што јавноста или не ги знае(ше) или се правеше дека не ги знае. И токму тука, во глумењето незнаење, се лоцира и злосторството на молчењето и неправењето (што толку ги погоди трабантине!), особено изразено во културата и уметноста, но никако помалку ниту во износ сферата, здравството, образованието итн. Некои нешта можеби не ѝ беа така очигледно поттурани под нос како примеров со непрежалениот им Канго уфуран во филмот на Џими Хендрикс на кочански начин. Иако не гледам голема разлика помеѓу него и сите оние други шушумиги кои последниве години го празнеа културниот буџет, почнувајќи од кафеански музиканти од секаков профил до налудничавине „креативни индустрии“ од, на пример, прехранбени производи, па изложби на секакви ретарди или некаков квазидизајн во изведба на разноразни јавни и тајни соби, итн. Сиот тој шљам со години е закачен на касата на Министерството за (не)култура, поклопувајќи ги безочно вистинските македонски културни и уметнички вредности кои бандитиве едноставно сакаат да ги уништат, како крајна цел.
И во тоа (делумно) успеваа(т). Како што, впрочем, успеаја да уништат цело централно градско подрачје, претворајќи го во кичесто село од нивните провинцијални соништа! Коешто, сега, младите се обидуваат да го „разубават“. Иако тоа мораше да се направи многу, многу порано!!!
2.
И сега, насловот лесно би можел да биде и „Цената на уметникот“ (имајќи го предвид „уметникот“ од почетокот) иако тоа не е исто, се разбира. Барем во нормалните држави. Кај нас, налудничавата (не)културна пракса извитопери сè, па и тоа, така што дури може и да се постави знак на равенство помеѓу (цената на) уметноста и уметникот. Односно, најчесто, со државни пари се плаќа / купува уметникот, а не уметноста. Особено ако уметникот има партиска книшка или ако е симпатизер. А може и да е одработувач – како гласноговорник на власта, а во вид на „колумнист“, „експерт“, „контрапротестант“ и слични нам знајни и незнајни новосоздадени професии. Иако, најчесто, во македонската пракса воведена последниве десет години, речиси и да не станува збор ниту за уметност, ниту пак за уметник, туку за нешто сосема десетто, најчесто будалесто и кичесто, коешто државата го плаќа безмалку со суво злато и нам ни го „продава“ како нејзина уметност.
Оваа превара особено беше армирано забетонирана преку самонаречениот проект „Скопје 2014“, но и преку неколку владино партиски акции во културата, како онаа од типот (п)откуп на уметнички дела, па на (п)откуп на кафеански песни и игри, но и на сè друго во културата на што можеше да се налепи некаква цена. А богами во оваа сиромаштија такви „производи“ не ни недостасува(т).
3.
Но, „Шарената револуција“ и нејзиниот ангажиран однос (и) кон малоумните испрдоци од гореспомнатиот самонаречен проект „Скопје 2014“ оваплотен низ т.н. Триумфална порта, ступидната фонтана среде центарот на градот, лавовите на мостот „Гоце Делчев“ и други, повторно ја потенцираше „белата“ лага со којашто нè замајуваа – за партиското „културно“ наследство и неговите реални вредности! Впрочем, односот на младиве кон тоа наследство сосема точно и прецизно ја дефинираше таа цена, денес и за во иднина.
И некако едновремено, некој, неодамна – случајно или намерно – повторно го оживеа оној список на „уметници“ и нивните авторски хонорари за кичерајот со којшто нè опкружија. Што е добро, зашто тие податоци не треба да се заборават. Напротив, бидејќи веќе утре можеби ќе треба да се прават нови проценки, некакви нормални (и стручни) превреднувања, за да се знае на што сме. А на што се и тие! Поточно, мислам, ако СЈО вели дека украдените пари мора да се вратат без оглед што извршителите се помилувани, зошто тоа не би важело и за културата? Односно, она што го гледаме како (преплатен, или пљачкосан) производ низ градов, иако ни беше сервирано како култура и уметност, не е ништо друго туку црн грабеж на народни пари. Колку и како навистина добиле уметниците (и „уметниците“) лесно ќе се утврди. Тие сами ќе кажат, како што своевремено „најголемата“ (или најскапата?) македонска скулпторка се истрча дека таа одвај и да добила некоја цркавица од парите што ѝ се припишуваат на хартија. (А ќе дојде време кога ќе каже и каде отишле!). И настана ука-бука во Министерството за (не)култура, преку деманти и слични будалаштини, како да сме сите мали деца и веднаш ќе им поверуваме!
Или, ако сакате, производите од „Скопје 2014“ не можат да уживаат поинаков (ниту подобар) третман од сите други далавери на бандитиве, оние од типот „Транспортер“, „Тврдина“ и другите што ќе дојдат на ред. Сето тоа е една голема кражба и ништо друго. Едните кражби се камуфлирани како транспорт на деца до училиштата, другите како изградба на автопати и попатни провизии, третите се спакувани како култура и уметност, со наводници, се разбира!
4.
Затоа и мислам дека превреднувањето на нештата допрва доаѓа, а почетниот импулс го искажаа младите од „Шарената револуција“ покажувајќи ја вистинската вредност на „проектот“ на пастирот и нивното почитување на истиот. Впрочем, вистинската вредност на целото тоа малоумие го покажа веќе самата власт и нејзините „експерти“ брзајќи да го протнат сиот тој кичерај како културно наследство. Страв од иднината? Се разбира. А забораваат дека секое такво безумно допишување веќе утре подлежи на умно бришење. Како дошло – така отишло! Или мислат дека некој ќе има грижа на совест за тоните стиропор и мермер што не е мермер, ама изгледа како мермер?
А таа иднина е веќе денес, и тука. Последната вест дека Специјалното јавно обвинителство иницирало четири предистражни дејствија поврзани токму со „Скопје 2014“. Што е сосема логично ако се има предвид дека станува збор за криминал тежок преку 600 милиони евра! Или ајде да бидеме малку пофини (ако тоа некому му ја ублажува душевната болка) и да ја почитуваме презумпцијата на невиност: станува збор за сомнеж за тежок криминал вреден преку 600 милиони евра.
И ние сега можеме да шпекулираме околу што (ќе) се вртат спомнатите предистражни постапки. Но ред е на луѓето таму да им помогнеме, колку можеме и колку знаеме. Барем во некои детали, но и за целината, која што, еве повторно, сугерира сомнеж за голем криминал. И, иако и во изминативе години доста пишував за оваа скапа идиотштина, не е на одмет некои нешта да се повторат во неколку наредни текстови. Можеби ќе помогнат, нели?
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Александар Дојранлиев