Во оваа сиромаштија израснав. Одовде одам во победа.

23.05.2016 10:55
Во оваа сиромаштија израснав. Одовде одам во победа

Политичарот Сандерс е резултат на повоениот Бруклин, во кој се растело на улица, каде требало да се снаоѓа без многу пари.

Никој од нас, кои израснавме во педесеттите години во Флетбуш, немаше многу пари в џеб. Берни најмалку. Неговите знаеја да се расправаат за неколку долари. Татко му беше патувачки трговец и не можеше да смета на постојани месечни приходи. Некогаш имаше пари, некогаш не. Берни не излегуваше многу, затоа што беше обичај момчињата да им плаќаат пијачка или кино на девојките. Мислам дека не можеше да си го дозволи тоа. Кога во 1959 година се запишавме на факултетот Бруклин Колеџ, кој се наоѓа во квартот, изнајмивме соба. За него тоа беше бегство од несреќното секојдневие, кое и покрај тоа го одбележа за цел живот – ми објаснува Стив Словин, витален седумдесетгодишник, цимерот на Сандерс од студентските денови, додека шетаме низ Флетбуш, дел од Бруклин во кој израснал демократскиот кандидат во трката за Белата куќа.

Враќањето во квартот

Неколку часови претходно, Берни Сандерс (74) одржа собир пред зградата на аголот од 26 улица и Авенијата П, во која израснал. Стотина луѓе трпеливо го чекаа пред жолтата шесткатница со мали прозорци и пожарни скали, вооружени со сини плакати на кои под неговото име пишува „a future to believe in“ (иднина во која можеме да веруваме). Враќањето на Сандерс кон корените го најави глумецот Марк Руфало, а кога Берни излезе од зад трошната врата на зградата, држејќи ја за рака сопругата Џејн, започна аплауз.

„Еве, израснав зад овој прозорец на вториот кат, во станот 2Д“, беа неговите први зборови, додека, видливо возбуден со раката покажуваше кон својот дом од детството; „зад аголот беше моето основно училиште, а големана зграда на крајот од улицата е ‘Џејмс Медисон’, мојата гимназија“.

Обраќањето траеше дваесетина минути, по што ги стисна тупаниците и размени неколку зборови со оние од првите редови. Во близина го чекаше црна лимузина, која требаше да го однесе на другиот крај од Бруклин, каде го чекаа нови стотици луѓе. Како и Сузан Сарандон. Заедно со Руфало, таа е неговата главна поборничка на Источниот брег.

Свој меѓу своите

Последнава недела американската предизборна трка се пресели во Њујорк, каде се гласа на 15 април. И додека Хилари Родам Клинтон не заборава да спомене дека осум години беше сенаторка во државата Њујорк во Конгресот, и својот стожер го организираше во соседството Бруклин Хајтс, на Сандерс му е доволно да ја отвори устата и да проговори со својот бруклински акцент што никогаш не го изгубил.

И, најпосле, чувствувајќи се како свој меѓу своите, Берни пред изборите во Њујорк првпат го спомна личното минато. Спротивно од претседателската кампања на Обама, која во своето средиште ја имаше приказната за црното младо момче кое успеало и покрај сè, и кој како таков има „штоф“ да стане претседател. Приказна со која некои се поистоветија, а некои се инспирираа. Сандерс е многу скржав кога се работи за настани поврзани со семејството. Неговата кампања се темели исклучиво на политички пораки и проблеми кои треба да се решат, пред сè на рамноправната распределба на богатството, јавната здравствена заштита за сите, реформите во образованието, обновата на инфраструктурата.

„Тој како да ја изврте теоријата на Маршал Меклуан, филозоф и теоретичар по комуникација, и неговото тврдење дека медиумот е порака. На Берни му е важна само пораката, а тој, како нејзин носител, е сосема спореден“, објаснува Стив, пензиониран професор по економија, и продолжува: „Таков беше и кога беше млад. Знаевме да бидеме будни и по цела ноќ. Почнувавме да дискутираме за девојките и музиката, за тој по кратко време да го завртеше разговорот кон социјалните проблеми и расната дискриминација.“

Стив ме води до нивната гимназија, „Џејмс Медисон“, која сè уште е една од најголемите во тој дел од градот со повеќе од три илјади ученици. На влезот има двајца полицајци и детектор за метал, а на ѕидот над кино салата има плоча со имиња и фотографии на успешни луѓе кои учеле во Медисон. Во најнискиот ред се наоѓа Берни, а околу него неколку нобеловци како Роберт Солоу, судиите на Врховниот суд како Рут Бејдер Гинсбург, сенаторите како Чак Шумер, и понатаму, глумци, лекари, спортисти.

„Замислете ако Берни биде избран за претседател, а Чак за гласноговорник на демократите во Конгресот“, возбудено изјави директорката на гимназијата Џоди Коен, „за нас тоа ќе биде најдобрата можна реклама.“

Забележувам дека на плочата нема ниеден Афроамериканец. Стив ми објаснува дека тогаш во овој дел од Бруклин главно живееле Евреи кои побегнале од Источна Европа, а по нив Ирците и Италијанците. Расната сегрегација во тој период била дел од врежаното секојдневие. Никој кој живеел јужно од Авенијата Фостер не му паѓало на ум да продаде или изнајми куќа на црно семејство. Денес веќе не е така.

„На Берни тоа многу му пречеше“, заклучува Стив Словин, „во неговото семејство не се разговараше многу за политика. На дедото, кој бил следбеник на социјалистичките идеи, гледале како на ексцентрик. Но, веќе самиот факт дека повеќето еврејски родители во тогашниот Флетбуш побегнале од Европа пред нацизмот, беше доволен да ги одбележи нашите политички идеи.“

Зад училиштето се наоѓаат спортски терени, меѓу кои и помала атлетска патека. Стив ми покажува фотографија на која има екипа натпреварувачи, меѓу кои и нивниот тогашен капитен Сандерс. Ми раскажува дека Сандерс со своите долги нозе бил одличен маратонец: бил трет во трката на една милја меѓу њујоршките гимназијалци. Престанал со атлетиката кога се преселил во Чикаго.

„И денес го краси издржливоста на маратонец, кој и покрај заморот никогаш не се откажува. Тоа се гледа во оваа долгомесечна и напорна кампања. Можете да се обложите дека Берни нема да се откаже од кандидатурата до последниот ден“, ми зборува Стив, по дваесетина минути одење низ квартот во кој денес очигледно многу подобро се живее отколку пред шеесетина години, судејќи според бројот и видот автомобили пред гаражите, негуваните паркчиња, дотераните куќи. Дека новата имиграција се разликува од онаа од пред половина век, зборува и фактот дека мнозинството некогаш гласало за демократите, што денес веќе не е случај.

Запираме пред розевата семејна куќа на два ката. Ми објаснува дека нивната соба се наоѓала на поткровјето. Биле илегалци и газдарицата често знаела да упадне во собата среде ноќ, тврдејќи дека не може да спие од нив.

Страсниот читател

Го прашувам каков ученик беше Сандерс. „Не го гледав често да учи, но затоа постојано читаше. Тогаш можеа да се земат четири книги од библиотеката на факултетот, но во време на испити дури осум. Тој секогаш се враќаше дома со осум книги, но ниедна не служеше за подготвување испити. Кога го прашав зошто чита книги што не му требаат, ми одговараше дека има толку интересни нешта за дознавање и дека нема време за учење.

Додека стоиме пред розевата куќа, во која како студент живеел еден од кандидатите за претседателското место, од соседната куќа ни довикуваат да се тргнеме ако немаме сериозна работа. Момент подоцна нè запира средовечна Афроамериканка и нè прашува зошто гледаме и покажуваме кон куќата. „Навистина“, изненадено извика кога ѝ откривме дека во неа живеел Сандерс, за на крајот сепак да ни открие дека ќе гласа за Хилари, „бидејќи знам дека е разумна и практична жена која знае што зборува.“

Студиите во Чикаго

Од Стив дознавам дека по завршената гимназија Сандерс сакал да се запише на Универзитетот во Чикаго. Меѓутоа, мајка му била болна и не сакал сосема да ја напушти. Иако веќе не живееле под истиот покрив, ја посетувал речиси секојдневно. Една година подоцна умрела во 46-та година од животот по втората операција на срцето. Берни никогаш не ја прежалил.

Следната година се преселил во Чикаго. И таму продолжил да чита сè што ќе му паднело в раце. Испитите не го интересирале многу, како ни впечатокот што ќе го остави кај професорите. Неколку години подоцна себеси ќе се опише како просечен студент, бидејќи на настава секогаш се досадувал. Во Чикаго почнал посериозно да се интересира за политиката. Станал член на Социјалистичкиот сојуз на младите и на Конгресот за расна еднаквост кој на Факултетот се борел за укинување на одвоените студентски домови за белци и црнци. Во јануари 1962 година бил еден од организаторите на првиот сит-ин за граѓански права во историјата на Чикаго. Изгледа дека Афроамериканците од Њујорк, кои денес масовно гласаат за Хилари, не знаат многу за тоа. Како ни дека тогаш својата темна и кадрава коса ја носел на „jawfro“ начин, еврејска верзија на афрофризурите популарни во шеесеттите години меѓу лидерите на Black Power, како Анџела Дејвис.

Откако дипломирал политички науки, Сандерс собрал 2500 долари и купил земја во Мидлсекс, местенце оддалечено неколку километри од Монтпилиер, главниот град на државата Вермонт. Во зима продолжувал да живее во Њујорк, каде извршувал разни работи, од воспитувач до помошник во психијатриска болница, а летото го поминувал во Вермонт, на својата земја на која немало ни вода ни струја, само дрвена колиба која поранешните сопственици ја користеле за правење јаворов сируп.

„Тоа беше фантастично чувство“, ќе изјави подоцна во интервјуто на Расел Бенкс за неделникот Атлантик, „за мене, кој израснав во двособен стан и никогаш не поседував ништо. Одев по својата земја, ги допирав своите стебла и водата од својот поток!“

Хипи

Тоа се годините кога Сандерс живее како хипик славејќи го едноставниот живот на село. Предава во селски училишта, се занимава со дрводелство. Но, страста за политиката не го напуштила. Станува член на партијата Liberty Union, радикално лева партија од Вермонт, учествува во бројни демонстрации против војната во Виетнам. Во истиот период првпат се жени и разведува, го добива синот Леви Ноа со Сузан Мот, со која никогаш не се оженил, ја запознава денешната сопруга Џејн, која зад себе има брак и три деца.

Во 1981 година, како независен кандидат станува градоначалник на најнаселениот град во државата Вермонт, Барлингтон, а девет години подоцна е избран за Претставничкиот дом и во 2006 година во Сенатот.

На последните избори за Сенатот 2012 година, повторно е избран со 71 процент од гласовите. Неверојатна политичка кариера за некој кој во гимназија не успеал да биде избран за претседател во училиштето, па морал да се задоволи да претседава со класот.

Неговиот пријател Стив ми ја открива приказната за промашената училишна кандидатура.

„Другите кандидати ветуваа дека од директорката на училиштето ќе бараат подобра храна во мензата, а тој повикуваше на собирање пари за воените бегалци во Кореја. Тоа не можеше да помине тогаш“, заклучува одмавнувајќи со главата.

До овогодинешните избори Сандерс беше слабо познат надвор од својата сојузна држава. Кога со неколку зборови треба да се објасни неговото политичко минато, тоа главно се сведува, прво, на левичарски активист од шеесеттите и седумдесеттите, второ, социјалистички градоначалник и, трето, независен сенатор. Па, иако политичката кариера на Сандерс речиси исклучиво е поврзана за Вермонт, оние кои го познаваат подобро, како Стив Словин, тврдат дека политичарот Сандерс е резултат на повоениот Бруклин, во кој се растело на улица, каде требало да се снаоѓа без многу пари, каде детските игри често биле опасни и сурови, а единствената забава се сведувала на занимавање со спорт и попладневно кино.

„Тој е стопроцентен бруклински производ“, рече за својот помлад брат, Лери Сандерс, долгогодишен политички активист во Лабуристичката и подоцна во Зелената партија на Англија и Велс, кој веќе со години живее во Велика Британија.

Можеби постариот брат има право, но исто така е вистина дека сенаторот од Вермонт ретко го посетува родниот град. Лавина потсмев предизвика неговата изјава дека во Њујорк се вози со подземна железница, и дека за влез користи „токен“, жетон кој излегол од употреба пред 13 години, кога била воведена картичка. Неколку дена подоцна, „тестот за подземната“ не го помина ни Хилари, која повеќепати безуспешно се обидувала со картичка да ја отвори автоматската врата преку која се доаѓа до возот.

Како што се приближуваат изборите во Њујорк, тројца од петте кандидати од двете партии кои сè уште се во трката, чувствуваат дека имаат право да бидат носители на „њујоршките вредности“. Вредности кои подразбираат либерални гледишта за граѓанските права, одредена расна и верска толеранција. А, за кои републиканскиот кандидат од Тексас, Тед Круз, зборуваше со гнасење како за Содома и Гомора, што сигурно ќе го чини илјадници и илјадници гласови.

Њујорчанец, роден во Квинс, е и Доналд Трамп, со десетици свои облакодери, на кои со златни букви пишува „Trump Tower“, на секој агол од Менхетен. Хилари осум години беше сенаторка на сојузната држава и престојува во Вестчестер, 40-ина минути со воз од Њујорк. Својот предизборен стожер го организираше на врвот на највисокиот облакодер во Бруклин Хајтс, на аголот на улицата која се вика – Клинтон Стрит. Без оглед на бројните телефонски разговори беше невозможно да се пројде покрај вратарот до лифтот, за да се стигне до канцелариите и да се разговара со некои од нејзините соработници.

Стожерот на Сандерс се наоѓа само неколку километри подалеку, во Гованус, поранешна индустриска четврт, моментално едно од кул местата во Бруклин. Во големата гаража со дрвени врати, кои е доволно лесно да се турнат, десетици млади луѓе телефонираат, собираат и пакуваат летоци. Во аголот има масичка со вода, бисквити и кафе. Сите се на услуга, но никој нема време и никој не знае за што точно е задолжен.

Кампањата на Хилари е далеку подобро организирана. Нејзините соработници се професионалци со искуство, пред кои оние на Берни изгледаат како студентски чопор, со многу елан и страст, но крајно неефикасни. Таа е политички диносаурус во Њујорк, каде својата прва кампања за местото сенаторка ја водеше уште во 2000 година. Таа може да смета на гласовите од постарата популација и повеќето Афроамериканци, со кои во текот на овие години разви нераскинлива врска. Според последните анкети нејзината предност пред Сандерс е 15 проценти од гласовите, меѓутоа, анкетите исто така покажуваат дека таа предност се топи од ден на ден. Ако во вторник навечер таа разлика биде сведена на едноцифрен број, за Хилари Клинтон тоа би било еднакво на пораз.

Поддршката од славните

Со њујорчаните треба внимателно. Тие ги сакаат успешните, но не и арогантните, сакаат толерантни, но и оние кои сигурноста на граѓаните ја ставаат на прво место. Освен тоа, треба да се има на ум дека Њујорк, со Калифорнија, е демократски банкомат. Тие две држави, освен големиот број делегати, можат да сметаат на славните граѓани, главно од шоу бизнисот, кои и тоа како можат да влијаат на избирачите, како и на богатите донатори.

Како што стојат нештата во моментов, и ако тоа може да биде показател за расположението на избирачите, во март, Хилари Клинтон собра 29,5 милиони долари донации за кампањата, а Сандерс дури 44 милиони. Уште поинтересно е да се знае дека, со оглед на тоа што ја одбива помошта од политичките лоби групи, таканаречените ПАК-ови, милионите на Сандерс доаѓаат исклучиво од поединечни донации, во просек по 27 долари, кои неговите следбеници ги уплатуваат онлајн. Со оглед дека донациите на Сандерс веќе три месеци по ред се поголеми од оние на останатите кандидати, досега врежаното трвдење дека претседателската предизборна кампања не може да се потпира само на малите донатори, се покажува неточна.

Извор: Globus, 22.04.2016