Ветaр во едрата на Шарената револуција!

23.05.2016 12:44
Ветaр во едрата на Шарената револуција!

Порталите пишуваат дека во четвртокот било извршено примопредавање на должноста министер за внатрешни работи. Со се кабинетот на министерот.
Оливер Спасовски и Митко Чавковски го потпишале пописниот документ во кој стои дека Чавков прима од Оливера (не Трајковска), тепих, комада еден, ѕиден часовник со песнопоен клукајдрвец, комада еден, фотељи кожени, комада три, нож за отворање писма, комада еден, пиштоли, зиг зауер, комада три, фотеља министерска на вртење, комада еден, слика на лидерот, комада два.
Така се покажуваме пред светот како цивилизирана земја.
Кога Чавков ќе биде предаден тој исто како и Оливер ќе викне камери, ќе го извади пописниот лист и на идниот министер кој ќе дојде во многу блиска иднина, ќе му рече: еве, колега, тепих, комада еден, фотеља министерска, комада еден...итн.

Убава пролетна сезона на предавства.
Поради големиот интерес на јавноста истата може да продолжи и во текот на летото.
Лежи, така, нашиот човек на плажата во Порто Карас и чита во Плусинфо како Димитриев врши примопредавање на функцијата премиер во пакет со кабинетот или како Груевски му предава копии од акредитивните писма на својата оставка на функцијата претседател на Злосторничкото здружување на ВМРО на некоја друга будала!

Во замена за куршумот со кој требало да биде убиен!
Или, земете ја Гошева, жената не го предава кабинетот, жената го предава Уставот, прави преседани и на тој начин ја предава и својата функција, бидејки нејзина работа е да го штити правниот поредок од преседани.
За тоа ја плаќам јас, а ВМРО и Никола ја плаќаат за првото.
Можеме на нештата да гледаме и од еден друг агол.
Сè се тоа мали државни удари со кои Големиот идиот им ја продолжува илузијата на малите идиоти од својата партија и од корумпираното општество, дека ситуацијата е под контрола!

Курац фини е под контрола!
И Гошева и целото тоа змиско гнездо на правосудната деноминација на Злосторничкото здружување и Трајко и Илчо и Стефчо и Курчо и останатата багра што го следат и обожаваат лудиот вожд, галопираат во погрешна насока, тие се напикани во вмровското буре што реката го носи кон викториините водопади на историјата.

Така што спектаклот што го приредија таканаречениот Уставен суд и политичкиот нотаријат на злосторничкиот апашанат на ВМРО, по старо, Собрание, е добра работа од аспект на историчноста на процесите, тие акти не го загрозуваат добриот правец на историјата туку низ својата негатива го потврдуваат и охрабруваат, тие ја нагласуваат диференцијата, лудоста посебно, ја разбиваат илузијата во функционалноста на институционалните остатоци, ВМРО во таа соблекувална се ослободува од политичноста, од идејноста и се покажува во својата недвосмислена злосторност.

Тие потези нè ослободуваат од илузијата да бараме повлекување на аболицијата или повлекувањето за кур, за коса, за ракав!

Тие гестови ни овозможуваат да не се плашиме да го прогласиме комплетното правно наследство на злосторниците за нешто што не постои, што не го признаваме, што го анулираме.
Но, развојот на партијата покер го остава СДСМ без жетони. Меѓу другото и поради тоа што не се покажаа способни да се вивнат во овие височини. Тоа е малку тажно, а малку и охрабрувачки делува. Тие ја потрошија илузијата дека во една институционално разорена земја може да се дојде до институционално решение на таканаречената политичка криза. Тие ја потрошија илузијата, но и на сите нас ни потрошија најмалку една година. Тоа е пораз на таа политика и на партијата како таква. И на лидерот, се разбира.

Тоа ја отвора и опцијата за комплетна рекомпозиција на политичкиот систем, СДСМ го гради својот статус на објект на промените што ќе се случат и на некој начин веќе се случуваат, во битката на општеството за ослободување од вмровската окупација, битка во која по сè изгледа, ќе падне не само ВМРО туку и партискиот модел со двете доминантни партии. Тоа е ризично, се разбира, но истовремено може да биде и многу надежно! Изгледноста на тие перспективи го кочеше СДСМ, стравот од промените го стерилизираше и тие излегоа од својата природна функција на носител на промените и се претворија во лева конзервативност, апсурд кој може да постои само пред распаѓање.

Не успеаја да го прочитаат алгоритмот на времето, потрошеноста на Македонија каква што ја знаеме, потрошеноста на митот за ВМРО, потрошеноста на себе како политичка идеја!

Бескрајно се застарени во речникот и речениците, во рефлексот, во визијата, во доктрината, во сè ! И на пат се да ја доживеат судбината на Демократската партија на Тадиќ.

Меѓународниот фактор е начисто со кого си има работа: со едно неверојатно злосторничко здружување на власта, со една идејно декапацитирана опозиција и со едно сеуште недоволно политички артикулирано движење наречено Шарена револуција. Тие немаат дилеми околу тоа дека злосторниците мора да заминат од власта и да одговараат за злото, но трансферот им е деликатен, особено од аспект на Шарената револуција зашто не сакаат овој марш на слободата и правдата да стане заразна парадигма за регионот и пошироко.

Тоа е нашиот амбиент. Го дефинираат несомнениот пораз, историски и дефинитивен на ВМРО, распадот на политичкиот и институционален систем како закономерен исход на нивната мисија и недоволно дефинираните основи на обновата; Шарената револуција ќе мора да се субјективизира или ќе се јават нови играчи, не знам. Пред извесно време ја нафрлив идејата да се свика ново уставотворно собрание, некаков нов „Прохор Пчињски“, нов АСНОМ; професорот Грчев ја разработи во една своја колумна, а професорот Унковски го понуди „Кино Култура“ како место кајшто би можеле да се собереме. Професорот Калајџиев убаво кажа дека нашите институции се обични згради. Јас го разбрав дека не е неопходно да ги освојуваме тие згради туку е неопходно да ги обновиме нашите институции. Тоа можеме да го направиме и во „Кино Култура“ и во кафето „Корзо“ и пред зградурината на неговата влада, секаде.

Фотографии: Ванчо Џамбаски
Извор: Слободен печат

Слични содржини

Активизам / Фотографија
Ирена Цветковиќ

ОкоБоли главаВицФото