Успешно претставување на Плакарт во Белград

24.05.2016 03:01
Успешно претставување на Плакарт во Белград

Плакарт – Здружението на графички дизајнери, како организациски партнер на ШУНД фестивалот од Белград, изминатите 4 дена учествуваше во 7. издание на оваа студентска манифестација.

7. ШУНД фестивал, кој се одржа во ДКСК – Дом на културата Студентски град, се отвори на 19 мај, четврток, со настапот на Инекс циркусот, кој комбинира уличен, танцов театар, измешани со елементи од циркус, привлече голем интерес на жителите на комплексот Студентски град.

100-те плакати финалисти од 8. Скопје постер фестивалот на тема „Сите за луѓето со хендикеп“ беа изложени како издвоена поставка. Во рамки на фестивалот беше отворена и изложба на дела од областа на убавите и применетите уметности.

Наредниот ден започна со работилницата која ја водеше Славимир Стојановиќ за дизајнирање на плакати на темата на 9. Скопјепостер студентски конкурс за плакат „Криза на идентитет“.

Истата се одржуваше во две фази. Првиот ден Славимир имаше презентација на својата работа и работата на неговото студио „Футро“, кое работи за комерцијални клиенти, но и креира дизајн решенија за бројни алтернативни и културни проекти. По презентацијата Славимир предложи неформално дружење и разговор со цел поблиску запознавање со учесниците на работилницата.

Вториот ден од работилницата започна со презентација на идеите и скиците за изработка на плакати за 9. Скопјепостер конкурс на тема „Криза на идентитет“. Последната сесија од работилницата беше искористена за дизајнирање и финална презентација на плакатите од страна на учесниците од Македонија и од Србија.

Плакатите кои беа изработени во рамки на работилницата, покрај поставувањето во рамки на ШУНД фестивалот, ќе земат учество и ќе бидат изложени за време на 9. Скопје постер фестивал од 20 до 30 ноември 2016 година.

Фестивалот се затвори со настапот на Комбинарт – неформалната група на уметнички активисти, а се претставија и Квака театарот - кој се бави со невербални претстави и перформанси поврзани со сликарство, графика, вајарство и Поезин проектот кој се занимава со слем поезија.