ај да не зборуваме дека сме вљубени

24.05.2016 11:11

Ај да не зборуваме дека сме вљубени, ОК?
– за мене дека сум вљубена, всушност, ОК?
за твоето подуено лице, како магнолија;
за торбарите,
во чии мали заоблени торбички
би сакала да влезам, прво со усните;
за паѓањето на милиони водопади
– небаре ЉУБОВТА е стаклена купола под езеро
во која се влегува низ лавиринт од влажни тунели
и да се надевам и молам никогаш да не ме најдат во нив.

Ноќе сонувам дека твојата соба е преполна пајки.
Мирисаш на манџа и на кајгана.
Некои од пајките се спремаат да несат и не им се станува.
И ги сонувам прстите на разните твои сопруги
кои небаре клунови ти ги допираат плодилата.
А ти си спрострен недолично за маж попреку на креветот.
И нагло ме буди звук на чкрипеж од стакло
небаре целата наша врска се руши
со налет на вода и брзгот од риби
со зинати усти што подголтнуваат и прават шмркети-шмрк.

Превод: Благородна Богеска

Селима Хил е родена во Лондон 1945 година, но пораснала во селски средини во Англија и Велс. Студирала етика на универзитетот Кембриџ и постојано соработувала со уметници кои се занимавале со мултимедијални проекти, како и со Кралскиот балет, Националната опера и Би-Би-Си Бристол. Работела како предавач по поезија во Лондон, а предавала креативно пишување и во разни болници и затвори во Велика Британија. Има добиено голем број награди за својата поезија, меѓу кои позначајни се наградата на фондацијата „Арвон“ (1988), меѓународната награда за долга поема на весникот „Опсервер“ за поемата „Таложење на ситни љубезни дела“ (1997). Во повеќе наврати била во најтесниот избор за престижните национални поетски награди „Витбред“ и „Т.С. Елиот“, за конечно во 2001 за нејзината збирка „Зајко“ да ја добие наградата „Витбред“. Живее и работи во Дорсет.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото