Британците се затрупани

24.05.2016 12:58
Британците се затрупани: секое четврто домаќинство има соба само за предмети што никој не ги користи

Лондончани со години веруваа дека нивните станови се мали и тесни затоа што цените на недвижностите се превисоки. Но градскиот гуру за решавање на вишокот предмети им открил дека всушност се жртви на претераниот материјализам.

 

Еден од најраширените проблеми на лондонските домаќинства е недостигот од простор. И да не се помали од своите европски еквиваленти, лондонските домови се незграпни. Лондон е мегалополис, а Велика Британија остров. Резултат: со цел да се заштеди на простор, станбените простори се градени во висина, така што не е реткост двособните куќи да бидат распоредени на три или четири ката. Секој (преценет) квадрат се користи како остава, затоа што подрумот често има функција на кујна, а таванот е претворен во детска соба.

На таа реалност на лондонското секојдневие ме потсети неодамнешниот синџир од електронска пошта откога на група пријателки – млади мајки или оние што тоа допрва ќе станат – им понудив да им подарам речиси неискористен Fisher-Price Rainforest Jumperoo. Нивните одговори беа или саркастични или панични. Не затоа што оваа „музичка скокалница за бебе“, која чини 12.300 денари, не е добра, туку од алармантната причина што зазема цел квадратен метар од дневната соба. Квадратен метар поради кој бевме присилени да ја поместиме до прозор омилената фотелја на сопругот, така што денес телевизија гледа од аголот. Не сум единствената што под капата на великодушноста всушност настојува да се ослободи од вишокот работи и да го добие толку потребниот простор. Кога Изабела великодушно ми го препушти целиот сет прекрасна облека за синот, ја изостави клаузулата дека ништо од наведеното не сака назад, така што нашата соба за гости е претрупана со кутии полни облека за бебе, години 0-12.

Навикнати фактот што живеат во постојана борба за простор да им го припишуваат на цените на недвижностите, Британците нималку не ги изненадила студијата дека едно од четири домаќинства има соба за предмети што не служат за ништо. Истовремено, четвртина од испитаните Британци признаваат дека вишокот од предмети им создава стрес. Ги разбирам – поглед кон десетина полупразни шишенца парфем што веројатно никогаш повеќе нема да ги користам, зимски јакни што не сум ги извадила од орманот цели две години, торби полни козметика со сомнителен рок на траење, стари списанија што ги чувам, а сум заборавила зошто – постојат куќни зони што ги избегнувам затоа што секојпат ме опоменуваат: „Направи нешто со мене!“

Развиените земји имаат проблем со предмети, што е материјален еквивалент на проблемот со дебелината. Наместо да нè усреќуваат, предметите нè гушат. Тоа најдобро се опишува со англискиот збор ‘clutter’, кој истовремено означува ‘гужва, стрес, паника и неред’“, вели Џејмс Валман, автор на книгата и движењето „Stuffocation“, чиј назив е игра со зборови „stuff“ (предмет) „suffocation“ (гушење).

И пред да стане градски гуру за решавање на вишокот работи, предметите биле работа на Валман. Како аналитичар на трендови со години предвидувал кои предмети ќе бидат интересни во иднината и пронаоѓал начини да им ги наметне на Британците. Во тој процес заклучил дека Британија, што се однесува на предметите, преживува средовечна криза.

Со години сè упатува на тоа дека материјализмот едноставно не функционира повеќе. Низ западниот свет се јавуваат групи луѓе што го напуштаат животот исполнет со предмети. Некои одат во екстреми, ослободувајќи се од сè освен од дваесетина неопходни предмети (за споредба, еден просечен американски дом содржи 300.000 предмети). Почест е случајот кога богатите луѓе едноставно престануваат да им обрнуваат внимание на предметите, користејќи ги своето време и пари за искуство“, вели тој. „Материјализмот беше во срцето на системот на дваесеттиот век. Животот имаше смисла само ако можевме да поседуваме. Купувањето и поседувањето предмети ги придвижуваа животот на секој поединец и економијата на западните земји“, вели Валман.

Овој тренд главно се раширил меѓу богатите луѓе, кои повеќе го вреднуваат одењето на мегапопуларниот фестивал Коачела (Coachella) во Калифорнија отколку новата торба, а за викенд порадо одат на излети наместо во шопинг. Мнозинството, се чини, и понатаму се бори со предметите – толку што едно просечно британско семејство во својот дом има предмети во вредност од 3.540 фунти (околу 280.000 денари) што никој не ги користи. На ниво на нација тоа се вртоглави 93 милијарди фунти. Како основна причина зошто не се ослободуваат од предметите што веќе не ги користат третина од испитаните Британци наведуваат дека немаат време. Дванаесет проценти би чувствувале вина кога би фрлиле, продале или подариле нешто од својот дом. Две третини од Британците не се задоволни со фактот дека нивниот дом е полн со предмети што не ги користат.

Џејмс Валман тврди дека овие податоци всушност се „прекрасен проблем“ затоа што покажуваат дека општеството е на високо ниво на развој. Следниот чекор, смета тој, е ослободување од вишокот предмети, а на својот блог советува како тоа да се изведе. Тоа го покажува и неговата „S-крива“, остаток од претходната кариера, која покажува дека заситеноста со предмети е тренд што допрва доаѓа и се шири во светот. Тренд што ќе се задржи. „Луѓето низ развиениот свет стануваат сè посвесни дека предметите ги гушат“, вели тој. Животот со помалку предмети, а повеќе искуства ќе биде новата цел. Ако неговата анализа на овој тренд се покаже точна, лондонските домови одеднаш ќе добијат на квадратура. До тогаш, му треба ли некому Fisher-Price Rainforest Jumperoo?

Извор: Globus
Инсталации на сликите:Claire Healy & Sean Cordeiro