Верижен генератор (7)

25.05.2016 11:46
Верижен генератор (7)

Јовица Ивановски

Жената совозач

Жената совозач
располага со половина од шофершајбната
и со огледалцето во спуштениот сонцобран.

Жената совозач
не престанува да зборува, но истото го
прави и дома, во улога на животен сопатник.

Жената совозач
најчесто нема ни возачка дозвола, но тоа не
ѝ го ускратува правото да се однесува како инструктор.

Жената совозач
(всушност) треба кон мажот возач да ја има
почитта што стјуардесата ја има кон главниот пилот.

Жената совозач
не е лошо да има мини здолниште
и убави голи колена веднаш до рачната сопирачка.

Жената совозач
може и да ти се најде, доколку ти се дупне гума
или ако ти рикне колата па нема кој да ја турка.

Жената совозач
може да има совршен профил,
со ѓубришта на нивите во рамката на прозорецот.

Жената совозач
е најубава кога спие, а ти почнуваш да
уживаш во возењето, и правиш сè што треба,

само да не ја разбудиш.

 

Лидија Димковска

Јовица Ивановски е еден од моите најсакани македонски поети. Во деведесеттите беше за мене едно од најголемите откритија во македонската литература. Пишуваше урбана поезија кога македонската поезија најчесто нуркаше во лиризмот на природата и нејзините сурогати. Градот избиваше од неговите стихови како од ретко кој друг поет! Јовица Ивановски е хроничар, документарист и поетски карикатурист на нашето време. Пред неколку години Јовица настапуваше на книжевниот настан „Ревија во ревија“ во Љубљана. Се сеќавам дека салата ечеше од аплаузи, смеа и извици на задоволство после секоја негова песна. Но најмногу после Жената-совозач која мојот сопруг, Алеш Мустар, ја препеа на словенечки јазик со најголема радост. Уште при првото читање ни се допадна и на двајцата. Оттогаш песната на Јовица е наша интимна цитирана песна при речиси секое патување со автомобил. Не само што самоцинично ја цитираме сами туку им ја кажуваме и на други. Песна-легенда. Токму затоа и во оваа пригода сакам да ја претставам песната Жена-совозач на Јовица Ивановски која е пред сè духовита љубовна песна. Радикалните феминистки во неа можеби ќе најдат причина за загриженост, мизогинство и душегрижништво бидејќи Јовица си поигрува со стереотипи кои во некоја друга прилика ни мене не би ми се допаднале. Но на содржината на оваа песна секогаш ми се раѓа смеа, едноставно уживам во карневализацијата на описот и на атмосферата што ја содржат стиховите, а смеата во уметноста е една од нејзините најдобри карактеристики зашто е и најсилно поврзана со плачот. Има една фина иронија во овие стихови, една интересна паралела помеѓу возачот и совозачот која не се однесува само на конкретното движење односно возење со автомобил туку и на животот како движење, како возење во познат и непозат правец. Оваа on the road песна има нешто од американската битничка поезија, но и од духовитоста на современите поети од рангот на Чарлс Симиќ, како и од европската лирика на поетите загледани во реалноста на животот, како на пр. на Збигњев Херберт. Нежноста што поетот имплицитно ја чувствува за субјектот на песната е прикажана на парадоксален експлицитен начин поврзувајќи ги со силата на хуморот љубовта и подигрувањето со љубовта. Песната Жената-совозач е претходничка на поезијата на најновата генерација поети ширум светот кои соочени со животот каков што е, а не каков што бил или каков што може да биде, пишуваат за конкретни ситуации, за лични и туѓи искуства, на наративен начин всушност раскажуваат животни приказни во стихови. Јовица Ивановски е мајстор на новата реалистичка поезија во Македонија, а за мене лично и голем европски и светски поет.

ОкоБоли главаВицФото