Што научив како докторка во затвор

26.05.2016 09:49
Што научив како докторка во затвор

Никогаш во животот не сум видела толку повреди. Изместени прсти, отечено месо полно модринки – сето тоа опкружено со мноштво тетоважи.

Повредите на затворениците речиси неизбежно се последици од бес: не ги пуштаат на условна слобода; одложено им е судењето; членовите на семејството не им одговараат кога ќе им се јават по телефон. И потоа ќе удрат со тупаница в ѕид или во челичните решетки на вратата од својата ќелија. Понекогаш се удираат меѓусебно (понекогаш се чести и повредите на лицето).

Но, со повредите на рацете е лесно. Рентгенска снимка, завој, малку бруфен, и затвореникот може да оди.

Еве што научив како лекар во градскиот затвор, каде работам во итната служба: има многу помали трауми. Затворениците ги мачат киселини во стомакот од масната храна што ја јадат во мензата, и имаат болки во грбот, затоа што лежат на големи бетонски блокови кои таму глумат кревети. Има анксиозност која се јавува како болка во градите, неконтролирано зголемен шеќер кај дијабетичарите од типот 2, и кожни инфекции кои прераснуваат во гнојни чирови.

Тоа се вообичаени проблеми. На крајот на краиштата, тие се лесни.

Мислев дека ќе биде чесно и со Џеј.

Неколку денови пред да го примам, Џеј се дотетерави во ургентниот центар, доведен до привремено лудило од коктелот илегални лекови кои креваат и спуштаат. Според неговата отпусна листа, неколку часови бил на детоксикација, а потоа го спакувале и го префрлиле тука.

А, според затворскиот протокол – таму постои протокол за сè – лекарот мора да го прегледа секој затвореник кој неодамна бил префрлен во затворската болница.

Се надевав дека прегледот ќе биде едноставен. Смената ми беше при крај, а освен Џеј требаше да прегледам уште осум затвореници. Тој во досието има десетици затворски казни во изминатите неколку години; го прелетав списокот и потоа го повикав задолжениот чувар да го доведе кај мене. На ненасилните затвореници им е дозволено релативно слободно да денгубат низ ходниците, па Џеј без придружба можеше да дојде од своето одделение до амбулантата.

Срамежливо влезе во ординацијата и седна на тврдата пластична столица спроти мене, со прекрстени раце и наведната глава. Како и многу мои пациенти, беше млад црн човек, во зелена тренерка и дречливо портокалови сандали. Чуварите во црни униформи се моткаа во ходникот зад него. Од некоја причина, ординацијата за прегледи беше организирана така што затворениците седат помеѓу мене и отворената врата – помеѓу мене и дречливо црвеното копче за алармот. Но, никогаш не почувствував потреба да го притиснам.

„Здраво, Џеј, јас сум доктор Мур“. Изгледа дека неодамна си престојувал во болницата. Како се чувствуваш сега?“

„Не сум добро“, одговори тивко, иако делуваше дека му е добро. Очите му сјаеа и погледот му беше бистар, немаше видливи знаци за апстинентска криза или последици од различни супстанци кои изгледа ги зел или вбризгал пред неколку дена.

„Зошто“?

„Во затвор сум“.

Таму и претходно имав работа со многу итреци. „Но, што се случи во болницата? Како закрепнуваш од тоа“?

„Знаете, бев среден. Воопшто не се сеќавам на повеќето работи“.

Иако во болницата не направиле потврден тест на дрога, Џеј на тамошните лекари им признал дека земал мет и хероин. „Отидов таму за да се исчистам“, продолжи, гледајќи ме. „Долго време бев среден. Само сакав да ме испратат на рехабилитација“.

„Знаеш ли кога излегуваш“? Можеби останува тука само ноќва, помислив, заради помало кршење на условната слобода; можеби наскоро ќе биде пуштен.

„Којзнае? Мислам дека одам на робија“.

Ако Џеј се појавеше во ургентниот центар само дезориентиран и дрогиран, тоа ќе беше тоа. Но, тој кај себе имал остатоци од дрога, па полицијата се вмешала.

„Ги молев полицајците да не ме претресуваат. Ги молев да ја игнорираат дрогата. Само пушти ме да одам на рехабилитација, човеку“. Џеј не делуваше луто, ниту тажно; беше исполнет со каење и резигнација кои ми беа многу добро познати.

Еден месец стажирав и следев сè што прават лекарите во една казнено-поправна установа со максимално обезбедување во руралниот дел од Колорадо – во озлогласениот затвор со најстрого обезбедување. Видов сличен израз на лицето на еден од тамошните бели нацисти. На челото му беше истетовирано „Бела моќ“, досието му беше преполно со насилничко однесување, и го прогонуваа разни други демони за кои веруваше дека не може да им побегне. Кога го запознав, требаше наскоро да биде пуштен и преку стаклото ми рече дека планира остатокот од животот да го помине во зафрлена колиба на ридовите. Едноставно го прифатил тоа и избрал така да живее.

Посакав Џеј да влезеше тресејќи се од хероинска криза. Тоа би можела да го лекувам: малку хидроксизин, малку клондин и чаша енергетски напиток. Лесно.

„Ќе го изгубиш правото на здравствено осигурување додека си овде“, му реков. „Ќе мора повторно да се пријавиш за тоа кога ќе излезеш. Мораш да одиш кај лекар на терапија. Тој ќе ти помогне да одиш на рехабилитација“.

Покрај работата во затворот, тезгарев и како општ лекар во една бесплатна клиника, работејќи со социјалните работници и психолозите. Имав многу пациенти кои беа зависници и со променлив успех ги доведував до рехабилитација. Но, затворите оскудуваат во сите тие ресурси, и нема лекување од дрога – само детоксикација.

Фрлив поглед на картонот на Џеј, кој содржи дијагнози и лекови што се земаат. Беше празен. „Изгледа дека не си им ја дал анамнезата“, реков. „Имаш ли некакви здравствени проблеми“?

„Ќе ви кажам, но, ве молам, само не кажувајте ми да испратам 7 долари за ‘змеј’, и дека ќе разговараме подоцна“, рече тој. Здравствената заштита во казнено-поправните установи можеби е загарантирана со устав, но секое барање за преглед – или „змеј“ – затворениците ги чини 7 долари. „Имам висок притисок. Кога бев тука минатиот пат, ми дадоа лекови“.

Станав и му го измерив притисокот, кој беше зголемен. Повеќето затвореници имаат висок притисок. Лесно.

„Дали може да ми препишете исхрана без сол“, праша. „Секогаш кога сум тука добивам режим на исхрана без сол“. Напишав упат во неговиот картон. Хидрохлоротијазид, дневно мерење притисок, и диета без сол. Стана, ми се заблагодари тивко и замина.

Тоа беше најмалку што можев да направам. Тоа буквално беше сè што можев да направам. Лесно, претпоставувам.

Алиа Мур е општ лекар во Колорадо. Осум месеци работела во градскиот затвор, а исто така работи и во локалната болница „мрежа за помош“. Го истражува континуитетот на здравствената заштита за мажи и жени кои се пуштени од затвор.

Извор: http://www.vice.com

Слични содржини

Психологија / Живот
Технологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото