Скокајќи врз програмата на ВМРО-ДПМНЕ, скршил нога од „Скопје 2014“

27.05.2016 07:59
Скокајќи врз програмата на ВМРО-ДПМНЕ, скршил нога од „Скопје 2014“

Скопје, 27 мај 2016

21-годишниот секташ Зоран Ристоски од Скопје, го започнал вчерашното утро како и секое друго - со утринско кафе и скокање врз програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, по вториот изведен скок, викнал силно и паднал како покосен, чувствувајќи огромна болка во десната нога. За среќа, не бил сам дома, па неговата сестра веднаш повикала брза помош.

Лекарите, по извршениот преглед, утврдиле дека има двојна фрактура на ногата, која настанала поради незгоден скок врз „Скопје 2014“.

„Како секташ, веќе неколку години го практикувам овој ритуал и никогаш не сум имал проблем додека скокам врз предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ. За жал, овој пат паднав врз проектот 'Скопје 2014', кој не е наведен меѓу ветувањата, и така крајно незгодниот пад предизвика повреда“, вели Зоран.

Медицинските лица кои ги контактираше редакцијата на Пара вести велат дека Зоран поминал добро, бидејќи постојат случаи кога лица што го гледале проектот подолго од 5 минути се здобиле со многу потешки последици по здравјето.

Не можејќи да скока врз програмата на ВМРО-ДПМНЕ со гипс на ногата, секташот Зоран вели дека периодов само ќе мантра „оваа влада не чини“ и повремено ќе ја боде програмата со игли за плетење.

Слика: Свирачиња