За Тито

27.05.2016 08:36
За Тито

Вчера едни мои млади пријатели изјавија дека биле многу несреќни заради тоа што беше положено цвеќе на споменикот на Јосип Броз Тито. Според нив, тој бил автократ.

Морам нешто да им кажам.

Јас не сум и никогаш не сум била Титоист, меѓутоа растев и созревав во времето кога Тито беше претседател на СФРЈ. И нешто повеќе, учествував во истражувањата на системот во периодот кога веќе беа видливи превривањата и се навестуваа промените. Ги знам работите од прва рака.

СФРЈ беше навистина уникатна држава која е истражувана и допрва ќе биде истражувана. Во периодот на нејзиното постоење, на овие простори беа конципирани неколку теориски модели кои беа спроведени и во пракса, а кои се базираат на човековите права. Моделите не се совршени, а спроведувањето во пракса уште помалку, меѓутоа секој од нив посебно, а уште повеќе сите заедно, никако не можат да бидат наречени автократски.

Секој од овие модели е насочен кон деконцентрација и децентрализација на власта и кон обезбедување што е можно поголемо учество на луѓето во процесите на одлучување.

Ги молам моите драги млади пријатели да побараат и да прочитаат по некоја (по можност изворна) книга во која се разработува моделот на самоуправување (од перспектива на нивото на заштита на работничките права), делегатскиот систем (од аспект на можноста за учество во одлучувањето на граѓаните) и концептот на неврзаните (во контекст на спротивставување на биполарниот свет и давање глас на немоќните).

Откако ќе консумираат малку литература, може да седнеме и да разговараме за тоа што било направено, каде се згрешило и во кој правец голем дел од овие идеи продолжуваат да се развиваат на светско ниво, а можат да бидат искористени и во развојот на овој наш денешен демократски систем.

И ве уверувам, автократијата е нешто што навистина најмалку од сè може да се поврзе со кој било од овие модели кои се развиваа на територијата на СФРЈ.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слика: Тоше Поп-Симонов

ОкоБоли главаВицФото