Нoв албум на Џони Штулиќ

12.05.2010 13:35
Џони Штулиќ

Пакетот собрани дела на Џони Штулиќ, чие објавување се очекува наскоро, покрај книгите ќе содржи и нов албум на овој легендарен автор. Се работи за досега необјавен материјал од настапите во живот кој ќе излезе како двојно CD со наслов „Ne pokaži da si ufitiljio“.

Тоа се снимки од концертите во Бања Лука и Мостар, одржани во 1990 г. на последната турнеја што ја одржа Штулиќ. Насловот на овој албум е земен – од самиот себе. Имено, турнејата се одржуваше истата година кога низ поранешна Југославија се одржуваа првите демократски избори. Таа 1990 г. Штулиќ имаше своја Балканска работничка партија (на голи курови), па своите јавни настапи ги конципираше како политичка кампања, а за турнејата одбра слоган кој гласеше „Не покажувај дека си избегал“ (Ne pokaži da si ufitiljio), со кој на свој начин се обидуваше да го насочи вниманието кон идните настани. Сега, дваесетина години подоцна, Штулиќ реши тоа да биде и насловот на албумот. Во тоа време групата Азра повеќе не постоеше, а Џони беше придружуван од неговиот Sevdah Shuttle band.

Оваа концертна снимка ќе биде третиот албум во живо на најплодниот автор од бивша Југославија, со што се заокружува секоја од трите фази во неговата концертна кариера. Првата фаза, во која Азра своевремено уриваше сè пред себе, е овековечена на тројниот албум Ravno do dna, снимен 1981 г. Втората (и последна) фаза на Азра е објавена како четиркратен албум Zadovoljština, во 1988 г. Третата фаза се концертите кои Џони ги одржуваше откако ја распушти Азра, и која ќе биде претставена токму во новиот албум.

ОкоБоли главаВицФото