„Жената совозач“ од друг агол

27.05.2016 09:51
„Жената совозач“ од друг агол

 

Наречете ме како сакате, но мене „Жената совозач“  на Јовица Ивановски не ми личи на „духовита љубовна песна“ низ која провејува имплицитна нежност, како што ни ја претстави Лидија Димковска. Напротив. Ја доживеав како драмски монолог во кој на публиката, во одреден миг на фрустрација, ѝ се обраќа маж што со нескриен шовинизам ја исмева својата сопатничка, претставувајќи се себеси како страдалник.

Песната заслужува внимание. Делува актуелно иако била напишана, ако не се лажам, пред десетина години. Им благодарам на Ивановски што ја објавил и на Димковска што ја посочи, оти досега ја немав прочитано. Ако веќе не е, треба да биде антологизирана, оти навидум е толку искрена—а знам, знам, всушност е карикатура, ама нештата баш и не се до толку искарикирани за да се оддалечат од реалноста—и со сета нејзина политичка некоректност, јасно ги осветлува стереотипите со кои ние, жените, речиси секојдневно се соочуваме.

Исмевањето на жената, присутно во секој агол на нашето општество, Ивановски одлично го доловил уште на почетокот: жената не располага со воланот, туку „со огледалцето“. Следува омаловажувањето и сомнежот во нејзиното право на глас: зошто ли „не престанува да зборува“ ниту во кола, ни дома? Да претпоставиме и дека „најчесто нема ни возачка дозвола“, а сепак се осмелува „да се однесува како инструктор“.

Да продолжиме со добро познатото попување, засилувајќи го сексизмот: „треба кон мажот возач да ја има / почитта што стјуардесата ја има кон главниот пилот“. Да се знае кој е главен. Или: Има да почитуваш авторитети! Особено ако тие тебе не те почитуваат. Потоа, класика, жената е предмет за машка наслада: „не е лошо да има мини здолниште / и убави голи колена“.

Не ви беше доволно обезвреднување на жената како човечко суштество? Можеби таа донекаде и може да си го заслужи подреденото место на совозач, ако има некаква корист од неа: „може и да ти се најде, доколку ти се дупне гума / или ако ти рикне колата па нема кој да ја турка“.
Дознаваме и дека жената „може да има совршен профил“. Совршен, според што? Идеалот наметнат од мажите? Ама ете, дури и да ги исполнува тие критериуми, тој нејзин профил не заслужува врз него да се задржи семоќниот машки поглед, чие внимание го одвлекуваат дури и некои „ѓубришта на нивите во рамката на прозорецот“.
Песната поентира со згодно решение: најубаво да замижиме пред ова. Ние, жените. Да си поспиеме. Додека некој друг управува со нашите животи.

И, да, има трошка духовитост во алузијата на Заспаната убавица. Замислете си, што ако кутриот принц си седи мадро, и прави „сè што треба“ за да не ја разбуди? Се разбира, ќе си остане на раат, оти ќе нема кој да му додева.
Само што, поезијата треба да нѐ разбуди, да нѐ протресе, да нѐ соочи со нашите сопствени слепи агли и дилеми.
Оти, сѐ додека сите ние, и мажите и жените, не се освестиме и не престанеме да: а) ги играме улогите што патријархалното општество ни ги наметнува уште од најраното детство, беспоговорно прифаќајќи ја нееднаквоста меѓу половите; б) се исмеваме меѓусебно, или трпиме нечие исмевање без да му се спротивставиме; в) се криеме зад ароганцијата, пасивната агресивност, цинизмот или каква било маска, наместо да покажеме ранливост и вознемиреност од ваквата поставеност на нештата меѓу нас—дури и по цена да нѐ етикетираат како радикални феминисти—сѐ дотогаш ваквите песни ќе бидат посочувани како пример за реализам во поезијата. Оти ни реалноста нема да ни биде ништо поарна.

Гифови: Kaye Blegvad

Слични содржини

Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото