Крајот на ентузијастичката идеја за неутралноста на социјалните мрежи

27.05.2016 10:38
Крајот на ентузијастичката идеја за неутралноста на социјалните мрежи

Досегашните успеси на Доналд Трамп на предизборите за позицијата претседателски кандидат на Републиканската партија ја шокираа американската политичка елита, која заедно со политичарите е дел од водечките креатори на јавното мислење, таканаречените opinion makers, либералните и конзервативни новинари, интелектуалците, трендсетерите, па дури и водечките бизнисмени. Корелацијата на победите на Трамп и неговата енормна популарност на социјалните мрежи, особено на Твитер и Фејсбук, ги предизвика едногласно да ја префрлат сета вина на современите комуникациски канали, на кои им е припишан посебно злобниот политички карактер.

Каков пресврт во однос на изборната кампања на Барак Обама. Тој беше првиот американски политичар чиј успех во трката за местото претседател на Соединетите Држави се објаснуваше со вештото користење на интернетската комуникација, како за собирање ситни донации од голем број луѓе, така и за целното испраќање политички пораки, организацијата на активностите, собирањето следбеници и јакнењето на поддршката.

Јавната слика за карактерот на новите медиуми се совпадна со сликата на модерниот политичар кој Обама го развиваше паралелно. Современите технологии нудеа елегантни решенија за комплицираните комуникациски задачи. Обама за себе создаваше слика на личност која без драми се соочува со пречките. Слоганот No Drama Obama, кој го лансираше неговата кампања, како да беше кроен за претседател кој нештата ги става на нивното место со леснотијата со која се клика send (испрати).

Трансформацијата на мрежата

Што се случи во меѓувреме? Како интернетот од првата кампања на Обама во 2008 година, во која ја претставуваше вратата во новото доба на позитивната демократска утопија, се трансформираше во дистописко окружување во кое најдобро се развиваат најзлобните политички идеи, а правата на поединецот, неговата интима, дури и идентитетот, остануваат без никаква заштита, е речиси безначаен. Дали е токму така?

Вообичаено поводливите New York Times, New York Review of Books, The Economist, да ги набројам само најславните наслови, мислат дека е така. Трамп им е повод во неброените неодамнешни коментари, „длабоки анализи“ и „специјални известувања“ да заклучат дека афирмацијата на политичката деформација е во природата на социјалните мрежи. На удар особено се најде Твитер. Можеби се во право. А, можеби станува збор за тоа дека коалицијата, на прв поглед со спротивставени припадници на елитите, „независните“ новинари и интелектуалци, од една страна, и политичарите и бизнисот од друга, ја губи моќта да ги канализира исходите од политичките процеси, која во окружувањето ги имаше досегашните доминантни медиуми. Со други зборови, новите медиуми ви беа добри додека победуваше кандидатот според вашиот вкус.

Минатото лето со двајца професори од водечките универзитети на Источниот брег долго разговарав за кампањата која штотуку беше започната. Кандидатурата на Трамп на двајцата сè уште им изгледаше само како срам кој доминантната класа сепак ќе успее да го контролира. Сега тоа веќе не е сигурно.

Семето на злото

Стручната и научна комуниколошка и политиколошка литература вообичаено е непрегледна. Но, веќе по почетниот увид се согледува дека за новиот „јавен простор“, како што го нарекува германскиот филозоф Хабермас, сè уште нема доволно квалитетни заклучоци. Овде ќе прикажам неколку најчести тези, подеднакво политиколошки, колку и медиолошки и технолошки.

Првата теза го согледува создавањето на новата коалиција моќници, новите медиуми и (новите) политичари. Таа се развива веќе одредено време и не е поттикната од молскавичниот успех на Трамп. Втората теза зборува дека новите медиуми само овозможија во кампањата, преку феноменот Трамп, да избијат латентните карактеристики на американското избирачко тело, најпрвин долго таложениот расизам. Дури на третото ниво се зборува за комуникациските карактеристики на новите медиуми и дали тие во својата конструкција го содржат семето на злото.

Списанието Daedalus, кое го објавува Американската академија на науките и уметностите, целиот прв број во 2016 година, насловен The Internet, го посвети на анализа на идејата дека новите технологии го поттикнале создавањето на новите социјални структури и создавањето на новите коалиции на елитите. Пресвртот е највидлив во соработката на американската влада и новите технолошки гиганти. Неодамнешниот пример ги потврдува научните согледувања.

Надзорот на тероризмот

Во почетокот на 2016 година, Барак Обама одржа состанок со 14 најголеми технолошки компании и ги повика да се вклучат во борбата против тероризмот. Разговорите беа затворени за јавноста. Се споменуваше дека Фејсбук може да ги идентификува потенцијалните самоубијци, а дека идентификуваните членови на Исламската држава можат да се исклучат од социјалните мрежи. Твитер затвори 125 илјади профили поврзани со ИСИС, а Гугл ги отстрани од пребарувачот промотивните содржини кои ги охрабруваат или поврзуваат терористите. Теоретичарите на заговорире заклучуваат дека неодамнешното одбивање на Епл, на барање на американското правосудство да ги отклучи телефоните на терористите во име на заштитата на приватноста, е само игра со која се сокрива континуираната соработка на технолошките гиганти и владата. Кога познатиот свиркач Едвард Сноуден во 2013 година ги откри „државните тајни“, се откри дека големите компании ги сервисирале безбедносните служби со податоци, што им нанесе голема штета. Се стекна впечаток дека Епл, Гугл, Фејсбук не се технолошки компании, туку шпионски подружници. Појавата не е ограничена на САД. Баиду, кинескиот Гугл, развил систем кој го најавува доаѓањето на социјалните немири, врз основа на однесувањата на мрежата, на пример, користењето на мапите. Тоа е важна информација за властите затоа што во Кина секој ден во фирмите или на патиштата избиваат помеѓу 300 и 500 помали бунтови.

Јохаи Бенклер, авторитет за анализа на развојот на мрежите, во Daedalus истакнува дека ентузијастичката идеја за неутралноста на мрежите падна во 2007/8 година кога почна да преовладува мобилниот интернет, а компаниите кои управуваат со нив почнаа да ја концентрираат моќта. А, од концентрацијата на моќта до влегувањето во политиката нема ни еден чекор. Меѓутоа, The Economist во својот „специјален извештај“ истакнува дека Барак Обама уште во својата прва кампања во 2008 година, ги користел целните индивидуални и персонализирани мејл пораки и интернетските страници. Фејсбук и Твитер сè уште беа во развој, а паметните телефони беа недоволно рашиерни. Инженерите на Обама по кампањата во 2008 година се фалеа дека можат да го именуваат секој од 69 милиони 456 илјади и 897 Американци кои гласале за него. Успеваа да откријат кои тв програми ги гледале потенцијалните гласачи, какви се нивните определувања, а потоа им испраќале мејл пораки. Со пораката во која напишале дека Обама ќе изгуби затоа што другите кандидати потрошиле повеќе, собрале 2,6 милиони долари. Со друга, во која апелирале „направи го тоа за Мишел“, само 700 илјади. Денес, ангажманот на технолошките компании во кампањата е ноторна работа. Ерих Шмит, челник на Гугл, ја сервисира Хилари Клинтон.

Креаторите на мислењето

Значи, според првата теза, подемот на Доналд Трамп едноставно е резултат на преструктуирањето во рамки на политичките елити од кои произлегоа традиционалните медиуми и креаторите на јавното мислење, а политичките исходи ги диктира спрегата на новите политичари и оние кои менаџираат со податоците од социјалните мрежи. Меѓутоа, Ендру Чадвик докажува дека политичкиот успех на социјалните мрежи сè уште не е можен без поддршка од традиционалните медиуми, особено телевизијата. Тоа беше причина заради која многумина, меѓу другите и Обама, за подемот на Трамп ги обвинија медиумите кои некритично ја поддржуваа неговата популарност.

Преостанува накратко да ги прикажеме и преостанатите две тези, дека Трамп едноставно е израз на латентниот американски расизам и примитивизам, и дека новите медиуми, особено социјалните мрежи, се поповолни од традиционалните за развојот на радикалните идеи. Зејнеп Туфекчи, е исто така авторка во Daedalus, но и колумнистка во New York Times. Таа е афирмиран научник во истражувањето на влијанието на технологијата во општеството, но сè уште е само асистентка на Универзитетот Северна Каролина. Тоа потврдува дека станува збор за млада наука, а објаснува и некои нејзини колебања во обидот да го објасни феноменот Трамп. Во колумна во New York Times ги прераскажува своите искуства непосредно по доселувањето од Турција кога во неформалните разговори со Американците ги согледувала расистичките намигнувања, со кои се ловат потенцијалните сродни души, но не се нагласувани заради императивот на политичката коректност. (И самиот во САД наидував на слични замки.) Во медиумите, објаснува Туфекчи, владееше принципот „Овертонов прозорец“, кој го спречуваше користењето не само на експлицитните зборови туку и на премногу радикалните идеи. Во цивилизираното општество секогаш постојат граници на говорот и изразувањето.

Скршениот прозорец

Овертоновиот прозорец е скршен, заклучува Туфекчи. Но, тоа можеби и не би било толку радикално ако Фејсбук, а особено Твитер, не се „соби со огледала“. Луѓето се собираат насекаде и гледаат само истомисленици. Во спротивно се загрозени. Заради недостатокот на граници на коректноста социјалните мрежи не се никакви канали преку кои комуницираат и се дискутираат различните мислења, заклучува Туфекчи. Додава уште една карактеристика, дека следбениците на Трамп на Твитер и во реалноста ја фалсификуваат вистината. New York Review of Books документира дека Трамп очигледно лаже, но тоа не ги збунува неговите следбеници. Интернетот изгради култура преку која за секое тврдење може да понуди контра-тврдење. Кој ќе се занимава со проверки. Прашањето е колку воопшто се можни. Трамп ја искористува таа можност без воздржување.

Нема да бидам првиот кој со појавата на Доналд Трамп ќе го употреби зборот фашизам, што донекаде ми олеснува. Професорот П., кого во своите колумни го споменува колегата од Јутарњи, Борис Власиќ, е уверен дека за ширењето на Хитлеровите политики помогнале тогашните комуникациски технологии, радиото, рефлекторите. Ни фашистите не се воздржувале од радикалните идеи и пречекорувањето на границите на политичката коректност. Тогашните нови технологии денес се стари, а во меѓувреме елитите ги ставија под контрола и ги кодификуваа границите за прифатлива комуникација. Додуша, во меѓувреме се случи светска војна. Овојпат не мора (ако веќе не трае). Во секој случај, треба да се чека општеството да се преструктуира во согласност со новите технологии и да ги употреби во продуктивни цели, да ги стави под контрола. Може да се изначекаме.

Извор: Globus, 08.04.2016