1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 14:59
Никола Груевски е во паника од тоа што ја губи поддршката на народот, па затоа за внатрешни потреби создава имагинарни формулации од типот „секташко организирање“, видени во филмови или, пак, во некои фиктивни книжевни дела, коментира јавноста откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во првиот дел од интервјуто за „Телеграф“ за невладините организации рече дека делуваат секташки, за пари врбуваат млади луѓе, вршат индоктринација, а на состаноците скокаат врз програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски изјави дека во Фондацијата Отворено општество Македонија тренинзите најчесто ги вршеле највидните лица на организациите на Сорос, а од она што го слушал, честопати имало крајно секташко однесување и предавања. Запрашан што мисли под терминот „секташки“, тој објасни: „Еве еден пример што ми го раскажа еден од учесниците, мислам некаде во 2009 година од предавањата. Говорејќи им против политиките на Владата, побарале секој од присутните да се качи на маса и да скокне и да ја гази програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Тотално лудо! Или барање во хор сите слушатели на предавањата да повторуваат: Оваа Влада не чини! И повеќе слични работи, кои човек го шокираат кога ги слуша!“
- Директен коментар за изјавата на бившиот премиер немам, во најмала рака ова е несериозна и непримерна изјава за еден лик со таква позиција во општеството - вели Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на ФООМ.
- Нападите врз Фондација не се изненадување, а последниов бран доаѓа во ситуација кога граѓаните во сè поголем број се на улица и се спротивставуваат на прекршувањето на владеењето на правото и на скандалозната аболиција на претседателот. Во тој контекст, сакам да потсетам дека Фондацијата од своето основање до денес се залага за принципите отворена и отчетна власт, принципи што значат владеење на право, заштита на човекови права, заштита на маргинарилизани групи. Ова се базични вредности што ги браниме и на кои остануваме посветени, но, за жал, пропагандната машинерија на владејачките партии ги става во сенка – вели Каранфилова-Пановска.
Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар истакнува дека десет години сме сведоци како пропагандистичката машинерија на владејачката гарнитура постојано и речиси секојдневно го сатанизира граѓанското општество и секоја независна критичка мисла.
- Последните напади се само продолжување на оваа континуирана хајка. Но, за голема жал на власта, стравот во Македонија е сè помал, граѓаните масовно го кажуваат своето мислење и својот став отворено и секојдневно на улиците низ цела држава, така што само заробени и авторитативни умови можат да зборуваат за слободните граѓани како за некој секта, за предавници, платеници и хулигани – вели Бејкова.
Комуникологот Сафер Тахири вели дека Груевски е во паника и како последица на тоа во граѓанскиот сектор гледа непријател наместо партнер.
- Стравувајќи дека ја губи поддршката кај народот, тој за внатрешни потреби создава имагинарни формулации од типот „секташко организирање“ видени во филмови или, пак, во некои фиктивни книжевни дела – вели комуникологот Сафер Тахири.
За неговиот колега Петар Арсовски тоа што Груевски го зборува повеќе е порака, храна за неговите медиумски мегафони, во кој правец треба да продолжат да зборуваат кога се во прашање невладините организации.
- Тоа е говор на фикции и митови, но нашата нација е податлива за такви приказни, па и затоа го користи тој наратив. Не верувам дека тој верува во тоа што го зборува, туку го користи како пропаганда. Уште пострашно би било да верува – вели Арсовски.
Џабир Дерала од невладината „Цивил“ оценува дека човеков е во грч, но продолжува со злоупотреби и дефокусирање.
- Тој што треба да одговара за сериозен криминал, злоупотреби на моќта и изборни кражби, прави уште едно автоинтервју кое е здодевно, бидејќи е преполно со веќе одамна излитени фрази, клевети и стигматизација. Уште еднаш ги открива манирите на еден автократ, кој мисли дека може да тропоти што му падне на ум и очекува публиката тоа да го проголта без поговор. Е, па помина тоа време. Иако треба да се остане претпазлив и да се внимава на заканувачките тонови што ги упатува низ интервјуто, ова треба да се забележи само како уште едно сведоштво за автократскиот карактер на оваа индивидуа. И како доказ за тоа од каде се генерираат „информативните“ содржини на голем дел од медиумите, кои се во канџите на власта - нагласува Дерала.
Во вториот дел од интервјуто тој го напаѓа Специјалното јавно обвинителство и вели дека делува политички и се користи со методи на УДБА.
Извор: Слободен печат
Слики: Александар Јосифовски