Поради зголемен интерес за газење, ќе се препечатува програмата на ДПМНЕ

28.05.2016 13:02
Поради зголемен интерес за газење, ќе се препечатува програмата на ДПМНЕ

Скопје, 28 мај 2016

Македонија е зафатена од нов тренд – газење на програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Илјадници граѓани, во знак на протест против малоумните изјави на Никола Груевски во негово последно интервју, се приклучуваат на најновиот тренд на газење на програмата. Велат, освен тоа што газењето им ја подобрувало физичката кондиција, исто така влијаело и на нивните нерви.

„Неверојатно ме смирува“, вели еден пензионер од скопската населба Карпош. „Наместо да пијам дијазепам сега секој ден по неколкупати скокам врз програмата. Ги имам десетина, ене ги, ми стојат на тераса“, вели скопскиот пензионер и додава дека и неговите внуци го прават истото, ама надвор, на недограденото спортско игралиште во населбата.

„Никогаш не сум знаела како е да се биде секташ и бунтовник“, вели една средношколка од Охрид. „Сега знам дека чувството е прекрасно.“

„Немам зборови да ја опишам радоста што ја чувствувам“, вели еден родител од Штип. „Со години се чувствував потиштено, а газењето на програмата ми ја врати вербата во животот.“

Газењето на програмата на најлошата политичка партија во историјата на Македонија предизвика зголемен интерес за самата програма, па од ДПМНЕ најавуваат нејзино препечатување, но откако ќе биде надградена и проширена со последното интервју на претседателот на партијата, Никола Груевски.

„Навистина сме изненадени од зголемената побарувачка за програмата“, велат од канцеларијата за пропаганда на ДПМНЕ. „Тоа е знак дека добрите политики на нашата партија вродуваат со плод и наидуваат на одобрување меѓу граѓаните.“ Оттаму најавуваат дека новите примероци ќе се делат бесплатно меѓу граѓаните во најбрз можен рок.

Слика: Фокус