Предупредување до Европа

31.05.2016 11:03
Предупредување до Европа

Политиката во Австрија не е никакво чудо: на власт со години се менуваат една или две партии од центарот, левата и десната. Јавните функции внимателно се делат помеѓу Социјалдемократската партија (SPÖ) и Народната партија (ÖVP). Имаме и два автомобилски сојузи и две планинарски друштва. Австрискиот претседател нема големи надлежности, но можната победа на кандидатот од екстремната десница го насочи вниманието на Европа кон мојата земја. Кај нас, политиката со децении се влече од една до друга голема коалиција, без алтернатива, иницијатива или смислени реформи. Во вториот круг од претседателските избори во недела на 22 мај тој систем беше поразен, а слично се случува ширум Европа. „Водечките австриски партии долго водеа досадна политика, а потоа одеднаш ситуацијата стана многу драматична“, пишува The Economist и додава „дека вообичаената коалиција се покажа неспособна да победи, што е нов проблем за повеќето центристички партии во Европа“.

Во вториот круг на овие претседателски избори немаше претставници од најголемите партии. Граѓаните избираа помеѓу многу спротивставените кандидати на Слободарската партија (FPÖ) на Норберт Хофер и кандидатот на Зелените, Александер Ван дер Белен. Тесната победа на Ван дер Белен не е причина за претерано славење. Според официјалните резултати половина Австрија гласала за кандидатот на екстремната десница. Повеќето аналитичари ја сметаат миграцијата за главна причина за подемот на FPÖ, но бегалската криза е само еден од факторите кои придонесоа за подемот на екстремната десница во последните неколку години.

Во Австрија, за разлика од Германија, по Втората светска војна не дојде до соочување со минатото. Нејзиното општество не е имуно на подемите на екстремната десница и неонацистите, а тоа го покажа и коалицијата на ÖVP и FPÖ помеѓу 2000 и 2006 година. Благодарение на неубедливите центристички партии и новиот харизматичен лидер на Слободарската партија, Хајнц-Кристијан Штрахе – на парламентарните избори во 2013 година, FPÖ доби 21 процент од гласовите, а на овие претседателски избори дури 49,7 проценти.

Претставникот на Слободарската партија, Хофер, во текот на кампањата за претседател на Австрија застапуваше ставови поумерени од својата партија, иако е член на екстремно десничарската студентска организација и коавтор на озлогласениот прирачник на FPÖ. Но, за половината од избирачкото тело гласањето за кандидат од екстремната десница, очигледно веќе не е табу. Гласот за Хофер не беше симболичен протестен глас на изборите после кои следи голема коалиција. Половина земја навистина сакаше кандидатот од екстремната десница поврзан со нацистичките групи да стане претседател на Австрија. Според анализата на Der Standard еден од главните двигатели на излегувањето на гласање на овие избори беше да се запре противникот. Претставникот на Зелените, Ван дер Белен, најмногу профитираше од овој тренд, но Австрија останува поделена помеѓу два погледи на светот: отворениот проевропски и националистичкиот антиевропски.

Според анализата на австрискиот јавен сервис, Ван дер Белен, помеѓу двата круга ги придобил либералните и социјалдемократските избирачи, додека бројот конзервативни гласачи останал ист. За разлика од Франција, Австрија нема традиција на „демократски фронт“ против екстремната десница. И покрај поддршката на партиските официјални лица, ниедна традиционална партија официјално не го поддржа кандидатот на Зелените, така што FPÖ може да очекува победа на следните парламентарни избори, додека двете партии од центарот би требало да размислат за нова голема коалиција ако сакаат да опстанат на власт.

Веста која помина речиси незабележано е дека Австрија помеѓу двата круга од претседателските избори доби нов канцелар. Социјалдемократот Кристијан Керн го започна својот мандат жестоко критикувајќи ја политиката на своите претходници. Повика да престане „грчевитата борба за власт и насочување кон иднината или двете големи партии навистина ќе исчезнат, сосема заслужено“. Тесната победа над екстремната десница навистина е последно предупредување за центристичките партии, не само во Австрија, туку и во цела Европа. Австрија има ниска невработеност и силна економија, што е уште една причина резултатите од овие избори да ги сфатиме сериозно. Во својот победнички говор Ван дер Белен повика на единство, дијалог и присебност: „Многумина во оваа земја се чувствуваат изолирани. Потребна ни е поинаква политика која не е цел самата по себе, туку се занимава со реалните стравови и проблеми“. Пораката дека на гласачите им е доста од традиционалните партии, што ги чини поподложни на популизам, екстремизам и ксенофобија треба да ја слушнат и Австрија и Европа. И тоа, што побрзо.

Извор: http://www.voxeurop.eu

Слични содржини

Општество / Свет
Европа

ОкоБоли главаВицФото