Најлошиот филм на сите времиња

13.05.2010 11:59
The Room

Го нарекуваат „Граѓанинот Кејн“ на лошите филмови и најголем нов култен феномен на светот, за кој дури и серозните весници пишуваат есеи. Дали „The Room“ е навистина толку грозен и, како што е карактеристично за секоја крајност, на тој начин се здоби со свои следбеници?

Веќе бесмислената, но бескрајно експлоатирана и силувана фраза „Најлош филм на сите времиња“ го изгуби своето значење во оној миг кога IMDB и’ дозволи на рајата да ги објавува своите детинести идиотизми на форумот, а интернетот ги отвори вратите на пеколот за секој мозок кај кој постои желба за празнење, па во духот на кибер-демократијата им даде можност на критичарските блогери во сопствениот и во светот на своите пријатели, како и на патниците намерници, да залутаат до некоја статија и да се расправаат околу тоа чија умна глава е во право.

Во таква ситуација, веќе постепено се изгуби онаа општо прифатена, иако не претерано смислена традиционална теза дека „најлошиот филм на сите времиња“ е „Plan 9 From Outer Space“ на Ед Вуд, што некои критичари го одбраа за век и векови (при што, истовремено се забораваат имиња како Џес Франко или Ули Ломел, на пример; се разбира, најлесно е да застанете кај Ед Вуд и да се преправате дека никој ништо не снимил по 1959 г.), токму како што „Граѓанинот Кејн“ беше прогласен за најдобар филм на сите времиња, без оглед на тоа дека секоја година се снимаат стотици и стотици нови филмови во светот и на тоа колку филмски генијалци од 1941 г. па сè до денес се појавиле на овој свет.

Затоа е интересно што во 21-от век, во време кога секој втор филм што може да се најде на IMDB е „најлошиот филм на сите времиња“, а некои „класици на лошото“ добиваат и свои документарни посвети (како неодамнешниот „Best Worst Movie“, посветен на незаборавниот хорор „Trol 2“), новиот носител на титулата „најлошиот филм на сите времиња“ воедно е прогласен и за „Граѓанинот Кејн на ’Лошиот филм’“, како омилена играчка на неумоливиот хипстерски сарказам.

Новиот шампион на матната категорија се нарекува „The Room“, а во 2003 г. Томи Вајси го замисли и сними како сериозна драма, иако исходот поради трагичниот недостаток на милиграм талент во секој сегмент на ова дело го претвори во – чиста трагикомедија! „The Room“ претставува вистински пример за тоа што ќе се случи кога секој си замислува дека може да биде режисер – чиста катастрофа, ако зборуваме за нескладот меѓу замислата и оствареното, се разбира, но сигурно не во смисла на привлеченото внимание и медиумскиот ефект. Имено, „The Room“ прво шокираше со тоа колку е лош, а потоа почна да ја развеселува критиката која можеше да се опушти како во ретки случаи. Па така, IFC.com гласот на ликот на Вајси го спореди со „Борат кој го имитира Кристофер Вокен кој глуми ментално заболен човек“, а The Guardian го смести филмот веднаш покрај Ед Вуд и „Trapped In The Closet“ на Р. Кели.

Уште за време на неговата премиера, според сведоците, по првите десет минути кино-салата се претворила во полигон за незапирливо смеење на публиката; за жал, дури и оние кои се смееле не го препорачувале никому, бидејќи во првата дистрибуциска рунда на големото платно филмот заработил само 2000 долари. А биле вложени седум милиони!

Во вистински манир на американскиот инди филм, Вајси самиот ги собрал и потрошил тие седум милиони, без помошта на ниту едно студио; за среќа, бидејќи најверојатно би завршил под вода со бетонски блокови околу нозете ако ваквиот производ го претставел пред студиските главешини и со него се обидел да ја оправда инвестицијата.

Она што е неверојатно за ваквото не-дело е фактот што филмот се прикажувал во кино-салите, макар еден ден, но како што со секоја измината година статусот му се преобразувал од обичен „лош филм“ преку „феномен на лошиот филм“ до „урнебесено најлош филм на сите времиња“, така се враќаше во кино-салите и конечно стана омилениот midnight movie на новите генерации од САД и Британија. Впрочем, реакциите на публиката и класичните колективни изливи на емоции поврзани за ваквите наслови го претворија во своевиден, иако трагично неочекуван, наследник на феноменот Rocky Horror Picture Show, при што публиката на проекциите доаѓа облечена како главните ликови, рецитирајќи одредени реплики и преку физички имитации реагирајќи на некои од најлудите сцени. Кога ги прашале обожавателите во што се состои финтата, тие биле јасни – ниедна комедија во историјата не предизвикала смеа кај гледачите со токму таа сцена, како што тоа го прави „The Room“. А тоа што не е замислен како комедија е само дополнителен плус...

Не требаше многу време филмот да се здобие со свои славни поборници, па така, во култното следбеништво се придружија од Кевин Смит, преку Кристен Бел и Френк Блек, до Алек Болдвин, а до денес, седум години по последната клапа, „The Room“ стана сериозен конкурент за преземање на титулата „Најдобар најлош филм“, како и за добивање сопствен документарец. По ѓаволите, неговата необична приказна и анализата на тоа колку се исплаќа неквалитетот, кога е толку неквалитетен што преку методата на полн круг станува брилијантен, ги анализирале многумина, од ТВ станиците ABC и Fox до филмските аналитичари на Entertainment Weekly и The Times.

 На тој начин „The Room“ од едвај гледлив и урнебесен кретенизам стана еден од најголемите инди феномени на новиот милениум. Тешко е да се објасни зошто, ако не дозволите да се заврти пред вашите очи и уши, и да ви го загади мозокот и да ви ги затегне стомачните мускули поради неконтролираната смеа.

Приказната на филмот е за љубовниот триаголник на млади Американци, и жената која го изневерува идниот сопруг со неговиот пријател, а сето тоа е снимено налик на театарска претстава во неколку простории, со огромна количина темелно нееротични сцени на секс по квадратна минута во филмот, кои го приближуваат до естетиката на меката еротика на ТВ филмовите на доцните 1980-ти и раните 1990-ти.

Веќе првата дијалошка сцена изгледа и звучи како скеч, па не сте сигурни дали треба да се смеете или да плачете од мака. Не е тоа само дека кастингот, глумата, сценографијата, звукот, синхронизацијата, музиката и режијата се лоши – едноставно ништо, ама баш ништо не функционира и се распаѓа длабоко во секоја пора на секој кадар. „The Room“ е толку многу различен од останатите класични „треш хорори“ и промашени блокбастери кои се вечни кандидати за ироничната титула „Најлоши, но најдобри“.

На крајот на краиштата, да се сними нешто навистина „грозно“ не може да се знае – само да се стори несвесно, преку вистински анти-уметнички процес, без разлика на тоа колку денес режисерот Вајси тврди дека се работи за црна комедија во која секоја дебилност е намерна. Некои од глумците тоа веднаш го негираа, објаснувајќи дека човекот едноставно сакал да сними драма, но очигледно не знаел како, а еден неименуван член на филмската екипа за весниците изјави: „Тој е добар лик. Ама страшно сере. Сакаше да сними драма. Тоа беше полигон за демонстрација на неговите актерски способности“.

Па тогаш, дали „The Room“ е најлошиот филм на сите времиња? Можеби не е, но е доволно лош и едноставно морате да го изгледате. Веднаш!


Извор: zurnal.info

ОкоБоли главаВицФото