„Хорхе, ти си срам за Македонија!“

31.05.2016 14:07
„Хорхе, ти си срам за Македонија!“

„Хорхе, ти си срам за Македонија!“ Ова беше централната порака на протестниот собир што се одржа вечерта на 30 мај во центарот на Скопје. Мотото на овој настан на Шарената револуција беше: „Селективната правда е направда“.

Вообичаено, протестот почна пред зградата на Специјалното јавно обвинителство, по што демонстрантите се упатија кон Собранието. Полицијата се обиде но не успеа да го спречи повторното обојување на Триумфекалната капија.

„Чекорејќи по улиците се наметнавме како учесник во решавањето на кризата. Дел од барањата парцијално се остварени, но останува уште доста до остварување на сите барања. Го допревме моментот на сега или никогаш. Остануваме на улица до целосно разрешување на кризата, ќе останеме и при градењето на новите демократски вредности. Се гледаме на улица. Секој ден во 6. СЈО“, се вели во еден од прогласите на организаторите.

„Во една изјава нашиот бивш премиер се пожали дека никој не му кажал Фала Никола! Денеска ќе му речам: фала што нè собра сите, фала му што ми ве подари вам. Тоа никогаш нема да ти го заборавам Никола.“ Вака на Груевски му се „заблагодари“ Симона Спировска од бината порачувајќи му на тиранот:

„Ама нема да ти ги заборавам медиумите, нема да ја заборавам А1 телевизија, нема да ги заборавам сите украдени медиуми, нема да ти ја заборавам Тамара, нема да ти го заборавам Мартин, соборците кои ги изгубивме по пат, за сите ќе ни платиш.“
По протестот полицијата го приведе возачот на пикапот што секојдневно го користат протестантите. Возачот Џовани бил приведен „заради прибирање докази за оружје употребено за оштетување културно наследство“.

На Фејсбук страницата на Шарената револуција по повод приведувањето се појави порака:
„Портата ли ви е културно наследство?
Епа, грда ви е портата, па ја разубавуваме!
Запамтете, клучното оружје на оваа борба не е ни чаталот, не се ни боите, ни балоните, ни пикапот.
Ние сме клучното оружје, граѓаните! Ние со нашите глави и тела. Ќе нè приберете ли сите?“

ОкоБоли главаВицФото