Успех на „Три дена во септември“ во Берлин

01.06.2016 19:17
Триумф на „Три дена во септември“ во Берлин – награден за најдобар филм, актерка и режија

Филмот „Три дена во септември“ освои три важни награди на шестото издание на фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа во Берлин. Интернационалното жири му ја додели наградата за најдобар филм, додека младото интернационално жири реши наградата за најдобра режија да му ја додели на Даријан Пејовски, а за најдобра актерка ја прогласи Камка Тоциновски.

Фестивалот што се одржува во Париз, Берлин и Нингбо оваа година започна во Берлин (од 26-29 мај). Во текот на четирите фестивалски дена беа прикажани 16 филма од земјите од овој регион. Проекциите се одвиваа во кино салите на Универзитетот Хумболт и Националниот музеј во Берлин.

Фестивалот изобилуваше и со многу придружни содржини, како симпозиуми, изложба, музички настани итн. Секоја проекција беше придружена со прашања и одговори во кои учествуваа и авторите. Во рамките на церемонијата на отворањето на фестивалот беа доделени специјалните признанија на фестивалот кои секоја година се доделуваат на истакнати личности од областа на филмскиот и општествениот живот. 

На завршниот ден на второто по ред издание на SEEFF Berlin 2016 беа доделени и наградите на фестивалот:

Интенационалното жири составено од проф. Д-р. Алфрун Клименс (Професор за Западно-словенска литратура и култура на Универзитетот Хумболт), Дорка Грилус, актерка, Роланд Руст, уметнички директор на филмскиот фестивал во Котбус, Питер Ромел, филмски дистрибутер и Ердоган Аталај, актер, ги додели следниве награди:

Најдобар актер – Емир Хаџихафисбеговиќ, „Нашиот секојдневен живот“, Босна и Херцеговина

Најдобра актерка – Кика Георгиу, „Тивко“, Грција

Најдобра режија – Снежана Трибусон, „Се најдобро“, Хрватска

Најдобар Филм – „Три дена во септември“, Македонија

Специјална награда жирито му додели на режисерот Томас Логореци, за филмот „Бота“, Албанија.

Младото интернационално жири, пак, ги додели следниве награди:

Најдобар актер – Уликс Фехмиу, „Нашиот секојдневен живот“, Босна и Херцеговина

Најдобра актерка – Камка Тоциновски, „Три дена во септември“, Македонија

Најдобра режија – Даријан Пејовски, „Три дена во септември“, Македонија

Најдобар Филм – „Бота“ – Албанија.

Фестивалот продолжува во Париз, од 1 до 5 јуни, а потоа и во Нингбо, Кина, од 7 до 12 јуни.

Извор: http://www.radiomof.mk