И со кичот на сликите Груевски застана во редот на диктаторите

02.06.2016 16:24
И со кичот на сликите Груевски застана во редот на диктаторите

Историчарите на уметност и познавачите на уметноста со долгогодишен стаж во независниот културен сектор, велат дека е ирелевантно да се коментира за уметничката вредност на платната кои ќе осамнат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, бидејќи се работи за уште еден триумф на кич и идиотизам. Нивниот став е дека овие дела, нарачани преку сомнителни постапки и тендери, се само уште една коцка во функција на пропагандата која ги зацврстува тоталитарните тенденции и примитивната мегаломанија.

- Како што констатираше и извештајот на Прибе, нема одвојување на партијата од државата, па логично беше кичот со кој ги нагрдија постоечките и новоформираните државни институции, да го намачкаат и на ѕидовите на новоизграденото партиско седиште. Како што опскурно ги градеа и мачкаа сите институции, преку матни зделки и сомнителни тендери, со преплатени цени за сомнителна изведба, така го прават тоа и со сликите – вели Роберт Алаѓозовски, есеист и долгогодишен работник во областа на културата.

Огромните платна нарачани од украински и бугарски автори (повеќе од 50 и со позлатени рамки), излегоа во јавноста на порталот „Нова ТВ“ по што веднаш предизвикаа бурни и негативни реакции во јавноста. На сликите се гледа партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, во сегашниот, како и претходните состави и тоа во повеќе варијанти, на митинзи и на партиски состаноци, а има и слики на експремиерот Груевски со неговото семејство. На социјалните мрежи, еден од бројните бесни и комични коментари гласеше: „Три години живеев во стан со квадратура колку портретот на Груевски“.

- Овие нацсоц-реалистички платна открија дека со оваа партија и со државата владеат примитивни мегаломани со кои треба да се позанимаваат здравствените институции од казнено-поправен карактер. Дали се при здрав памет луѓето кои трошат милиони евра за позлатени рамки, за десетици метри безвредно обоено платно, кога економски инвестиции нема, државата е презадолжена (од нив), невработеноста е рекордна, а луѓето масовно се иселуваат од земјата? Кичот од платната и целиот контекст несомнено ја разоткриваат амбицијата на Груевски да се нареди во редот повоени диктатори, како Енвер Хоџа, Садам Хусеин и династијата Ким-Ил - вели Алаѓозовски.

Искра Гешоска, долгогодишна работничка во независниот културен сектор, вели дека за вредноста на овие дела не би зборувала, бидејќи тие можат да бидат анализирани само од социо-културен, психоаналитички и политички аспект.

- Делата се естетски ирелевантни бидеќи немаат цел да придонесат за развојот и прогресот во сферата на историјата и теоријата на уметноста. Во тие сфери покажуваат само монструозна ретроградност и не се ништо повеќе од тажна и ужасна пропаганда - вели Гешоска.

Таа додава владеачката партија ја користи културата како што ја користеле сите тоталитарни владетели до сега.

- Сѐ што создадоа како уметничка и културна продукција е веќе виден концепт на тоталитарните наративи кои сакаат да згазат, да обезвреднат и обезмоќат за да можат безусловно да владеат. За нив уметничкото творештво е само алатка за пропаганда на масовна хистерија и хипноза.

Историчарот на уметност, Златко Теодосиевски вели дека да се оценува уметничкиот квалитет на тие дела е како да се бара уметнички квалитет на Бит-пазар.

- Не можам кај тие „нешта“ да оценувам уметнички квалитет, зашто тоа е исто како да барате уметнички квалитети на Бит-пазар, на тезгите со домати и кромид. Но, нивно право е да си го украсуват домот со лудории од секаков тип. Проблем е што целата држава ја направија една голема кич парада – вели Теодосиевски.

Теодосиевски вели дека кичот одамна триумфирал кај нас, уште кога премолчано се премина преку „Скопје 2014“.

- Не знам каков им бил мотивот, ама пораката секако е: дури и ова ќе му се допадне некому. И јас сум сигурен во тоа, ќе видите дали некој од нивните „уметници“ ќе каже макар збор за овој идиотизам! Кичот одамна триумфираше кај нас, уште во мигот кога македонската „интелигенција“ премолчено премина (не само) преку „Скопје 2014“. Ова е само уште едно камче во налудничавиот мозаик - вели Теодосиевски.

Историчарот на уметност Бојан Иванов пак, истакнува дека во случајов се работи за еден модел на култура без производ, односно култура на потрошувачка и евтин преплатен сурогат на творештво.

- Пакувањето само наликува на сликарство, а стоката е само лажно означена шминка со (сериозно) одминат рок за употреба. Културата е бесрамно видлив и јавно изложен пазар, а економијата е скришно подметната култура за идеолошка легитимација на грабежот. Надвор светот се руши и преобликува а партискиот ентериер се консолидира со осликана приказна за ликовите кои се отстранети или оддалечени од процесот претставен како валидно политичко наследство – вели Иванов.

Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото