Како капитализмот нè направи болни

03.06.2016 09:41
Како капитализмот нè направи болни

Нарушувањата на менталното здравје, како дел од општото здравје кое воедно е и важен извор на сила, стабилност и сигурност за поединецот и заедницата, во денешно време претставуваат сè поголем проблем. Сè почестата појава на нарушувања на менталното здравје и нивната манифестација кај помладата возрасна личност, посочуваат кон драстичниот пад на квалитетот на животот во општеството. Меѓу психичките нарушувања кај денешната популација, секако најзастапени се депресивните и анксиозните состојби, биполарните и шизотипните, и делузивните нарушувања, во кои спаѓа и шизофренијата. Но, токму зачестеноста на појавата на депресивните нарушувања во текот на последните педесетина години, со нагло влошување на менталната слика на општествата од осумдесеттите, претставува причина за загриженост.

Депресијата, како пример за една од најсериозните ментални болести, која предизвикува страдање кај заболената личност и нејзината околина и значително ја попречува или целосно ја уништува секоја можност за смислено и продуктивно функционирање во општеството, се вбројува во најчестите психијатриски нарушувања. Се предвидува дека секој десетти маж и секоја петта жена во својот животен век барем еднаш ќе манифестираат симптоми на оваа болест. Во 2012 година Светската здравствена организација ја прогласи депресијата за глобална закана, додека во извештајот од 2015 година се наведува дека во светот дури 350 милиони луѓе боледуваат од депресија, а се претпоставува дека до 2020 година ќе го заземе водечкото место меѓу болестите кои сериозно го загрозуваат животот, и на подолг временски период, а понекогаш и трајно, го онеспособуваат поединецот за работа.

Меѓу другото, овој негативен тренд е рефлексија на економско-политичките и културолошките прилики кои многу го променија животот на современиот човек. Психичкото и физичкото здравје на поединецот е условено од цврстата поврзаност и здравиот однос со својата околина. Но, поединецот во капитализмот е отуѓен од самиот себеси, природата и другиот човек. Поимот на отуѓувањето, како одвоеност од работниот процес, плодовите на сопствениот труд и другите работници, ги наоѓаме во делото на Карл Маркс. Надоврзувајќи се на него, Ерих Фром тврди дека поединецот, како индивидуа која се стреми кон самоостварување и солидарен живот во рамки на заедницата, го обликува општеството во кое живее, па се наметнува заклучокот дека и корените на менталната патологија, која ги зафаќа колективите во целина, лежат во патолошките општествени претпоставки.


Анимација со која се објаснува концептот на Маркс за алиенацијата: Гилијан Андерсон (Извор: BBC Radio 4
)

Понатаму, Фром ја разгледува корелацијата на постоечкиот капиталистички начин на производство и неговото влијание врз општеството во целина, па така, забележува дека поимот на менталното здравје подразбира „развој на човекот до целосна зрелост спрема карактеристиките и законите на човечката природа“. Концепцијата на Фром за човечката природа поаѓа од гледиштето на нормативниот хуманизам, оградувајќи се од претходните толкувања прикажани кај теоретичарите, филозофите и социолозите како Сократ, Тома Аквински, Ниче, Фројд, Сартр, повеќето постмодернисти, Ролс и други. Фром тврди дека луѓето имаат вродена природа која може да се оствари со задоволување на основните човечки потреби за односи, креативност, коренитост, чувство на идентитет, рамка на ориентација... Исто така, човечката природа ја разбира преку концептот за самоактуелизација, а доколку поединците кои го сочинуваат општеството не успеат да се изборат за неа, невозможно е да се оствари општество кое ќе може да ги задоволи наведените потреби и да оствари целосен развој на човекот до неговата зрелост.

Во општеството во кое акцентот е на натпреварот помеѓу членовите и во кој системски се докинува секоја врска на човекот со околината, поединецот нужно станува објект на околностите, наместо да се стреми кон станување субјект кој управува и одговара за својот живот и животите на луѓето во рамки на заедницата на која ѝ припаѓа. Отуѓената и деморализирана индивидуа која во капитализмот не е во состојба да го сфати императивот на економската самоодржливост, не е способна да го реализира целиот свој човечки потенцијал.

Во поново време, спроведени се бројни студии и социолошки истражувања од чии резултати е видлив драматичен пораст на бројот психички заболени личности кај општата популација, кои можат да се доведат во врска со порастот на бројот невработени и процесите на прекаризација кои низ целата класна, етничка и полова стратификација, со многу малку исклучоци, ги дисциплинираат работниците, постепено навикнувајќи ги на режим на засилена експлоатација во структурно сè понеизвесни и пофлексибилни услови. Имено, иако експлоатацијата на работната сила е конститутивна за капитализмот, а маргинализацијата на општествено и класно послабите групи можеме да ја воочиме од самите почетоци на капиталистичкиот начин на производство и преминот од феудален во капиталистички систем на стопанисување, во последните триесетина години неолибералните структурални реформи предизвикаа општествено и културно поместување, кое и тоа како влијаеше на промените во менталниот статус на човекот и заедниците кои му припаѓаат.


Интервју во кое Ноам Чомски зборува за поимот за отуѓување на Фром, 13 март 2009. (Извор: Chomskyan @ YouTube
)

Политиките како мерките за штедење и приватизацијата на јавните добра и услуги, кои по глобалната криза 2007-8 година засилено ги наметнуваат светските финансиски институции, а ги спроведуваат владите во служба на интересите на домашниот и транснационалниот капитал – ги претвораат условите за работа, работничките права и остатоците од јавните сервиси кои се круцијални за репродукција на работничката класа, во простор за амортизација на последиците од кризата. Истовремено, за капиталот се отвора можност за напад на наследството на работничките борби, материјализирана во постоечките социјални компромиси и јавните институционални аранжмани.

Тоа само ја поддржува прекаризацијата и сето она што таа го подразбира: работниците сè почесто се принудени да бидат перманентно на располагање, со што се брише границата помеѓу работното и приватното време; повремено вработените работници преку договори на одредено време и со слаба синдикална застапеност вршат притисок, на пример, со намалување на цената на трудот, врз постојано вработените работници со договори на неопределено време и донекаде синдикална поткрепа, што и за едните и за другите резултира со зголемување на чувството на неизвесност и анксиозност.

Работникот во таков систем на постојан натпревар станува лесно заменлив и често единственото што му преостанува е да прифати каква било работа. Бројот невработени и привремено вработени е во константен пораст, а особено загрижува стапката на невработеност кај младите, за кои се претпоставува дека во својот работен век ќе променат повеќе десетици работодавачи. Згора на тоа, луѓето помлади од 35 години тешко наоѓаат работа, а губењето на работата и наоѓањето нова е особено тешко за работниците од средното и постарото доба.

Илустрација од оглас објавен во американско списание од 1916 година, во кој образованието се провлекува како клуч за поголеми приходи (Извор: Википедија)

Поимот невработеност донекаде беше непознат пред времето на индустријализацијата и воспоставувањето на односот работодавач-вработен. Во општата употреба во англискиот јазик е воведен дури 1890 година, и тоа според германскиот поим „Arbeitslosigkeit“. Флуктуациите во рамки на современиот економски систем ги принудија европските и северноамериканските општества на отфрлање на тврдењето кое со векови служело како двигател на напредокот – работа има за секој што сака да работи – и кое во капиталистичкиот систем, а особено во неговата неолиберална варијанта, никако не држи. Хајди Ширхолц од американскиот Институт за економска политика, нагласува дека значајниот пораст на стапката на невработеност во САД од 2007 до 2015 година, независно од нивото на образование, е последица на „намалената потреба за работна сила заради структурните промени на пазарот на трудот“. Вкупниот број невработени во Европската унија порасна од 7,2 проценти на 9 проценти од 2007 до 2015 година, додека невработеноста кај младите кон крајот на 2015 изнесуваше 19,7 проценти.

Во истиот период Хрватска доживеа севкупен пораст на бројот невработени од речиси 7 проценти – стапката на невработеност до крајот на 2015 година порасна дури на 16,5 проценти. Но, најшокантен е порастот на бројот невработени млади лица од речиси 20 проценти – по што Хрватска е трета во Европа, веднаш зад Грција и Шпанија. Во Хрватска, кон крајот на 2015 година, стапката на невработеност меѓу младата популација изнесуваше 44,1 процент, што е речиси половина од работоспособното население на возраст до 24 години. Доколку стане збор за високообразованата работна сила, сè што им се нуди се мерки за стручно оспособување кои како помош при вработувањето на младите би можеле да ги споредуме со гаснење шумски пожар со чаша вода. Под маската за стекнување нови и проширување на постоечките знаења и вештини, младите луѓе работат слабо платени работи со едногодишни договори по кои се враќаат на пазарот на трудот, а веројатноста дека покрај илјадниците невработени ќе се најде адекватно платена работа е многу ниска.

Од 2010 година институциите на Унијата донесоа низа пакети за помош за вработување на младите и нивно понатамошно усовршување. Истовремено, се надеваат на намалување на стапката на напуштање на школувањето и јакнење на програмата за помош на 20 милиони луѓе кои се на работ на сиромаштијата. Не е сосема јасно на кој начин би требало да се остварат овие цели, заради што многумина сметаат дека се работи само за уште еден обид за купување социјален мир, без долгорочно решение на системски индуцираниот проблем. Статистиката е мошне црна и кога зборуваме за вработените зашто има сè повеќе луѓе кои без никаква сигурност се фрлени на милоста и немилоста на слободниот пазар. Уделот на вработеноста кај младите со скратено работно време (во вкупната вработеност на младите во 2011 година) изнесуваше 25 проценти, додека 40,5 проценти работеле врз основа на договор за работа на определено време. Вкупниот број вработени со скратено работно време на ниво на Европската унија изнесуваше 19,8 проценти.

Константната неизвесност и безперспективноста ги натераа луѓето на шизофрен живот исполнет со страв, недоверба и горчина кон институциите и државниот апарат кои овозможија непречена циркулација на капиталот, експлоатирајќи го трудот на економски угнетените класи. Во таква, економски изразено неповолна, технократска и антидемократска атмосфера, тешко е да се остане мотивиран и способен за работа, тешко е да се остане здрав. Губењето на работата го поткопува човечкото чувство за вредност, го отуѓува од заедницата и го прави помалку активен, што резултира со дефлација на неговите психички и физички капацитети. Човекот преку работата ги задоволува своите темелни потреби, кои не се нужно врзани за нивниот материјален аспект, туку и со потребата за самоактуелизација, за изразување на креативноста и самопочитта.

Според Дарити и Голдсмит, губењето на работата и трајната невработеност создаваат чувство на губење контрола над сопствениот живот, што нè доведува до заклучокот дека зголемувањето на стапката на невработеност и бројот привремено вработени довело до системско зголемување на бројот луѓе кои се деморализирани, депресивни и работно неспособни. Болеста, и тоа како, има своја цена, која на различни начини се изразува во зависност од класната позиција – додека работниците ја мерат со детериорацијата на своето ментално здравје, капиталистите ја доживуваат како трошок при работењето, кој го артикулираат јавно и преку редовните пресметки за загуби во работни денови и продуктивност, а кои се манифестираат со детериорација на билансот на нивната банкарска сметка.

Извор: http://slobodnifilozofski.com

ОкоБоли главаВицФото