Пет прашања кои даваат одговор дали разговорите на Груевски и гатачката се од јавен интерес

03.06.2016 14:16
Петпрашања кои даваат одговор дали разговорите на Груевски и гатачката се од јавен интерес

По обелоденувањето на две снимки од разговори помеѓу поранешниот премиер Груевски и неговата „гатачка“ се поставува прашањето: Дали објавените снимки се од јавен интерес или станува збор за приватни разговори кои не се од интерес на јавноста?

Одговорот на ова прашање зависи од одговорите на неколку потпрашања:

Прво, дали разговорите се автентични или пак (како што тогашниот премиер се бранеше при обелоденувањето на претходните разговори) станува збор за креирани, сечени, лепени, монтирани разговори? Се разбира, ако не станува збор за автентични разговори, тогаш од јавен интерес би било прашањето: Кој е тој што ги креирал разговорите и како успеал на толку веродостоен начин да го репродуцира не само гласот на премиерот, туку и двочасовниот муабет кој изобилува со многу детални информации за личниот и политичкиот живот на премиерот и неговите блиски соработници? Лично не верувам дека досега е измислена технологија која може да искреира толку веродостоен говор на гатачка во живо, со толку голема упатеност во личните и политички (не)прилики на фамилиите Груевски и Мијалкови.

Второ, дали разговорите се вршени во работно време и во службени простории, или пак во приватни простории вон работно време? Ако разговорите се вршени во работно време (или во службени простории), тогаш тие автоматски се од јавен интерес, затоа што укажуваат на злоупотреба на службена должност. Имено, граѓаните не го плаќаат премиерот за да слуша претскажувања и совети од гатачки во работно време, туку да слуша совети од платени стручни советници за полесно да може да донесува одлуки кои се во интерес на граѓаните. И, се разбира, од јавен интерес е и прашањето дали гатачката била плаќана за нејзините услуги со буџетски пари?

Трето, дури и разговорите да не се вршени во работно време и во службени простории, содржината на снимките укажува дека „гатачката“ лично му се обраќа на премиерот, почитувајќи ја „хиерархијата“. Тоа е показател дека станува збор за службени разговори, во кои се разговара не само за лични, туку и за политички теми. Самиот факт што се разговара и за политички теми ги прави разговорите од јавен интерес: Што има премиерот да разговара со „гатачка“ за политички теми? Но, дури и оние делови од разговорите кои се однесуваат за лични прилики, повторно би биле од јавен интерес ако се земе предвид хиерархискиот однос премиер-државна службеничка: Што има премиерот да разговара со државна службеничка за приватни теми?

Четврто, од јавен интерес е да се дознае кој ги снимал разговорите помеѓу премиерот и „гатачката“. Овде не станува збор за телефонски разговори, туку за разговори во живо па, оттаму, овие снимки се од сосема различна природа во споредба со оние што беа обелоденети од опозицијата минатата година. Не поминуваат сега минатогодишните прикаски на Груевски дека објавените снимки од страна на опозицијата се снимани на два начина – од инженер од УБК (кој бил дел од мрежа која работела за странски служби) и од странски служби со мобилна опрема по принцип „клонирање на базни станици“. Сега Груевски ќе мора да и објасни на јавноста: Како дозволил да биде сниман во живо како премиер додека зборува за политички теми и за прашања во врска со безбедноста и криминалот? Или пак, ако самиот користел систем на снимање на разговорите во неговата канцеларија (угледувајќи се на Никсон), врз основа на кои овластувања тоа го правел, и како дозволил тие снимки да „протечат“?

Петто, и независно од сите претходни одговори, јавноста има право да знае дали политичарите кои јавно се претставуваат како демохристијани се придржуваат до христијанските принципи кои ги промовираат во своите говори и програми. Колку за потсетување, Груевски во својата биографија има запишано дека „има силна верба во Бога“ и не пропушта прилика да се фотографира како почитувач на православните христијански традиции во храмовите на МПЦ. Јавноста има право да знае кога политичарите не се придржуваат до начелата кои јавно ги промовираат.

Оттаму, во конкретниов случај, на потег е МПЦ, која има строги норми не само за гледачите кои се занимаваат со претскажување, туку и за оние што одат кај гатачи или повикуваат гатачи. Колку за потсетување, медиумите објавија пред три години дека владиката Иларион изјавил дека „гатачите и бајачите му служат на ѓаволот, не на бога“, а на сајтовите на МПЦ може да се прочита 61 правило на Трулскиот собор: „За оние што одат кај гатачи и гатаат за било што – 6 г. да не се причестат“. МПЦ ги предупредува своите верници дека „православниот христијанин треба да се чува од сите наведени облици на празноверие: вражање, баење, гатање… затоа што сето тоа е дело на ѓаволот…“.

Останува да видиме дали МПЦ ќе ја осуди демо(н)христијанската практика на повикување гатачки и дали ќе ги предупреди своите верници да се чуваат од политичари кои лажно се претставуваат како христијани, а повикуваат гатачки кои „му служат на ѓаволот“.

Или, како и досега, камбаните на МПЦ ќе продолжат да бијат за демо(н)христијаните?

Слики: Свирачиња

Извор:http://slobodna.mk