МПЦ згрозена од паганските ритуали на Груевски

04.06.2016 10:34
МПЦ згрозена од паганските ритуали на Груевски

Скопје, 4 јуни 2016

Македонската православна црква го осуди паганското поведение на поранешниот премиер Никола Груевски, нагласувајќи дека идолопоклонството и гатањето не се активности што му доликуваат на еден демохристијанин.

Архиепископот Господин Господин Стефан изрази жалење за последните испади на Груевски, кој во седиштето на партијата постави огромна слика од себеси, најтесното семејство и соработници.

Но, капката што ја прелеала чашата кај МПЦ е користењето на услуги од гатачка, што според челниците на Македонската православна црква е чисто пагански ритуал.

Неофицијално, дознаваме дека Груевски се правдал со слабата кадровска екипираност на советниците што ги има, велејќи дека покрај такви соработници, подобро е да користи услуги од гатачки.

МПЦ веќе ја разгледува можноста да го исклучи Груевски од Црквата, но за тоа ќе решава за посебно заседание.

Освен МПЦ, својата разочараност ја изразија и Миленко Неделковски, Мирка Велиновска, Татјана Каракамишева и Александар Пандов, кои сметаат дека користењето на услуги од гатачка е навреда за нивните аналитичарски способности.

Гатачката која ја консултираше редакцијата на Пара вести предвидува дека во обид да ја намали лутината кај МПЦ, Груевски ќе се врати на старите демохристијански навики кои ги практикуваше досега, како купувањето скапи автомобили и подигнување статуи од многубошци во центарот на Скопје.

Слики: Странски служби